Конструктивност со мирис на предвремени избори

Она на што сега треба да се обрне внимание се реакциите кои стануваа сѐ поизнијансирани дека  „излезот“ на Таравари од владата е „влез“ во предвремени парламентарни избори. Ова особено во услови кога уставните измени и европскиот пат се во застој, а не се прават сериозни чекори во други области, како што се судството, администрацијата, економијата и во други области.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Конструктивно е заедничката оценка, заедничкиот именител за двете средби на Мицкоск. И за онаа со Таравари, расипувачот на забави, и со лидерите од остатокот на Влен (Вреди).

Од целиот овој изблик на конструктивност, сепак, епилогот, како што оценуваат медиумите и експертите, е дека владината коалиција ќе биде сериозно оштетена.

Соопштенијата од двете средби се речиси идентични по нетранспаретноста и молкот на сите страни после средбите за тоа што се разговарало на нив. Тоа само потврдува дека розите на владината коалиција не само што не цветаат, туку почнаа и да венеат.

Тоа е поттикнато и од кусите коментари на некои од актерите од сите страни.

Зекирија Ибрахими, од ААА/ВЛЕН, изјави дека непринципиелната политика на две фотелји завршила и дека не може истовремено да се биде и со ДУИ и во Владата, со што, јасно алудираше на Арбен Таравари.

Таравари, пак реагираше преку објава на социјалната мрежа Фејсбук, иронизирајќи го ВЛЕН (Вреди) со кратката порака: „Не вреди“, уште пред да заврши средбата ВЛЕН-Мицкоски.

Тиквата не е само пукната, очигледно таа е распарчена.

Во оваа ситуација Мицкоски, наместо да ја прифати реалноста и да се престрои со она што му останува во владината коалиција се обидува да добие на време, до крајот на овој месец, во надеж дека ќе ја врати идилата за кохезија во Владата. Којзнае зошто одбиваше да се соочи со фактот дека Таравари имал вонбрачна, пардон, вонвладина врска со старата љубов – ДУИ.

Она на што сега треба да се обрне внимание се реакциите кои стануваа сѐ поизнијансирани дека  „излезот“ на Таравари од владата е „влез“ во предвремени парламентарни избори. Ова особено во услови кога уставните измени и европскиот пат се во застој, а не се прават сериозни чекори во други области, како што се судството, администрацијата, економијата и во други области.

Сето тоа придружено со редица скандали што ги направија Љутков, со неисплаќање на платите на културните работници, на Тошковски со навредата на родителите и роднините на загинатите и повредените во Кочани…

Се разбира, опција предвремени избори за ВМРО-ДПМНЕ е кошмар со кој не би сакале да се соочат кога се така убаво „залулкани“ во идилата што само они ја гледаат дека во државата никогаш не било поубаво.

Од друга страна, интересни се изјавите што доаѓаат од СДСМ, што само потврдуваат дека предвремени парламентарни избори заедно со локалните веќе не е опција која што не е прифатлива.

„Паралелно со подготовките за локалните избори, започнавме и првични иницијативи за разговори со потенцијални албански коалициски партнери“, изјави лидерот на СДСМ Венко Филипче, нагласувајќи дека СДСМ останува отворен за дијалог со сите политички субјекти и е подготвен да реагира на секој политички развој.

од некои од последните изјави на Мицкоски веќе се забележува дека ниту тој не е толку тврд дека нема потреба од вонредни парламентарни. Неодамна изјави дека не е исклучена можноста за организирање предвремени избори, но истакна дека тоа нема да се случи поради кризата во Владината коалиција ВЛЕН, туку како резултат на трагедијата во Кочани, каде животот го загубија 62 лица, а околу 200 беа повредени.

Иако оваа негова причина повеќе личи на инструмент за да се прикријат вистинските мотиви, тоа само потврдува дека предвремените избори полека си го заземаат местото во секојдвената политичка комуникација.

Како и да е, едно е сосема јасно. Предвремените избори за ВМРО-ДПМНЕ доаѓаат премногу брзо што само говори дека резултатите од нивното владеење за само десет месеци не ги даваат очекуваните резултати, ниту ветувањата.

Зачлени се на нашиот е-билтен