Власта мораше секавично брзо да застане на страна на граѓаните и да спречи најголемите стратегиски државни интереси да се обезвреднат поради грешки со важноста на личните документи
Пишува: Ерол РИЗАОВ
Додека трае хаосот со пасошите, возачките, дозволи, сообраќајните книшки и налепници на регистерските таблички, осигурителните полиси кои ги запалија социјалните мрежи и станаа главна тема во сите медиуми, се присетив како ние, поборници на „големите политички и економски теми“, во постојана потрага по новинарски подвизи се соочивме со сознанието колку се значајни неправедно наречените „мали теми“ за настани кои ги засегаат граѓаните.
Се уверивме колку е важно да се биде на страна луѓето, не само со зборови, во нивниот судир со бирократијата и со понижувањата на кои се изложени секојдневно и притоа да се постигне целта – да се отстрани неправдата. Не дека ова не било одамна познато во новинарската професија, но еден нов пристап кон оваа благородна тема која делуваше како мелем на рана тогаш даде фантастични резултати. Кога почна да излегува „Утрински весник“, уредниците воведоа една секојдневна рубрика насловена „На ваша страна“, пишувана со јасен стил за конкретен случај и со брза истрага и „пресуда“ кој е виновникот. Да ја пишува рубриката беше избран Диме Костовски – Циго, долгогодишен уредник во МРТВ. Рубриката беше обмислена да се пишува на еден друг начин за „малите“ секојдневни проблеми со кои се соочува обичниот граѓанин. За редиците на шалтерите, за ароганцијата на јавната администрација, за децениските судски парници за една меѓа, за платени и неплатени сметки за парно, за електрична енергија, за сѐ она што го засега „малиот човек“. Идејата и реализацијата беа фантастични, што се покажа многу бргу.
На почетокот, пред да се видат првите резултати, на Диме Костовски, кој одлично се снајде во новата улога, некако тоа му изгледаше помалку деградирачки, демек еве по толку години уредникување сега, како пензионер, пишува за украдениот велосипед на Н.Н. и за каматата од 100.000 денари на сиромашна баба избезумена на шалтерот на Топлификација. Ми рече дека е благородна и благодарна рубрика, ама ете, многу сакал нешто да напише за ЕУ, за НАТО, за Грција. Остави го тоа, му велам, ова твоето е поважно. Не дека така мислев, туку колку да го одоброволам да не се пишмани. За НАТО и за ЕУ ќе пишуваме ние, ти фокусирај се на ова што се договоривме. Не помина еден месец, а текстовите озаглавени „На ваша страна“ станаа најчитани. Не беше во прашање само читаноста, туку во голем број случаи беше од директна помош на онеправданите граѓани со исправања на неправдата. Конкретноста, аргументацијата и обраќањето до надлежните инстанци овозможуваше брза реакција и праведно решение. Тоа беше една од најомилените рубрики на читателите на „Утрински“.
Страшната хипотека над Македонија
Кога главна тема во медиумите и во политиката стана владеењето на правото, високата корупција и организираниот криминал, повторно на мала врата стаса значајна опомена искажана добронамерно од странски дипломат во стилот – рибата смрди од главата, ама се чисти од опашката. Таа опашка испадна како на чудовиште, долга со километри, поточно со илјадници онеправдани, очајни, бесни граѓани, не толку од високата корупција, туку од она што директно ги засега. Стотици илјади предмети фаќаат прав со години нерешени, било да се работи за имотно-правни односи, за наследни права, за никогаш незавршени судски предмети од денационализацијата, за неправеден надомест од експроприран приватен имот, за поделба на имот, за неспроведливост на судски одлуки, за маратонски парничења, за грешки и злоупотреби во катастарот, за направени штети без никакво обесштетување, или неправедно надоместени штети, за губење речиси на сите судски спорови во судир со државата, со општинските администрации и со центрите на моќ.
