Македонија на раскрсница: Од корупција до институционална трансформација

Трагедијата во Кочани, исто како и тие што претходеа, ни покажа со болна прецизност како екстрактивните институции активно го поддржуваат организираниот криминал, создавајќи длабоки пукнатини во општествената кохезија. Во системот што се храни од корупција и неефективност, за жал, трагедиите стануваат неизбежен исход.

Љуан ИМЕРИ

Општествениот пејзаж на нашата земја е неуморно обоен со корупција и непотизам, каде елитите ја одржуваат својата моќ преку систематска екстракција на ресурси и клиентелизам. Скандалите од висок профил се само врв на ајсбергот што ја потврдува системската корупција.

Трагедијата во Кочани, исто како и тие што претходеа, ни покажа со болна прецизност како екстрактивните институции активно го поддржуваат организираниот криминал, создавајќи длабоки пукнатини во општествената кохезија. Во системот што се храни од корупција и неефективност, за жал, трагедиите стануваат неизбежен исход.

Додека ние се прашуваме како стигнавме до оваа точка, одговорот веќе одамна е пред нас – уште пред десетина години, научните истражувања ги разоткрија институциите како нашите, што непречено промовираат беззаконие, корупција и непотизам. Овде се реферирам на книгата „Зошто нациите не успеваат“, која првпат беше објавена во 2012 година од Дарон Ацемоглу и Џејмс А. Робинсон. Со ова дело се афирмира хипотезата за институциите како главна причина за просперитетот. Авторите добија Нобелова награда за економија во 2024 година, што е доказ за значајноста на нивното истражување. Па така, додека се подготвувам за настан по покана на нобеловецот Џејмс А. Робинсон, во Чикашкиот Универзитет каде што ќе разговараме за „Разрешување на конфликти преку образованието“ ја читам оваа книга по третпат, односно сега после последната трагедија, овој труд ми отвора очи за длабоките структурни проблеми и укажува на потребата од суштински промени.  

Повлекувајќи паралели со книгата „Зошто нациите не успеваат“, може да се заклучи дека екстрактивните институции во Северна Македонија го попречуваат развојот на земјата. Македонија од осамостојувањето до денес не успеа да создаде квалитетни и ефикасни институции. Напротив, тие останаа слаби, високопартизирани и неефикасни. Владејачките елити, кои имаат корист од ваквите институции, често се спротивставуваат на реформите, особено на оние што ја приближуваат земјата до Европската Унија. Клиентелизмот и корупцијата создаваат маѓепсан круг во кој елитите го одржуваат статус квото, блокирајќи ги реформите за да ја задржат својата моќ. Ова создава фасада на инклузивност, но без суштински промени. Кога ја гледаме ситуацијата кај нас низ призмата на оваа теорија, станува очигледно дека екстрактивните институции имаат длабоко влијание врз нашето општество и економија. Предизвиците со корупцијата, слабото владеење на правото, политичкиот клиентелизам и етничките поделби се јасни показатели за екстрактивните институции кои го попречуваат инклузивниот раст и напредок на Северна Македонија. Книгата го поставува основниот аргумент дека судбината на нациите зависи од нивните институции. Авторите прават јасна дистинкција меѓу инклузивни и екстрактивни институции. Инклузивните институции, со својот фокус на плурализам, права на сопственост, меритократија и механизми за балансирање на моќта, создаваат плодна почва за иновации и економски раст. Наспроти нив, екстрактивните институции ги концентрираат ресурсите и моќта кај малкумина, ги обесхрабруваат учеството и креативноста и, на крајот, го задушуваат развојот.

