Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Краткорочни популистички победи наспроти долгорочни реални загуби

Очигледно е од примерот со Брегзит дека треба да сме многу внимателни, особено Македонците, кога емоционално се приклонуваме кон реактивно-популистичка и алтернативна политичка понуда, која може да нè внесе во голема неизвесност и да нанесе сериозни социоекономски, но и внатрешно-безбедносни последици.

Тони ПОПОВСКИ

Повод за колумната е објавениот резултат од последното теренско испитување на јавното мислење во Обединетото Кралство кое е поврзано со Брегзит, а каде на прашањето: Дали да се остане надвор (од ЕУ) или повторно да се приклучиме?, цели 61% од испитаниците се определуваат за повторно зачленување наспроти 39% кои се определени Обединетото Кралство да остане надвор од ЕУ.

Кон проверката на јавното мислење е пристапено меѓуостанатото и поради иницираната петиција во декември 2022 година со која се бара од британската Влада да спроведе јавна истрага за влијанието на Брегзит врз нејзината земја и нејзините граѓани, наведувајќи дека „бенефициите што беа ветени доколку Обединетото Кралство излезе од ЕУ не се испорачани“.  Во петицијата се повикува на слободна, независна, јавна истрага, ослободена од идеологија, бидејќи луѓето заслужуваат да знаат како Брегзит влијае на трговијата и економијата и на можностите за младите луѓе во земјата, и какво е влијанието врз човековите права.

Во својот коментар за петицијата, британската Конзервативна Влада, потенцира дека „Заминувањето на Обединетото Кралство од ЕУ беше демократски избор, а ОК – ЕУ институциите функционираат како што е планирано. Владата не верува дека ова е соодветна тема за јавна истрага.“

Во продложение барем една лекција поврзана со Брегзит, а  која е поучна во пресрет на  претстојната одлука,  дали да продолжиме со европските интеграции преку уставната измена или поради голем популистички притисок да се вратиме во чекалница?

Брегзит се случи на 31 јануари 2020 година но иницијативата датира повеќе од пет години претходно. Во момент кога рејтингот на Конзервативците е постепено загрозен од Лабуристите (втора половина на 2014 и почеток на 2015 година), конзервативниот премиер Дејвид Камерон во недостаток на привлечна и милозвучна понуда, дава популистичко ветување дека ќе одржи референдум за излез од ЕУ, доколку неговата влада биде реизбрана. На изборите во 2015 година, владејачките конзервативци извојуваа победа и последователно беше одржан ветениот референдум, на кој гласачите избраа да ја напуштат ЕУ со  51,9 отсто од гласовите. Оваа мала маргина предизвика оставка на Камерон и негова замена со Тереза ​​Меј, како и четири години макотрпни и на моменти многу неизвесни преговори со ЕУ за условите на заминување и за идните односи. Жртва на растегнатите преговори беше Тереза Меј. Овие преговори успешно ги заврши владата на Борис Џонсон, обезбедувајќи краткорочно враќање на популарноста и продолжено владеење на Конзервативците. Сепак пресврт во рејтингот во прилог на Лабуристите се случи набргу потоа, кон средината на 2021 година. Во моментов иако со тренд на благ пад, Лабуристите одржуваат разлика во популарност од над 15% пред Конзервативците.

Од референдумот за Брегзит до денес, владите на Конзервативците ги предводат пет премиери. Нема многу да погрешиме доколку оваа нестабилност кај Конзервативците во голема мерка ја атрибуираме на потфрлањата поврзани со Брегзит како нивен „флегшип“ политички проект, наспроти ветувањата за поголем просперитет и благосостојба.

На пример, на британската јавност пред да се одржи референдумот и беше кажано дека 350 милиони фунти кои Обединетото Кралство ги уплаќа во ЕУ секоја седмица, наместо тоа, може да се вложат во модернизација на Националниот здравствен систем (NHS). Во декември, 2022 година, Центарот за европски реформи споделува наод дека Брегзит всушност го намалил британскиот БДП за 5,5 отсто до вториот квартал на 2022 година, што, пак, предизвикало намалување на вложувањата во јавните услуги, вклучително и во Националниот здравствен систем. Од своја страна, Канцеларијата за буџетска одговорност (OBR), официјален независен економски прогнозер на ОК, претпоставува дека увозот и извозот на ОК ќе бидат 15% пониски на долг рок во споредба со останувањето во ЕУ.

Разгледувајќи ја оваа претпоставка во својата економска и фискална перспектива од март 2023 година, OBR заклучува дека трендовите во трговијата останале конзистентни со ова гледиште и дека продуктивноста, а со тоа и БДП, ќе бидат 4% помали на долг рок отколку ако ОК останеше во ЕУ. Слични се анализите и на Банката на Англија која изјави дека напуштањето на ЕУ веројатно ќе има негативен ефект врз продуктивноста преку намалување на трговијата меѓу ОК и ЕУ, со проценка дека Брегзит ќе ја намали продуктивноста за 3¼% на долг рок во однос на сценариото со останување во ЕУ.

Да се вратиме на поучната лекција. Очигледно е од примерот со Брегзит дека треба да сме многу внимателни, особено Македонците, кога емоционално се приклонуваме кон реактивно-популистичка и алтернативна политичка понуда поврзана со стратешки развојни правци поинакви од патот кон полноправно членство во ЕУ, а која може да нè внесе во голема неизвесност и да нанесе сериозни социоекономски, но и внатрешно-безбедносни последици.

Треба да знаете
Moже да ве интересира