Кочани веќе не е само точка на картата

Кога ќе се случи трагедија, не постојат „тие“ и „ние“. Постојат само луѓе кои страдаат, кои сочувствуваат и кои помагаат. Затоа, ромската заедница, која честопати е навикната да биде објект на донации и хуманитарна помош, овој пат покажа дека и знае, и сака, и умее да дава.

Асиб Зекир*

Кочани деновиве не е само град, Кочани е болка. Болка која не познава возраст, етничка припадност или верска определба. Оваа болка се разлеа низ целата држава, од селата до градовите, од источниот до западниот крај – стигна длабоко и во срцата на Ромите од Кочани, Штип, Куманово, Скопје, па сè до Шуто Оризари и дијаспората низ Европа.

Кога ќе се случи трагедија, не постојат „тие“ и „ние“. Постојат само луѓе кои страдаат, кои сочувствуваат и кои помагаат. Затоа, ромската заедница, која честопати е навикната да биде објект на донации и хуманитарна помош, овој пат покажа дека и знае, и сака, и умее да дава.

Од младите кои помогнаа при погребите, до повозрасните кои учествуваа во организирање на собирите на солидарност, до граѓаните на Шуто Оризари, кои отворија и се запишаа во книга на жалост, па сè до европските ромски лидери кои обезбедија финансиска помош за семејствата на настраданите. Ова беа гестови кои зборуваат повеќе од илјада зборови.

Ромската Фондација за Европа донираше парични средства. Но вредноста на оваа помош не е само во бројката, туку во симболиката: дека оваа заедница не е тука само за да прима, туку и да подаде рака. Да биде потпора, таму каде што државата понекогаш доцни, а општеството заборава.

Херојството не секогаш доаѓа со фанфари. Често е тивко, ненаметливо, но моќно. Како што еднаш рече нобеловката Малала Јусафзаи: „Не мораме сите да бидеме славни, но сите можеме да бидеме храбри.“

Ромите денес покажаа токму тоа – храброст и човечност. Од неформалните собирачи на отпад кои секојдневно ја штитат и чистат нашата животна средина, до лидерите кои несебично донираат и ја претставуваат оваа заедница со достоинство. И сето тоа без очекување на аплауз.

Неколку тивки, изолирани гестови на солидарност останаа неприметени, но тие се само дел од пошироката слика на стотици Роми кои без двоумење застанаа зад семејствата погодени од трагедијата во Кочани.

Ова малцинство има што да понуди. Понекогаш – и повеќе од мнозинството. Зашто вистинската сила на една заедница не се мери по нејзината бројност, туку по нејзината човечност.

*Асиб Зекир, извршен директор на РЕДИ – Северна Македонија

Зачлени се на нашиот е-билтен