Граѓаните, по првичната тага и болка, со право очекуваат правда од институциите, искоренување на системските неправилности и елиминација на корупцијата што го нагризува општеството. Владата најави бескомпромисна борба против корупцијата, а институциите, барем на површина, покажуваат знаци на будење. Се бара одговорност од сите што можат да се поврзат со трагедијата во Кочани, иако постојат сомнежи дека „сите“ не секогаш значи буквално сите. Не смееме да заборавиме дека овие институции се истите што дозволија ерозија на системот. Иронијата е што токму кога елитите најмногу се повикуваат на институциите, тие тогаш најмногу ги злоупотребуваат истите. Не смее да се исклучи и можноста (којашто и во книгата се споменува) дека дури и со притисокот на ЕУ, екстрактивни институции ќе се потрудат да се прилагодуваат за да опстанат. Тоа (ќе) го прават и политичките елити. Еден од најзначајните придонеси на нобеловците е поврзан со нивното аргументирано објаснување зошто институциите бавно се менуваат. Политичка елита со слаб демократски капацитет има и дејуре и дефакто политичка моќ и спречува реформи на институциите. Дури и кога повеќе не се на власт не значи дека оваа елита ја изгубила и дефакто својата политичка моќ што претставува сериозна пречка за спроведување на радикални институционални реформи. Зарем можеме да очекуваме дека овие елити ќе ги решат проблемите, кога самите тие се (дел од) проблемот?! Зарем институциите кои нė доведоа до овие катастрофи сега ќе бидат решението?

Иронично е што оваа трагедија нè исполнува и со надеж и верба дека иднината, и покрај сите предизвици, може да биде успешна. Промените, иновациите, па дури и самото мечтаење за подобра иднина, секогаш носат позитивни резултати. Но, овие резултати нема да дојдат сами. Мора да бидеме двигатели на дејствувањето…

Замислете вакви трагедии да се случуваат во ЕУ. Веројатноста за настани како овој во Кочани, или претходните трагедии со Беса Транс, Дурмо Турс, модуларната болница во Тетово и многу други, би била далеку помала доколку бевме дел од Европската Унија. Земјите членки на ЕУ не можат да си дозволат институции со вакви недостатоци.

Секако, ние не сме во ЕУ. Денес, вината за тоа ја препишуваме на Бугарите, претходно беа Грците… и така постојано ќе најдеме изговори за нашите сопствени неуспеси и пропусти. Додека бараме оправдувања, животите на луѓето неповратно се губат – некои заминуваат од државата, некои од овој свет.

Сепак, можеби ова е вистинскиот момент кога мора да се направи нешто за да се прекине маѓепсаниот круг и да се постават темелите за вистински инклузивни институции. Патот до инклузивни и ефикасни институции несомнено е долг и тежок. Покрај надворешниот притисок од ЕУ, потребни се искрени, доследни домашни напори за суштински реформи. Секое мало подобрување не само што го зајакнува нашето општество, туку поставува темели за идни значајни промени.

Ова е историска можност која не смееме да ја пропуштиме. Ајде да почнеме. Да пробаме. Ако единствената цена што треба да ја платиме за почеток на преговорите со ЕУ е внесувањето на Бугарите во Уставот, тогаш да го направиме тоа. Па побогу, толку ги има во нашата земја што можеме и со име и презиме сите да ги запишеме во Уставот!? Ајде овојпат, да не дозволиме нашето минато и историја да ни станат судбина. Да не дозволиме повеќе невини животи да згаснат! Ајде да направиме нешто!

Иронично е што оваа трагедија нè исполнува и со надеж и верба дека иднината, и покрај сите предизвици, може да биде успешна. Промените, иновациите, па дури и самото мечтаење за подобра иднина, секогаш носат позитивни резултати. Но, овие резултати нема да дојдат сами. Мора да бидеме двигатели на дејствувањето, затоа што иднината не се создава сама – ја создаваме сите ние, заедно. Има надеж. Надежта пред сè ја гледам во будењето на граѓанската свест и се погласните  барања за одговорност од институциите и почитување на достоинството на индивидуата. Таа надеж ја гледам во што побрзото членство на нашата земја во Европската Унија. Сепак ЕУ е моќен катализатор за позитивни промени. Има надеж и за реформите кои се насочени кон зголемување на независноста на институциите и искоренување на корупцијата. Надежта е тука, но таа бара ангажман од секој од нас. Со заеднички сили можеме да ја оствариме визијата за подобра иднина. Мора да има одговорност. Мора да има правда за сите без разлика. И да, сите значи сите!

Зачлени се на нашиот е-билтен