ЏАБИР ДЕРАЛА
Хамас е одговорен за ужасниот терористички напад во кој беа убиени повеќе од 1.200 Израелци, вклучувајќи цивили, меѓу кои и деца. Киднапирањето на повеќе од 150 цивили и заканата со нивна ликвидација, е уште една мрачна одлика на оваа крвава операција на Хамас.
Но државата Израел е одговорна за сите луѓе што живеат во неа, а тоа значи и палестинскиот народ. Нападот на Хамас не смее да значи и брутален напад, колективно казнување со масакрирање на палестинските цивили, меѓу кои се и жени, деца, новороденчиња… А токму тоа се случува. Во моментот кога се пишува овој текст (ден 8), повеќе од 1.900 Палестинци се убиени и три пати по толку се ранети во израелското неселективно „тепих“ бомбардирање. Зошто? И новороденчињата се Хамас?
Израелците претрпеа крвав напад. Се знае кој е одговорен. Но одмаздата против палестинските цивили не е правда, туку повик за одржување на бескрајниот крвав конфликт и страдање на невините луѓе. Употребата на фосфорни бомби е забранета, но Израел ги употреби, според извештаите на Human Rights Watch. Веќе само тој факт заслужува осуда.
Израел има обврска да покаже големина и државност. Има право да го казни Хамас, но не и целиот палестински народ. Воениот одговор мора да биде во согласност со меѓународното право и со меѓународното хуманитарно право. Во овој момент, на осмиот ден од војната, станува очигледно дека почитта кон меѓународните норми, едноставно, не постои. Хамас изврши тешки воени злосторства на 7 октомври. Но и Израел изврши жестоко кршење на меѓународното право и тешки воени злосторства. Нема ништо државничко во тоа, туку само екстремна употреба на несразмерна сила против цивилно население во земја позната со децениско практикување на апартхејдот.
Во овој момент, по толку жртви чиј број се зголемува од час во час, Израел мора веднаш да овозможи хуманитарна помош за населението на Газа, да ги сопре воените операции со кои се загрозува животот на цивилите и да го напушти планот да исели 1,1 милиони Палестинци од градот Газа и северниот дел на Појасот Газа во јужниот дел на областа.
Таа наредба за иселување или „евакуација“ како што ја нарекува Израел, е невозможна и крајно нехумана. На тоа веќе укажаа сите значајни организации за човекови права и ОН. Откако во почетокот, лидерите на ЕУ и на земјите членки, изразија јасна поддршка за Израел по терористичкиот напад на Хамас, реториката се менува.
Топ дипломатот на ЕУ, Жозеп Борел, веќе третиот ден по почетокот на војната, во вторникот, изјави дека Израел го крши меѓународното право со тоталната блокада на Појасот Газа. Европските лидери веќе не можат да ги усогласат своите пораки, бидејќи веќе не можат да ја одржат почетната безрезервна поддршка за Израел.
Мора да престане со таргетирање на болници и амбулантни возила. Убивањето на цивили, меѓу кои се и жени, трудници и деца, како и медицински парсонал и новинари – мора да престане. Масакрот на цивилите мора да престане!
Целиот свет е згрозен од нападот на Хамас и го поддржа Израел. Но таа поддршка веќе на самиот почеток од бруталниот одговор на израелската армија почна да слабее, а набрзо и ќе ја изгуби, ако на тероризмот и воените злосторства од Хамас продолжи да одговара со воени злосторства и етничко чистење.
Не смее да се заборави. Хамас, како и низа други терористички организации, ултрадесничарски и авторитарни политички партии и политичари, недвосмислено и директно се поддржани и спонзорирани од воениот злосторник и диктатор Путин. Тие се отворено проруски инсталации расеани низ светот, почнувајќи од Блискиот Исток и Африка, завршувајќи со Западна Европа.
Нападот на Хамас, ако не е директно спонзориран, тогаш сигурно му оди во прилог, за да го дефокусира вниманието на светот од бруталната руска агресија против Украина.
Со оваа брутална и крајно деструктивна војна, Израел ризикува, не само да ја изгуби поддршката од светската јавност, туку и да му помогне на Путин да продолжи со крвавите напади против Украина и демократскиот свет. (ЦивилМедиа)