МВР-о е педер?

Се шокиравте од насловот? Совршено!
Значи барем дел од адреналинот ви проработе – токму онолку колку што ѝ недостига на јавната дебата во нормална држава во 2025 година. Ајде сега, да зборуваме за навистина нормални работи: Зошто уставната „еднаквост“ на мажи и жени (најмалку за што може да зборуваме) се нарушува, зошто половина од населението останува зад полициската рамка за вработувањето со предлогот за бришење на членот 96 од Законот за полиција.

Посветено на мојата мајка која криеше списоци од ЈНА во 1991 за да не ни гинат војничиња за туѓи војни, и која ја немав видено со месеци оти спиеше на едно креветче во СВР-СКОПЈЕ, една од жените што сакате да ги бришете.

Леон БАКРАЧЕСКИ

Ако во Македонија постои уметност да се скрати демократијата на „три потези и една гума за бришење“, тогаш актуелниот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, е нашиот нов Пикасо. Прв потег: во Собрание се носи предлог‑закон. Втор потег: од законот се вади член 96 – онаа здодевна реченица што зборува за еднаквост и правична застапеност на половите. Трет потег: потпишуваш, соопштуваш дека „ништо страшно, само ќе си работиме како порано“ – притоа забораваш дека „порано“ беше пред АСНОМСКИТЕ залагања во кои жените и мажите се еднакви! Ако воопшто некој во сегашнава Влада го интересира најважниот контестуален документ на современата НИ (не ВИ) држава.

Иронијата е дека истиот тој Панче, пред само година ипол, на конференција на ОБСЕ зборуваше за „јазот меѓу мажите и жените во безбедносните професии“ и ветуваше „посветеност да се надмине проблемот“. Очигледно, тогаш зборувал за Јадранското Море – знаеме дека е длабоко, ама не толку длабоко колку неговата наклонетост кон женската застапеност. Еве прочитај на линков ако си подзаборавил, секако на сликата си многу личен! (пу, пу машала)  OSCE

Зошто министерот сега ненадејно доби алергија на членот 96? Лесно е: членот 96 има две ставчиња, а само едното му ја расипува дигестијата. Велат вака:
(1) „да бидат соодветно и правично застапени граѓаните“ – добро, од тоа нема бегање, граѓаните се тврд орев.
(2) „да се почитува принципот на еднаквост на половите“ – е, тука почнува чешањето.

Најпрво, министерот морал да си помисли: „Ако ги оставиме жените во полиција, ќе треба да имаме чисти тоалети на секој кат, униформи во повеќе кроеви, отсуства за мајчинство… Ај, бриши.“ Но, вистината е поедноставна: жените се лоши за статистиката на прекумерна употреба на сила. Според меѓународни студии, полицајките поретко влечат пиштол, а тоа во македонски машки кругови се смета за некаков недостиг на „мевлем за егото“.

Ако Тошковски сепак настојува да брише, еве мала сметка што ќе избрише:
– Ќе избрише доверба. Жени полицајки, покажуваат студиите, се гледаат како посочувствителни и подобри посредници меѓу граѓани и држава.
– Ќе избрише резултати. Со повеќе жени, стапката на инциденти од прекумерна сила опаѓа. 
– Ќе избрише легитимитет. Разновидна полиција се доживува како „полиција на народот“ – не чета што излегла од кафана после сељачки муабети. 

Но, најважно, ќе избрише инспирација: секоја девојка во Стајковци што на плакати чита „сакам да бидам полицајка“ сега ќе мора да аплицира за – што?

Во меѓувреме, опозицијата урла дека Панче прави „партиска милиција“; невладиниот сектор зборува за „структурна дискриминација“, ЕУ ги врти очите како учителка што трети пат објаснува Present Perfect, а Платформата за родова еднаквост бара итно повлекување на измените. Министерот – тишина. Или можеби уште ги брои женските униформи во магацин, да види колку вишок копчиња ќе му останат по бришењето.

Сепак, оваа приказна има добар хумор само ако ја раскажеме брзо; инаку ризикуваме да стане трагедија.

Затоа, предлог: ајде да го задржиме членот 96, да го надградиме со 96‑A (заштита од импровизирани законописци) и 96‑B (обврзна обука по родова етика за сите што гледале „Мажи во црно“ повеќе од пет пати). А за министерот, специјален службен одмор – студиска посета на норвешката полиција каде, замислете, жена може да биде и патролер и – внимавајте – шеф на специјални единици.

Бидејќи, драги читатели, полицијата не е резервна гардероба на стереотипите; таа е сервис што мора да личи на сите нас. А нашите мајки, сестри, сопруги, ќерки и другарки не се ризичен отпад што се депонира со „бришење“. Тие се половина од ова општество – и секако, можат да носат кундак исто толку достоинствено колку што мажите знаат да носат аргумент.

Значи, драги Панчe, остави ја гумата и фати пенкало. Напиши нешто ново: обврзна квота за жените, програма за нивна обука, гарантирана поддршка за напредување. Тоа е модерниот „кубизам“ што ни треба – полиција составена од сите агли на општеството.

И да повториме за крај, да не остане недоречено: бришењето на членот 96 не е мало административно шминкање. Тоа е покана за политички апсурд: полиција што треба да штити половина население, без да го вклучи истото тоа население во своите редови. Во меѓувреме, чекаме на твојот потег, министре. И запомни: генералот без војска може да седи на пресови и да ја фали својата величина. Сопруг си, прашај се од тука каква почит им даваме на жените во нашето општество, како треба да тераш понатаму…

Зачлени се на нашиот е-билтен