Да продолжиме да бараме од политичарите да се однесуваат одговорно но истовремено и да им помогнеме во заедничка промоција на политичка култура која јасно и недвосмислено ги отфрла клиентелистичките и коруптивните практики како општествено неприфатливи
Тони ПОПОВСКИ
Современата демократска држава не може да фукционира без политички партии. Од друга страна, доколку државата им се препушти на партиите без да се превенира сеприсутен клинетелизам, за последица може да имаме киднапирана демократијата и заробена држава. Оваа каузална но истовремено опасна врска е докажана преку низа примери во младите демократии на Југоисточна Европа, за жал и кај нас и кај нашите најблиски соседи.
Во позадина на клиентелизмот на политичките партии, е метод за размена на материјални добра и услуги за политичка поддршка од поединци или групи избирачи. Овој однос се карактеризира со аранжман quid pro quo (услуга за услуга), каде што политичарите обезбедуваат насочени придобивки или услуги на членовите и симпатизерите во замена за нивната лојалност, гласови или други форми на политичка поддршка. Или поконкретно, политичките партии и политичарите кои се наклонети кон негување на клиентелизмот, селективно дистрибуираат ресурси, како што се јавни добра, работни места, бенефиции за социјална помош или инфраструктурни проекти, на одредени поединци или групи избирачи во замена за политичка поддршка. Притоа, не ретко овој трансакциски однос оди на сметка на поширокиот јавен интерес.
Во продолжение неколку редови за последиците.
Нагласениот клиентелизам предизвикува ерозија на демократските вредности, бидејќи примарна цел е да се конзервира политичката моќ преку лични врски и лојалност наместо фокусот да биде ставен на формулирање и спроведување политики кои целат кон севкупна – неселективна благосостојба на општеството. Целта на клинетелистите е да се владее поради самата привлечност на моќта и владеењето, а за остварување на таа цел потребни се колку е можно повеќе директни и лојални клиенти. Втора последица е селективната распределба на придобивките и следствено продлабочување на нееднаквостите, а кои во овој ѓаволов круг понатаму генерираат радикализам, недоверба во институциите и државата создавајќи услови за внатрешна дестабилизација на демократскиот систем.
Тенка е границата помеѓу клиентелизмот и корупцијата. Клиентелизмот е постојано во зона на девијатно прелевање. Размената на услуги за политичка поддршка лесно транзитира во злоупотреба на јавни ресурси, поткуп или други неетички практики.
Како да се справиме со клиентелизмот?
Добрите практики во постарите либерални демократии упатуваат на потребата од континуирана и одлучна примена на начелата на доброто владеење во институциите, промовирање на транспарентноста, и негување на култура на одговорност. Клиентелизмот на политичките партии нема да може да го намалиме без комбинација на ефективни правни и институционални мерки, а покрај нив мора под итно да поработиме и на нивото на политичката култура во рамки на партиите но и кај избирачите.
Имаме донесено робусна регулатива за спречување на корупцијата, но мора да ја прошириме и со објаснување и адресирање на клинетелизмот како девијантен феномен. Состојбите се дојдени до таму да можеби треба да се размислува за создавање на обврска за јавно објавување на регистрите на членови на политичките партии, покрај одредби со кои се уредува транспарентноста во финансирањето на политичките партии односно задолжителното декларирање на сите извори на финансирање. Првото би било од полза за институциите кои се најодговорни за вработувањата во јавниот сектор бидејќи би овозможило директен увид во партискиот активизам и позадина на кандидатите. Некој со право ќе рече дека на овој начин би загрозиле други демократски права и слободи, но клиентелизмот кај нас е толку „забеган“ што негово превенирање или намалување на кус рок е невозможно без порадикални мерки.
Потребата од итно адресирање на клинетелизмот е крупен аргумент во прилог на промена на изборниот систем од мнозински во пропорционален. Застапеноста на повеќе самостојни политички субјекти па и независни пратеници во Собранието и следствено со влијание во владата, ќе превенира доминација на само неколку политички елити. Истовремено ефективна мерка би било воведување на отворени листи за изборите, кои на гласачите би им овозможиле да изберат индивидуални кандидати за кои имаат сознание дека поседуваат доволно интегритет за претставување и владеење, наместо да се принудени да гласаат за партиски генерирани листи каде лојалноста е примарниот критериум.
Уште една мерка која може најдиректно да придонесе за намалување на ризиците од клиентелизам, кронизам и корупција е подрастично ограничување на трошоците за водење на изборна политичка кампања во комбинација со зголемена алокација на буџетски средства за функционирање на политичките партии, а со цел да им се помогне на политичките партии да не зависат од донации на политички клиенти во замена за политички услуги.
Говориме за потребата од подобрување на транспарентноста на институциите но време е да проговориме и за потребата од унапредена транспарентност на политичките партии. Добар почеток би бил партиите јавно да ги објават критериумите за избор на кандидати и извештаите од спроведениот внатрешен процес на селекција. Во тој случај, по однос на критериумите, потешко ќе биде за партиите на прво место да ја позиционираат лојалноста кон лидерот и тековното раководство наспроти критериумот за компетентност.
И последно но не помалку значајно е европското – граѓанско образование кое мораме посилно да го конципираме и целосно да го интегрираме во наставните програми па дури и во високото и неформалното образование. Императив на кус рок треба да ни биде зголемување на политичката писменост кај населението. Многу поверојатно е дека образован избирач ќе направи информиран избор заснован на квалитет на политики, а не врз основа на директна понуда за клиентелистички аранжман. Мора да ја подигнеме свеста за негативните последици од клиентелизмот и неговото влијание врз демократското владеење и тука клучна улога треба да одигра граѓанскиот сектор. Во оваа преодна фаза кон вистинска консолидирана демократија само со влијание на мрежите на граѓански организации можеме донекаде успешно да му се спротивставиме на влијанието на клиентелистичките мрежи. Во оваа смисла, апсолутно вредни се сите граѓански повици за негување култура на одговорност во политичките партии, потсетувајќи ги дека добиваат доверба за да служат на јавниот интерес, а не на индивидуалните или групните интереси.
Да продолжиме да бараме од политичарите да се однесуваат одговорно но истовремено и да им помогнеме во заедничка промоција на политичка култура која јасно и недвосмислено ги отфрла клиентелистичките и коруптивните практики како општествено неприфатливи.