ВМРО ДПМНЕ не смее да заборави дека Македонија не е и не може да биде 51- ва Американска држава колку и да му се „додворува“ на актуелниот американски претседател Доналд Трамп. Македонија мора да знае каде припаѓа и со кого треба да ја дели судбината.
Љубиша НИКОЛОВСКИ
Само со една едноставна реченица „Така одлучивме“, Христијан Мицкоски со еден потег го избриша сето она за што три години се залагаше и го правеше Македонија, како подршка на борбата на Украинскиот народ да си ја одбрани државата од Руската агресија.
Затоа и беше навистина збунувачка одлуката да се биде коспонзор на Резолуцијата на САД, со што Владата на ВМРО ДПМНЕ отворено се стави на страна на агресорот и хипотетички го отвори патот за агресија врз Македонија од „оние“ кои сметаат дека оваа територија не е наша и дека тука не живеат Македонци. Со тој чин како да си ги миниравме сите објаснувања пред меѓународната јавност за асимилаторската политика на Бугарија кон нас Македонците и таму и тука во сопствената држава.
Точно е дека Резолуцијата на САД беше за постигнување мир во Украина. Но и онаа на Украина коспонзорирана од ЕУ беше за мир. Разликата беше „само“ во тоа што во втората се правеше јасна дистинкција кој е агресорот во војната, а кој си ја брани татковината.
Оттаму беше чудно што Македонија не ја одбра варијантата да гласа и за двете Резолуции како што постапија некои помудри држави. На тој начин ќе ги подмиреше и двете страни на кои геостратешки и дипломатски и припаѓа, и на ЕУ, со која има усогласена надворешна и безбедносна политика, но и на САД, како членка на НАТО и со која е стратешки партнер. На крајот на краиштата на тој начин ќе ги задоволеше и внтрешните демократски пориви на подршка на страната со која и онака имаме самоидентификувачки проекции на соседство што те негира етнички, јазично и историски.
Ова го очекуваа и земјите членки на Унијата кои преку своите Амбасадори во земјава тоа и отворено и го забележаа на Владата.
За воља на вистината и опозициската СДСМ излезе со став дека многу помудро ќе беше земјава да дадеше поддршка и да гласаше „за“ двете резолуции со што ќе испратеше порака дека има принципиелна и стабилна позиција којашто значи поддршка и кон Европската Унија и кон Соединетите Американски Држави.
Несомнено е дека Владата на ВМРО ДПМНЕ има право да се позиционира во турбулентно време со неизвесна иднина, при тоа давајќи и предност на најсилната земја на светот – САД. Но, при тоа мора да внимава, зашто интересите на големите сили бргу се менуваат, а набрзина донесените одлуки може да се претворат во дипломатско харакири како во 1999 година кога оваа иста ВМРО ДПМНЕ го призна Тајван и ги прекина дипломатските односи со Кина, земја постојана членка на Советот за безбедност на ОН и економски и геостратешки џин.
Затоа и одредена нелагодност создава самоувереното, брзо и пренагласено фаќање страна, кога ни утрешнината не е извесна, а камо ли дека некој може со сигурност да прогнозира каков ќе биде новиот светски поредок.
ВМРО ДПМНЕ не смее да заборави дека Македонија не е и не може да биде 51- ва Американска држава колку и да му се „додворува“ на актуелниот американски претседател Доналд Трамп.
Македонија мора да знае каде припаѓа и со кого треба да ја дели судбината. Горчината од долгогодишниот процес на интергација во ЕУ колку и да е оправдана кај граѓаните, не смее да го надвладее разумот во определување на стратешките интереси.
САД секако се наш важен стратешки партнер, но токму затоа, како моќна земја САД треба да имаат повеќе разбирање за нашите интереси како една мала земја за која знае каде претендира да биде членка, и дека поради тоа понекогаш можеби ќе носи одлуки кои ќе бидат сообразени со Европските, но нема да бидат против американските интереси.