Важи за многу одмерен и внимателен политичар при давање изјави и никогаш не носел непромислени и избрзани одлуки, една од причините за отворена поддршка
Пишува: Ацо ЛУКАРОСКИ
Издвојувам десет причини за да дадам отворена поддршка за уште еден претседателски мандат за Стево Пендаровски.
1. Пендаровски е една од основните алки коишто обезбедија стабилност за време на турбулентен период, особено во процесот на пристапување во НАТО и во услови на многу сложени регионални односи. Уште еден негов мандат нуди континуитет во успешната надворешна политика.
2. Пендаровски е респектиран од меѓународната заедница. Многу државници од други држави давале недвосмислени изјави дека неговите ставови се важни и корисни за безбедноста на Северна Македонија, како и за регионалната безбедност.
3. Пендаровски е гласен поборник за интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, нешто кое што го посакува голем процент од граѓаните, а и речиси сите политички партии го истакнуваат како стратешка цел на државата.
4. Неговата академска позадина во областа на правото и политичките науки сугерира силен интелект и интерес во меѓународната политика.
5. Пендаровски важи за многу одмерен и внимателен политичар при давање изјави и никогаш не носел непромислени и избрзани одлуки. Напротив, склон е на подлабоки размислувања и на консултации со своите советници пред да донесе некоја одлука.
6. Импресионира со неговото чувство за дипломатија и тоа му помага во навигацијата на сложените односи на Северна Македонија со соседите и меѓународната заедница во целина.
7. Богатото искуство како советник на бившите претседатели Борис Трајковски и Бранко Црвенковски му помогна да стекне вештини кои подоцна ги применуваше и ги применува во сопствената кариера како политичар и како претседател на Северна Македонија.
8. Пендаровски го завршува својот прв мандат без ниту една коруптивна или друга противзаконска афера. Без никакви дамки. Дури ни на политичките партии од опозицијата, познати по креирање лажни вести, не им успеа да најдат материјал со којшто ќе го дискредитираат.
9. Стево Пендаровски е секогаш транспарентен. Секогаш подготвен да даде отворена, а многу често и материјална поддршка на успешни и прогресивни луѓе од областа на науката, уметноста, спортот и во други сфери.
10. Пендаровски импресионира со својата непосредност кон соговорниците. Ја имав еднаш честа да бидам поканет во неговиот претседателски кабинет. Тоа беше моја прва средба со него и по првите неколку разменети зборови имав чувство дека сум третиран како негов долгогодишен пријател. Истиот тој впечаток го имале и други луѓе со коишто сум разговарал за Стево Пендаровски.