Македонскиот дел од пеколот: Да, така е!

пеколот
Пекол, непознат уметник, околу 1510–1520 г., Национален музеј на античка уметност, Лисабон, Паблик Домејн

Во пеколот има казани за Европа, Азија, Африка, Северна Америка, Јужна Америка и Австралија. Околу секој казан стојат демони кои внимаваат никој да не избега. Само околу еден казан нема стражари.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Пред некое време ми стигна порака од човек од Скопје со кој досега не сме имале можност лично да се запознаеме, но се познаваме на некој начин. Ме праша нешто што воопшто не го очекував. Го интересираше ритамот со кој ги објавувам колумните, расказите, анализите и сето она што е дел од мојата публицистичка активност.

Го прашав зошто го интересира тоа, а тој ми одговори дека не може да ме следи бидејќи понекогаш објавувам двапати неделно, понекогаш еднаш во три недели, а некогаш поминува и подолго време.

Без да навлегувам во подлабока дискусија, бидејќи не чувствував потреба, му одговорив дека пишувам секогаш кога имам идеја, мотив и инспирација, без календарски притисок и обврска да произведувам текстови по однапред утврден распоред.

Еве, сега да најавам дека овојпат имам притисок, но од други работни обврски, така што оваа колумна, објавена на ден сабота, 17 октомври 2026 година, веројатно ќе биде последната до втората половина на декември.

И сега, кратката колумна за да остане до декември некој траг од мене по интернетов.

Минатата недела седнав со еден странец кој често доаѓа во Македонија. Човекот искрено ја сака земјава, луѓето, природата и речиси сè што има во неа. Во еден момент ми рече:

„Абе, кога првпат дојдов овде, ми раскажаа еден виц. Ме интересира дали станува збор за распространет стереотип или, сепак, има нешто вистина во него.“

Го прашав кој виц, а тој почна да раскажува.

„Починал некој човек и стигнал пред свети Петар, кој му соопштил дека оди право во пеколот, каде што веќе го чека Луцифер.

Ѓаволот го пречекал и го прашал:

„Ти доаѓаш од Јужна Америка, така?“

„Да, точно“, одговорил човекот.

„Тогаш, ајде да те однесам до твојот казан.“

Додека оделе низ пеколот, човекот забележал дека за секој континент има посебен огромен казан во кој се варат луѓето што доаѓаат оттаму. Имало казан за Европа, Азија, Африка, Северна Америка, Јужна Америка и Австралија. Околу секој казан стоеле демони кои внимавале никој да не избега.

Но, малку подалеку од останатите, човекот забележал уште еден казан. Она што му било чудно е што околу него немало ниту еден демон.

„А оној казан таму, малку подалеку, за кого е?“, го прашал Луцифер.

„Е, тоа ми е најдобриот казан“, задоволно одговорил ѓаволот. „Гледаш, околу сите овие казани морам да држам по тројца демони, кои работат во смени и внимаваат некој да не избега. И покрај тоа, одвреме-навреме некој успева да се извлече. А околу оној казан немам ниту еден демон и досега никој никогаш не избегал.“

„Како е можно тоа?“, зачудено прашал Јужноамериканецот.

„Види, има една мала земја во Европа, на Балканот, се вика Македонија. Во тој казан се само луѓе од таа земја. И секогаш кога некој ќе успее да се искачи и ќе се обиде да излезе, сите други одоздола тимски се организираат, го фаќаат за нозете и го враќаат назад во казанот. Затоа таму не ми требаат демони.“

Не се насмеав. Вицот го знаев одамна, прилично е стар и верувам дека повеќето од нас го слушнале барем еднаш. Всушност, уште од првите зборови на мојот соговорник размислував што да му одговорам на прашањето дали станува збор само за стереотип или во него има и нешто вистина.

Можев да му раскажувам многу работи што сум ги видел и доживеал низ годините, но решив да бидам краток.

Му реков:

„Да, така е!“

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?

Најчитано

Рацин.мк ве прашува:

Кој е најодговорен за тоа што Македонија сè уште се задушува во диви депонии?