Без медиумска писменост, и на луѓето со високо образование им е тешко да разграничат меѓу вистината и лагата. Мора да се преземе нешто што ќе ги направи граѓаните отпорни на разните форми на медиумски манипулации.
Љуан ИМЕРИ
Живееме во реалност на хиперпродукција на информации. Во реалност во која, за жал, успехот често се мери по број на прегледи и лајкови во социјалните мрежи. Ретко се бираат средства како да се дојде до лајк повеќе. Во реалност во која целта не ги определува средствата туку само ги оправдува истите. Реалност во која напливот на дезинформациите бара итна и сеопфатна акција.
Се креираат многу лажни содржини, многу лажни портали. Портали со целосно лажни содржини, такви кои тенденциозно мешаат факти и фикција. Портали кои понекогаш објавуваат некои вистинити содржини, а потоа често подметнуваат други лажни содржини. Има и портали кои коментарите на корисниците ги презентираат како факти или такви кои селективно и делумно користат едни факти и игнорираат други факти.
Во услови на ниска медиумската писменост каде што граѓаните не можат да ги препознаат, а камоли да се справуваат со дезинформациите тешко е да се размисли за медиумски одговорна публика. Граѓаните најчесто не се ни свесни на постоењето и влијанието на лажните содржини, а уште помалку се имунизирани од опасностите и последиците од оваа појава.
Од неодамна, борбата против дезинформациите доби уште еден многу силен удар. Во целиот овој медиумски хаос со лажни содржини се појави и Chat GPT, вештачка интелигенција од следна генерација.
Од љубопитност ја тестирав ова алатката и истата истовремено и ме воодушеви и ме запрепасти. Јас, иако не сум дел од технолошката индустрија, секогаш со задоволство ги користам благодетите од новите технологии. Од една страна Chat GPT претставува значаен чекор напред во областа на вештачката интелигенција и обработката на природните јазици а неговата способност да разбере и да одговори на човечкиот јазик ја прави вредна алатка за сите, но од друга страна и можностите за злоупотреба на истата се неверојатни.
Не само кај нас, оваа алатка на вештачка интелигенција истовремено предизвикува восхит, но и сериозна загриженост насекаде низ светот. Еден од главните ризици од новата алатка е нејзиниот потенцијал да креира “длабоко лажен текст“, текст што е генериран од модел и не се разликува од текстот напишан од човек. Ова може да се користи за имитирање на поединци на интернет или за ширење на дезинформации. Дури имаше и извештаи за цели книги напишани односно креирани од вештачка интелигенција и истите биле прикачени на соодветни платформи.
Истовремено кога оваа алатка станува неверојатно популарна, поради загриженоста за негативните влијанија врз учењето на учениците и загриженоста за безбедноста и точноста на содржината, властите во многу земји веќе најавуваат дека ќе им забранат на учениците и наставниците да користат Chat GPT.
Без разлика како во иднина ќе се развие регулативата за лажните содржини и ваквите алатки, несомнено е дека образованието треба понуди одговор на тоа како ќе се соочиме со овие предизвици. Потребата за воведување на концептот за медиумска писменост во образовниот систем на современите општества е веќе препознаена, а воведувањето на медиумската писменост во образованието може да им помогне на младите да стекнат доверба во медиумите и младите да можат да ги користат дигиталните медиуми за да поттикнат општествени промени.
Според поновите истражувања, македонските граѓани мислат дека политичките партии и медиумите најмногу шират дезинформации. Голем дел од нив мислат дека можат да препознаат дезинформации, но признаваат дека понекогаш им се случува самите да споделат лажна информација. Без медиумска писменост, и на луѓето со високо образование им е тешко да разграничат меѓу вистината и лагата. Мора да се преземе нешто што ќе ги направи граѓаните отпорни на разните форми на медиумски манипулации за да можат сите да дојдат до посакуваните информации и да уживаме во предностите на онлајн сферата, а притоа да ги избегнат информациите што ни нанесуваат штета. Лажните содржини не само што ќе нè измамат туку ја поткопуваат нашата доверба во легитимните извори на вести.
Иако не се очекува сите да станеме професионалци во потрагата по вистинската информација многу е важно како општество да развиеме критички однос кон тоа што ни е сервирано, да разбираме и цениме како функционира вистинското новинарството и при изборот на вести и информации да им даваме приоритет на содржините од проверени извори. Истовремено како општество мора да дадеме повеќе простор и да инвестираме многу во медиумската писменост на граѓаните, само на тој начин повторно ќе уживаме во слободата и безбедноста обезбедена од добро информирано граѓанство.