Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Конечно, сонцето на слободата ќе ја огрее Фамилијата. Да живее правдата!

Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА

Една голема неправда е исправена. Апелацискиот суд ги укина пресудите на неколку членови на благородната Фамилија, тие посветени чувари на македонската демократија и прогрес, и ги врати на повторно постапување, а жалбата на Обвинителството ја прогласи за беспредметна. Не е прва, но секако дека е една од најголемите победи на македонското правосудство. Браво!

Конечно, сонцето на слободата ќе ги огрее кутрите великомаченици од Фамилијата. Тие неправедно беа судени, некои и осудени на затвор, а некои долго време се мачеа во домашен притвор во луксузни хотели.

Членовите на Фамилијата неправедно и лажно беа обвинети за прислушување на илјадници луѓе, заробување на државата, малтретирање, тепање, уцени, рекет, судско-полициски прогон, тежок грабеж на јавните пари во милијарди евра, медиумски хајки, тешки изборни кражби и убиства. Не, ништо од тоа не се случило никогаш или барем додека Фамилијата беше на власт. Кој ќе каже или напише такво нешто, мора веднаш да биде даден на суд.

Сѐ за што зборуваа и пишуваа предавниците и странските агенти и платеници, сѐ што беше напишано во обвинителните акти – кутрите тие, добри домаќини, членови на таа сложна Фамилија – не го сториле! Тие се, всушност, жртви на стотиците илјади граѓанки и граѓани замаени од алуминиумот што се прскаше од небото, задоени со лагите на странските служби со жолтите комбиња.

Така замелушени, тие со години протестираа и божем бараа правда, еднаквост и слобода, а веќе ги имаа во изобилство, бидејќи Фамилијата работеше 24/7 да го обезбеди тоа.

Мора еднаш засекогаш да се запомни!

На тие што протестираа со години, не им беа испраќани тенкови и специјалци.

Никогаш никој не бил малтретиран, ниту на работа, ниту на било кое место, ако не мисли исто како Фамилијата.

Немаше раздор, немаше национализам, страв и насилство.

Земјата не беше изолирана и заборавена од сите.

Не украдоа милијарди евра и не ги депонираа во даночните раеви.

Не го парцелизираа Водно и не изградија палати за себе и за своите послушни полициско-пропагандни кучиња.

Студентите во читалната „Браќа Миладиновци“ никогаш не беа тепани.

Момчето не беше убиено на плоштад, а министерката за внатрешни работи никогаш не се обиде да го скрие убиството.

Никогаш не се спомна „завршување во ендек“ за опозиционерите.

Никогаш немаше влечење за уши. Немаше човечиња.

Само ни се стори дека МВРО е ВМРО и обратно.

„А војна да направиме?“ – тоа никој од Фамилијата не го кажал.

Не прислушуваа илјадници луѓе.

Сето тоа е лага!

Сега, драги граѓанки и граѓани, брцнете во џебовите и почнете да собирате пари за отштета за нанесените душевни болки на великомачениците од Фамилијата.

Да живее правдата!

ПС. Некој опцу? Срам да ви е! Ова е свечен момент за македонската правда. Бидете пристојни!

Зачлени се на нашиот е-билтен