Другови и другарице, друже Максиме Димитри(ј)евски, законот е јасен. Член 12 став 4 од Законот за заштита на децата експлицитно забранува злоупотреба на деца за политичко организирање и дејствување. Секогаш, во секоја прилика и во секое време. Не само за време на изборни кампањи.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Постои линија што едно општество не смее да ја премине. Линија што не се мери со закони и недугави партиски соопштенија, туку со совест. Кога стотици деца во училишен двор, на настан најавен како „велигденски хуманитарен концерт“, во еден глас пеат песна што го велича градоначалникот на Куманово и лидер на партијата ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски, таа линија не е само премината, туку е избришана.
Ја претворија бината во училиштето во сцена за политички митинг и маркетинг. Училиштето е простор каде што децата треба да учат што значи слобода, критичко мислење и достоинство, а не да бидат „марионети“ и актери во режиран политички настан со хорски аплаузи за политички фигури.
Кој ги стави децста да бидат ставени во улога да веруваат дека лојалноста е поважна од вредностите, дека авторитетот не се преиспитува, туку се слави.
Од партијата ЗНАМ велат дека никој не ги натерал децата да ја пеат песната. Тоа објаснување сака да биде убедливо, но е навредливо за интелигенцијата на јавноста. Цела Македонија знае дека таа песна беше хит во предизборната кампања на лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски.
„Ова е ударна песна, зашто градоначалникот Максим Димитриевски е голем човек, нашата партија оди далеку“, беше толкувањето за песната на нејзиниот автор Ѓунеш Билали. Да точно, авторска е, како што велат од ЗНАМ, ама секоја песна е авторска, а не секоја е партиска
Зар може некој да не убеди дека возрасните не ја креираат програмата, дека наставниците, организаторите и институцијата одлучиле што ќе се случува, што ќе се пее. Во овој случај, децата не избираа, тие изведуваа претходно подготвена програма.
Затоа прашањето не е дали некој ги „натерал“, туку кој одлучил дека токму таква песна е соодветна за „хуманитарен“ настан.
И тука се случува суштинската злоупотреба. Не само на децата, туку и на самата идеја за хуманост. Велигденскиот концерт, наместо да биде симбол на солидарност и заедништво, е „приватизиран“ во политички перформанс. Наместо порака за помош и грижа, добивме внимателно режирана сцена за градење култ на личност. А Максим? Очигледно според фотографиите што сам ги објавил. Како Тито, сака кога децата да пеат песнички за него.
Другови и другарице, друже Максиме Димитри(ј)евски, законот е јасен. Член 12 став 4 од Законот за заштита на децата експлицитно забранува злоупотреба на деца за политичко организирање и дејствување. Секогаш, во секоја прилика и во секое време. Не само за време на изборни кампањи.
Но, проблемот е што кај нас законите често се читаат селективно. Како препорака, а не како обврска. Особено кога станува збор за оние што имаат моќ да ги кршат без последици.
Но, ова не е прашање на една партија или еден градоначалник. Ова е прашање за тоа какво општество градиме. Дали сакаме генерации кои ќе растат во средина каде политиката влегува во училишните дворови како нормалност? Или ќе повлечеме јасна граница и ќе кажеме: децата не се и не треба да бидат ниту публика, ниту статисти во нечии кампањи.
Се разбира, одговорноста не може да се префрли на децата. Таа е кај возрасните. Кај организаторите, институциите, Министерството за образование и наука, директорите на училиштата и, пред сè, кај политичарите. Тие треба да знаат дека постојат простори што не смеат да ги освојуваат. Училиштето е еден од нив.
Зашто, ако денес дозволиме децата да пеат за политичари, утре ќе очекуваме да гласаат без да прашуваат. А тоа веќе не е демократија. Тоа ќе биде резултат на „перење мозоци“, на навика на послушност научена уште во училишниот двор.