Мицкоски и неговиот „јас па јас“ систем

Пишува: НЕНАД ЈОВАНОВИЌ

Ако Мицкоски вели дека ќе оди на средба со Ковачевски, а попатно таквата средба од старт ја осуетува велејќи дека ќе има слабо фајде ако се бара од него поддршка за Уставните измени, тогаш тоа мене ми кажува две работи: прво, Мицкоски се стреми да биде „нов“ Груевски, и второ, Мицкоски покажува и јасен презир према парламентаризмот во земјата. Поточно, го презира Собранието и верува во нов апсолутизам во кој целата нација ќе се конституира во неговото лично „јас“.

После сите сигнали, отворени изјави и чисти насоки дека во ноември треба да се случат Уставните измени за продолжување на Европската интеграција на државата, Мицкоски, се чини, не дава пет пари за тоа. Забрефтан во своите кампањи на кои се случува само тој лично: никој не е поважен и поголем од него. Единствено нешто кое него го интересира е сувопарна власт за која, ни самиот не знае како до неа; од друга страна, дури ни тоа не му е важно се додека на сцената се случува само тој лично.

Никој не го мава по уши за да разбере дека тоа не е работа на лични кариери, партии, моќ и пари, туку тоа е работа за перспективата на граѓаните на оваа земја. Стануваат и беспредметни изјавите од типот – кога ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде на власт ќе се избореле за нов „Француско-германски договор“, со нови позиции за земјата, и најдраматично е уште тоа кога вели, „не е ништо итно сега да се направат Уставните измени“.

Знам многу добро што Мицкоски прави: ја растура земјата со наративите кои се штетни за сите, дополнително општеството го фрла во очај, не нуди ништо, најдобрите енергии во земјата ги претвора во ентропија и, цело време игра на негативни селекции. Тој е даскал, па верува дека неговиот „просветен апсолутизам“ е единствениот пат за Македонија. Сè ќе стави на карта на која само тој е важен и единствено возможен, верувајќи дека тоа ќе го донесе на власт.

Сомнителни се тоа позиции на „даскалот“: презирот према парламентаризмот – пратениците за него се обично тесто за месење – и опозициониот „јас па јас“ систем во кој нема да има место за ниеден мајчин син освен него. Гледам, некои „опозиционери“ уште сега почнаa да ги соблекуваат гаќите пред „налетот“ на Мицкоски: очекуваат дека тоj е златна рипка што на сите ќе им исполни три желби. Толку е предвидлив во пресликување на системот „јас па јас“ на Груевски што, искрен да бидам, претставува патолошка состојба.

Нивото во парламентот е очајно, дискусиите се катастрофални, ама него тоа не го интересира. Не го интересира ниту дискусијата за Уставните измени. Важно му е само рејтингот за кој, со сигурност знам, е лажен. Ама во неговите очи тоа не е така: народот него го барал за да му ја исправел кичмата? Човек што никогаш ништо не сработил, сега ќе не убедува дека тој е „вистинскиот“ за исправување на кичми.

Да тргнеме од оваа хипотеза: доаѓа месец ноември, Европејците ќе ни речат, извинете, ама немате Уставни измени – се гледаме следна прилика. Што ќе биде кога сè ќе застане? Ќе молчиме сите? Ќе чекаме избори 2024 година? Што ќе биде со иднината на оваа земја? Ако не направиме ништо во ноември, што ќе биде потоа?

До кога ќе чекаме? До кога ќе калкулираме како некакви бедници? Ако ништо не направиме, односно ако Мицкоски и неговата партија не помогнат за Уставни измени, тоа значи дека ќе молчат „пред дворот“, тоа значи дека ќе продолжат Византиските игри, и тоа значи дека ќе се инсистира на рушење на власта, и тоа значи ново насилство? Што ќе биде после ноември ако не направиме ништо?

Од друга страна, Ковачевски мора да знае на што сè е спремен илузионистот Мицкоски. Ако инсистира на неприфаќање на Уставни измени, дали тоа значи дека ќе инсистира на драматични бунтовништва во земјата после ноември?

Сè она кое ни претстои за да го направиме, можеме да го направиме сами. Имаме пратеници, имаме знаење и имаме шанса за да ја завршиме работата. Време е Мицкоски да покаже еднаш фер-плеј, спортска, човечка, па дури и ако сакате граѓанска одговорност: нека земе малку терет на своите плеќи за Уставните измени, малку нека се извалка, во интерес на Европската иднина, а после ноември ајде да се делиме на сите возможни и невозможни линии.

Ако ништо повеќе и ништо помалку, таквиот гест им го должи на граѓаните од кои следната година ќе бара мандат.

Нека докаже дека е човек. И граѓанин. Нека помогне денес, затоа што цената, во конечноста, нема да ја плати Мицкоски и Ковачевски, ќе ја платиме сите ние.

Извор: Frontline

Треба да знаете
Moже да ве интересира