Кога премиерот суди, а Советот на обвинителите одобрува, сами си ставааат свилен гајтан околу вратот

обвинителите

Реакцијата на Ристоска, дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со центрите на моќ, не е лична фрустрација. Таа е аларм. Аларм дека механизмите за заштита на независноста се сведени на форма, без суштина.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Во секое општество што претендира да биде демократско, постои една линија што не смее да се премине. Таа не е формално испишана во законите, но е суштинска за нивното функционирање: линијата меѓу политичката моќ и независноста на правосудството. Иако обвинителството, формално е дел од извршната власт, заради владеењето на правото и заради принципите на правната држава, тој дел од правосудниот систем суштински треба да биде независно. Кога таа линија се замаглува, државата влегува во опасна зона не на формално укинување на правото, туку на негово постепено еродирање.

Случајот со јавната обвинителка Ленче Ристоска не е изолиран инцидент, туку симптом на една подлабока системска слабост. Кога врвни политички моќници континуирано јавно денунцираат претставници на правосудството, прашањето не е дали тие имаат право на мислење. Прашањето е – каква тежина има тоа мислење кога доаѓа од позиција на власт?

Кога премиер јавно ќе нарече обвинител „медиокритет со политичка матрица“, тоа не е обична квалификација. Тоа е порака. Порака не само до конкретниот обвинител, туку до сите во системот: дека постои цена за постапување во предмети што допираат до политичката моќ. Особено кога тој истиот политички лидер е индиректно засегнат од истраги поврзани со финансирањето на неговата партија, како што се случаите „Талир 1“ и „Талир 2“.

Во таков контекст, границата меѓу политичка реторика и институционален притисок станува опасно тенка, а во случајот на однесувањето на премиерот дури и пречекорена со умисла.

Дополнителна тежина на овој случај му дава и фактот што извршната власт, според бројни реакции во јавноста, индиректно влијаела и врз процесот за избор на македонски судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, токму во момент кога Ристоска фигурираше како сериозен кандидат. Дури и ако ова не може формално да се докаже, самата перцепција за такво влијание е доволна да ја поткопа довербата во институциите, во овој случај Владата која првиот пат ја поништи одлуката на комисијата за предлог на судии во Стразбур, а вториот пат си спроведе постапка по свој терк.

Но можеби најзагрижувачкиот дел од оваа приказна не е ниту политичкиот напад, ниту неговиот интензитет. Најзагрижувачка е институционалната тишина и тоа на оние институции во чии редови е нивна колешка.

Советот на јавни обвинители, телото што по дефиниција треба да ја гарантира самостојноста на обвинителите, одлучи дека нема доволно докази за загрозување на професионалниот интегритет на Ристоска. Со тоа, практично, испрати порака дека јавните навреди и дискредитации кога доаѓаат од највисоките ешалони на власта не претставуваат притисок, сè додека не се експлицитно поврзани со конкретна одлука или предмет или име.

Ова е опасно тесно толкување на поимот „притисок“.

Затоа што притисокот во современите демократии ретко е директен и експлицитен. Тој е суптилен, индиректен, но сепак ефективен. Се создава преку јавен говор, преку дискредитација, преку испраќање сигнал до системот кој е „подобен“, а кој не. Токму така како што прави премиерот Мицкоски.

А институциите, во овој случај Советот на јавни обвинители, постојат не да реагираат само кога штетата е веќе направена, туку да спречат создавање на таква атмосфера. Зашто треба да знаат дека кога премиерот суди, а Советот на јавни обвинители одобрува, сам си става свилен гајтан околу вратот.

Реакцијата на Ристоска, дека обвинителите се оставени сами да се справуваат со центрите на моќ, не е лична фрустрација. Таа е аларм. Аларм дека механизмите за заштита на независноста се сведени на форма, без суштина.

Кога обвинител ќе побара заштита и нема да ја добие проблемот е во системот.

И токму тука лежи суштината на овој спор. Не во тоа дали некоја изјава е навредлива или не. Туку во тоа дали политичката моќ смее да создава амбиент во кој носителите на правдата ќе чувствуваат дека нивната професионална иднина зависи од нивната „усогласеност“ со власта.

Демократијата не се руши одеднаш. Таа се троши, малку по малку, преку компромиси, преку молк, преку нормализација на недозволивото. А кога институциите ќе замолчат или некритички одобруваат, тогаш зборуваат само моќните.

Зачлени се на нашиот е-билтен