Кога универзумот седнува во кафеана не сте сигурни кој ќе плати на крајот

универзумот

Големиот архитект нè става и нас, читателите, пред конечен избор: можете да ја изберете СЛОБОДАТА, но тогаш ја оставате ЉУБОВТА. Она што не постои како опција е да ја имате ЉУБОВТА и да бидете целосно СЛОБОДНИ. Таа комбинација кај Големиот архитект – или ако сакате, кај Природата – не постои.

Миле БОШЊАКОВСКИ*

Мотивот за пишување кај секој писател веројатно е различен. Некој пишува за да побегне од реалноста, некој за да ја разубави, некој за да ја поедностави. А има и такви што пишуваат за да ја расклопат, дел по дел, како стар радио-приемник, само за да проверат зошто одвнатре крчи.

Валентин Нешовски припаѓа на оваа последна, поретка група.

Ако мене ме прашувате, не пишува приказни за да избега од реалноста, туку за да ѝ направи заседа. Да ја фати неподготвена, да ѝ направи глич, да ја натера да се сопне на сопствениот код. Да ја најде првата грешка во системот – онаа што сите ја чувствуваме, ама ретко знаеме да ја именуваме.

Во триологијата на Валентин Нешовски тој создава свет со строга внатрешна логика, со свои правила и последици – свет кој не постои само за да биде декор, туку за да дише. Во третата книга насловена Кафеаната на крајот на универзумот, тој оди чекор подалеку: тој свет веќе не ни го објаснува, туку ни го покажува. А тоа е моментот кога литературата престанува да поучува и почнува да делува.

Со првиот ракопис добивме „Една книга. Втората ни ја донесе „Последната мисла во универзумотЌ. И на крај типично скопски – сите нас писателот нè однесе во кафеана. И тоа не било каква, туку на крајот и на почетокот од универзумот.

Пред да седнеме на маса, во таа кафеана сепак, морам да застанам на еден од најинтересните аспекти на оваа книга – светот што го гради авторот. Особено на еден збор: Ехонити.

Очигледно станува збор за авторски неологизам. Не позајмен, не преправен, туку нов, вешто и интелигентно создаден. И токму тука, според мене, се гледа зрелоста на авторот.

Зошто е ова важно за добра научна фантастика?

Ајде по ред.

ЕХО – трага, повторување без извор, присуство без тело.
Суфиксот -ИТИ – асоцира на ентитети, на хуманити, на нешто што звучи небиолошки, а сепак човечко.

Ехонитите не се киборзи, не се андроиди, не се AI, не се холограми. Тие не припаѓаат на веќе одомаќинените фиоки на жанрот. Како збор, „Ехонити“ звучи како именување на нова егзистенцијална состојба.

И токму тука, за мене, Нешовски се втемелува како автор со оригинален концепт – нешто што денес е речиси невозможно во научната фантастика. А уште поважно: тоа го прави наш автор, од дома, без комплекс и без потреба од имитација.

Ликовите во триологијата се трансформации на човекот во услови на радикален технолошки и цивилизациски пресврт. Телото ја губи улогата на носител на човештвото – затоа што човештвото, во класична смисла, веќе не постои. Она што останува е одек.

Роб, Дон, Хал, Р2, Големиот архитект, Спектар, а особено специфичната појава на љубовта, претставена како Лена, ни отвораат комплексен универзум. Преку класична научна фантастика, книгата ги поставува истите прашања што си ги поставуваме со векови: што е идентитет, каде завршува моралната одговорност и има ли смисла човековото постоење – во време кога биологијата е напуштена, а свеста е само ехо на некогашниот човек.

За мене лично, работите тука се прилично јасни. Не постои суштинска разлика меѓу материјалните, телесни луѓе и Ехонитите. Истите глупости нè мачат, истите дилеми нè прогонуваат, додека сите заедно сме во потрага по добра кафана.

Или, да бидам појасен, ќе пренесам еден извадок од книгата:

Ние сме слободни не затоа што системот не не ограничува, туку затоа што одвнатре сме способни да надминеме се што тој ни дава.

Ако можеш да се сомневаш дека си симулиран, тогаш твојата мисла веќе е излезена надвор од симулираното. А, она што може да излезе од таква стварност е веќе слободно. Самото СОМНЕНИЕ е слободата. Да не зборувам за противење, барање излез или бунт.

Сомнежот е излез. А она што може да излезе – е веќе слободно, ме разбираш?

„Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“ нема амбиција да биде брз бестселер. Заедно со претходните две книги, јас би ја сместил во категоријата „книги кои траат“. Книжевност која на долг рок станува наднационална, надидентитетска. Она што најблиску можам да го именувам со англискиот збор legacy – аманет, оставштина, трага што останува.

Ако треба со една реченица да се каже што е оваа книга, тогаш тоа би било:
место каде што универзумот седнува на маса со самиот себе – и не е сигурен кој ќе плати на крајот.

Фискалната сметка во оваа кафеана ја носи универзалното битие, Големиот архитект, кој им дава избор на јунаците. И тука Нешовски го создава моментот што лично мене ме вознемири. Со негови зборови: „слободата создава светови, но љубовта е таа која ги чува“.

Големиот архитект нè става и нас, читателите, пред конечен избор: можете да ја изберете СЛОБОДАТА, но тогаш ја оставате ЉУБОВТА. Она што не постои како опција е да ја имате ЉУБОВТА и да бидете целосно СЛОБОДНИ. Таа комбинација кај Големиот архитект – или ако сакате, кај Природата – не постои.

И, за крај, уште еден цитат:

Спектар ? – проговори Дон овојпат тивко.
Да, пријателе.
Оваа кафеана……има ли крај ?
Не. Има само следна шанса за разбирање.

*
Текстот на оваа колумна е прилагодена верзија од обраќањето на Миле Бошњаковски на промоцијата на книгата „Кафеана на крајот и на почетокот од Универзумот“, дел од трилогијата на која и претходеа „Една книга“ и „Последната мисла во Универзумот“, на Валентин Нешовски.

Зачлени се на нашиот е-билтен