Тоа е една огромна, страшна хипотека надвисната над Македонија, која трае со децении. Последиците се трагични: не зборуваат меѓу себе браќа и сестри, родители и деца, блиски роднини, комшии, долгогодишни пријатели, деловни партнери, затоа што правдата е тешко достапна и за ваквите предмети кои се многу позначајни за граѓаните од кои било стратегиски државни интереси, уставни измени, евроатлантски интеграции, европски вредности кои се посакувани од мнозинството, но се неизвесни на долг рок.
Огорченоста од таквите неправди се пренесува генерациски и преминува во трајна омраза и на поколенијата. Владеењето на правото и еднаковоста пред законот во овој склоп на балкански менталитет, кој не прави разлика од правото и правдата, раѓа трајна недоверба во судството, која се префрла на недоверба во државата, во сите институции на системот што за политичките партии во битките за власт е извонредно тесто за месење и манипулации. Владеењето на правото кое не го вадиме од уста побрзо ќе стасаше до политичките и деловните врвови ако се применува ефикасно прво во заштита на граѓаните, во нивните долгогодишни маки во потрага по правда.
Добро е што проблемот со личните карти, возачките дозволи и книшки, налепници за регистерските таблички донекаде се ублажи со пролонгирање на роковите, но останува уште многу работа да се заврши, како што е вообичаено во светот кон кој тежнееме. Процедурите се многу едноставни пред истекот на кој било личен документ, пасош, лична карта, возачка дозвола… Треба да стаса известување на кој датум и во колку часот граѓанинот треба да се јави и да ја заврши работата без тормозење, редици и да не плаќа нешто што веќе го платил. Ако тоа можат да го прават банките, или компаниите кои имаат интереси за брза и ефикасна услуга на граѓаните, зошто тоа не може да го прави бројната државна админстрација во ера на дигитализацијата и брзи комуникации?
Гневот на граѓаните е оправдан
Гневот на граѓаните е оправдан, бидејќи тие не прекршиле ниту еден закон, или не направиле каков било прекршок со тоа што имаат исправни документи чија важност не завршува на 12 февруари 2024 година. Ако државата во повеќегодишен долг период по ратификуваниот договор со Грција издавала пасоши со името Република Македонија со важност и до 2030 година, надвор од здравиот разум е да се остава простор за казнени постапки. Мораше побрзо да се реагира со извинување и враќање на парите што се наплатени за нешто за што немаат вина граѓаните на чии документи пишува дека им важат и по 12 февруари.
Во целиот овој хаос и оправдан гнев сепак се пројави извесна доза на дух и смисла за хумор со објавите на социјалните мрежи дека браковите склучени во Република Македонија не важат во Северна Македонија, или кредитите земени во времето на Република Македонија стануваат неважечки од 12 февруари 2024 година и долговите не треба да се враќаат. Се разбира, дека банкарите имаат силен одбранбен правен механизам кој не остава простор за неплаќање на долговите, дури и да се распадне државата. Кредитите сосе каматата до последен денар мора да се платат. Тоа добро го видовме при распадот на Југославија. Секоја нова држава од поранешните ЈУ-републики си го презеде долгот кон банките во чии договори го има правниот механизам да се плати и по смртта и на државата и на позајмувачот. Ќе платат наследниците некогаш, ни криви ни должни.
Дали оваа бламажа со личните документи ќе се одрази на изборните резултати? Секако. Можно е да се ублажи со брзите реакции на власта и на опозицијата, на владата и на парламентот да се пролонгираат роковите, но потребен е и надомест за нанесената штета за замена на важечките документи кои граѓаните ги платиле, а немаат вина и не прекршиле ниту еден закон. Ќе остане револтот за изгубеното време во долгите редици и чувството за негрижа за граѓаните.
Ете како големите теми и најголемите стратегиски државни интереси паѓаат во бунар поради глупости кои предизвикуваат револт кај граѓаните. При ваквите бизарни грешки препознатлива е и ароганцијата баш кога најмногу треба да се применат европските стандарди во односот со граѓаните. Власта мораше секавично брзо да застане на страна на граѓаните и да спречи најголемите стратегиски државни интереси да се обезвреднат поради грешки со важноста на лични документи. (Дојче веле)