Македонија полека влегува во светското друштво на авторитарни држави

Македонија

Друга тактика на авторитарните режими, вклучително и ВМРО, е креирањето на „надворешни непријатели“. Омразата кон Бугарија е само параван позади кој всушност се крие омраза кон Европската Унија.

Ацо ЛУКАРОСКИ

Македонија полека влегува во светското друштво на авторитарни држави. Тоа е само едниот дел од трагедијата. Другиот, уште пострашен дел, е што во тоа друштво сме единствената ‘мала’ и немоќна држава. Нема голема опасност за Русија, Кина, Северна Кореја, Белорусија, Иран, па дури и за Србија и Венецуела. Но Македонија многу тешко ќе се извлече од живиот песок во којшто ја заглавува злото ВМРО.

Она што е типично за сите авторитарни режими го прави и власта во Македонија. Им всадува на лековерните Македонци „лажен патриотизам“, па наместо љубов кон татковината која поттикнува развој и напредок, тие промовираат верзија на патриотизам којашто бара слепа послушност кон својот водач и својата партија. И омраза кон опозиционите партии и нивните бивши и актуелни лидери.

Друга тактика на авторитарните режими, вклучително и ВМРО, е креирањето на „надворешни непријатели“. Омразата кон Бугарија е само параван позади кој всушност се крие омраза кон Европската Унија.

Освен „надворешните непријатели”, ВМРО и Мицкоски го плашат народот и со „предавници“ внатре во земјата. Ова ги принудува граѓаните со низок коефициент на интелигенција да се обединат околу лидерот како единствен заштитник.

Уште една гнасна алатка што ја користи власта во државата е чистење на информативниот простор од критички мислења. Прво на разни начини обезбедуваат контрола врз медиумите, а потоа тие медиуми пласираат вести што прикажуваат наводни успеси на власта, а за секој неуспех на Македонија ја обвинуваат опозицијата.

Мицкоски и ВМРО свесно ја жртвуваат Македонија. Лесно им е да го прават тоа со изманипулирани и наивни гласачи. Се плашам дека штетата што (ќе) ја прават ќе биде непоправлива. Луѓето чарето ќе го бараат во заминување некаде надвор. Во Македонија наскоро ќе нема веќе кој да брани јазик и идентитет. Ќе останат само некои старци, колку да има кој да ги изгаси светлата.

Зачлени се на нашиот е-билтен