Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Контаминација: Како домашните политичари и пропагандисти го користат израелско-палестинскиот конфликт?

Во наративите на социјалните мрежи, кои еруптираа веќе во првите часови од крвавиот конфликт во Израел, може да се забележи (донекаде) прикриен антисемитизам и сосема отворена омраза против Албанците. Се разбира, освен етничката, тука се и очекуваните изрази на верска омраза. Неизбежно, тука се и обидите да се одржи поларизацијата на линија Исток-Запад.

Пишува: Џабир ДЕРАЛА

Читајќи го извештајот на ЦИВИЛ мониторинг тимот за ураганот од дезинформации и говор на омраза по избивањето на крвавиот судир меѓу Израел и Хамас, не можам да се оттргнам од впечатокот дека луѓето изгубиле секаква мерка. Од друга страна, ако погледнете подобро, не е воопшто чудно. Се работи за истите наративи полни со говор на омраза, само настаните се различни. Доволни се само почетни информации, за веднаш да се изградат грдите кули од дезинформации.

Иронично, среде тие високо кренати бранови на бесмислени конструкции и измислици – и многу омраза – изгледа дека, всушност, никому и не му е грижа за тоа што навистина се случува.

Како тоа? Едноставно, целта е да се предизвика, одржи и, по можност, засили поларизацијата во општеството, што потоа носи политички профит.

Затоа, фактите не само што не се важни, туку се и крајно непожелни. Важни се наративите со кои се предизвикуваат емоции на страв и згрозеност и се поттикнува агресијата кај луѓето. Секој конфликт, каде и да се случува, има „употребна вредност“ – да се поттикнат или да се одржат конфликтите на домашен терен.

Актерите се познати. Тоа се ултра-десните националисти и антизападни пропагандисти и политичари во обид (не мора да ги именувам, доволно е да се прочита споменатиот извештај на ЦИВИЛ), чија агенда нема врска со тоа што навистина се случува, туку со нивната потреба да се промовираат себеси.

Нивните начини и стилови се препознатливи и очекувани. Тие користат приземен речник и намерно (и крајно неодговорно) претеруваат во поедноставувањето и злоупотребата на информациите. Без оглед на тоа колку тоа е соодветно (ним тоа им е неважно), и фактите и дезинформациите ги користат за да ги проектираат во контекст на домашните состојби.

Реалноста на конфликтите секогаш е пострашна и далеку покомплицирана од дезинформациите и лажните наративи. Но, колку и да се страшни и говорат (или не говорат) „во прилог“ на едната или другата страна, фактите се непријатели на креаторите на пропагандните наративи. Затоа што, кога фактите еднаш ќе фатат корен, пропагандата се распрснува како меур од сапуница.

„Загрижените“ пропагандисти и нивните нарачатели и/или спонзори и ментори преферираат да користат дезинформации, бидејќи на тој начин можат да го контролираат наративот и да го насочат онаму каде што ним најмногу им користи. Затоа, фактите се користат само ако може да се искриват или насочат во насока на нивните манипулативни постапки. Тие добро знаат, а нивната неука публика нема или не сака да знае, дека најочигледните факти може да се искористат за злонамерно и деструктивно дејствување.

Во наративите на социјалните мрежи, кои еруптираа веќе во првите часови од крвавиот конфликт во Израел, може да се забележи (донекаде) прикриен антисемитизам и сосема отворена омраза против Албанците. Се разбира, освен етничката, тука се и очекуваните изрази на верска омраза. Неизбежно, тука се и обидите да се одржи поларизацијата на линија Исток-Запад.

Ситуацијата се поврзува со Украина, па терористичките напади на Хамас во Израел се претставуваат како успех, а израелската војска се споредува со НАТО и Западот кој „води војна со Русија во Украина“.

Тоа се добро познатите наративи на руската пропаганда кои немаат ни најмала врска со реалноста.

Факт е дека во Украина се води ослободителна војна против руската геноцидна агресија, без НАТО сили. Врската на најновото воено жариште на Блискиот Исток со руската агресија против Украина е во тоа што овој конфликт е во корист на Кремљ (ако не и директно поддржан/спонзориран), за да се дисперзира фокусот и да се намали помошта за Украина, каде што руската солдатеска веќе со месеци е во срамна дефанзива.

Но овие факти се целосно непожелни за домашните националисти и антизападни пропагандисти, алчни за внимание и контрола на наративите. Тие затоа секогаш брзаат да ја контаминираат јавната комуникација, да предизвикаат врева и да ја дисторзираат реалноста.

А писменоста и вокабуларот? Очекувано, тие се под секое ниво. Подобро да не ги коментираме. (ЦивилМедиа)

Зачлени се на нашиот е-билтен