Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Национализмот не води кон победа на едните или другите – сите губат

ЏАБИР ДЕРАЛА

Национализмот, верската омраза и расизмот во сите нивни облици и степени на радикализам постојат кај сите заедници на Балканот. И многу пошироко, се разбира. Одлика на национализмот и другите видови омраза врз основа на потеклото и припадноста е што тие се шират побрзо, а се гасат и многу потешко и подолго од шумски пожар. А за да се разгори омразата, најчесто е доволна само мала искра.

Затоа, не можете да кажете дека некој е умерен националист. Не постои умерен национализам, бидејќи и тој може да биде искра што ќе ја запали шумата.

Национализмот може да не вклучува милитантни елементи, но секој негов облик е подеднакво деструктивен, бидејќи патеката од нетрпеливоста на улица, во медиумите или во школските клупи – до оруженото насилство може да биде многу кратка.

Да се борите против национализмот е длабоко човечки и цивилизациски повик, потврда дека се залагате за универзални вредности. Таа борба не подразбира декларативни позиции, туку вистински и конкретни акции.

Секој ентитет што тврди дека се залага за промоција на мултикултурализмот и се бори против национализмот, мора да поседува висок сензибилитет и за најситните детали во животот, културата и традициите на заедниците. Истовремено, мора да внимава и на трендовите во јавната комуникација и да се запознае со начините на создавање наративи кои, можеби ни оддалеку не изгледаат така, но во својата суштина се длабоко националистички.

Кога ќе се препознае национализмот кој доаѓа од „другите“, тоа ни оддалеку не го подразбира правото и другата страна „да стане“ националистичка. Тоа „станување националист“ се препознава во наративот: „Не сум националист, ама…“

Ако вашиот одговор кон национализмот на „другите“ содржи национализам, ништо не сте постигнале. Само отворате можности за негово разгорување и продлабочување, создавате можности за тензии и конфликт.

Ако на национализмот му одговорите со национализам – поразот веќе е на прагот.

Тоа значи дека национализмот победил.

Не победува нацијата, едната или другата, туку национализмот. Сите губат. (ЦивилМедиа)

Moже да ве интересира