Наместо да го вратат името, го вратија Ќосето

Фотографија од споменикот на „Ќосето“ со партиски билборд на ВМРО-ДПМНЕ

Газдите на белата палата во Скопје, кои наместо да го вратат името, како што ветуваа, сега молчат кога некој во нивно име го врати Ќосето.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Ништо чудно доколку некој смета дека постапката на Данела Арсовска да го врати „Ќосето“ на „местото на залосторот“ е со цел да го сврти гневот на граѓаните кон ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, сепак споменикот е рожба на оваа партија и на скандалозниот проект Скопје 2014, во кој актиквизацијата на градот одеше рака под рака со вмроизацијата со десеттиците споменици на дејци од македонската револуционерна борба меѓу кои се протна и којшто историчарот и, своевремено, советник од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје Владо Поповски, го опиша Андон Лазов Јанев – Ќосето како „масовен убиец“, „сериски убиец“ и „ликвидатор“.

Но тоа не му пречеше на Никола Груевски и на неговата младинска елита од Унијата на младите вмровци во 2017, да организираат проекции на филмот со заканувачки наслов „Некаде со добро, некаде со нож“, со повик до сите млади „да ги зачуваме традиционалните вредности во новото време“.

Впрочем, и како лидер на владејачка партија, која се самопрогласи за наследник на „историското ВМРО“ и честопати се поставуваше во улога и на полицаец, и на обвинител и на судија, Груевски во 2016 го злоупотребуваше „Ќосето“ за да испраќа заканувачки пораки до политички противници во изборната кампања: „Да беше Делчев денеска жив, тој немаше со него да може да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек“.

Во меѓувреме Груевски заврши во гепекот на некојси автомобил кој го однесе во Будимпешта, а на неговиот наледник Христијан Мицкоски му го остави бремето да го врати името или Ќосето. 

Сега засега ВМРО-ДПМНЕ молчи за враќањето на Ќосето и ништо чудно да молчи и понатаму. Зошто би си ги валкале рацете, кога валканата работа веќе им ја заврши Данела, којашто пак, во очајот во кој се најде пред неславниот крај на нејзината политичка кариера, не е ни свесна каква услуга им направи на газдите на белата палата во Скопје, кои наместо да го вратат името, како што ветуваа, сега молчат кога некој во нивно името го врати Ќосето.

И што всушност вратија со Ќосето?!?

Најдобар одговор на ова прашање даде аналитичарот Жарко Трајановски, кој уште во август 2023 година, кога Данела Арсовска најави дека ќе го врати Ќосето, напиша:

Во оваа анализа покажавме како тековните проширени и надградени иницијативи за обнова на „споменикот на Ќосето“ се оправдуваат со повеќе историски дезинформации и политички манипулации. Проследивме како една маргинална фигура во македонската историографија, беше искористена за градење на поларизирачки патриотски мит за „Ќосето“ кој имаше специфична партиско-политичка функција во периодот од 2014-2017.

Дадовме и аргументи зошто споменикот на „Ќосето“ (со пиштол и кама), се перципираше како реална закана и кон судството, и кон неистомислениците, и кон граѓаните – наспроти тврдењата на тие што незаконски и нетранспарентно го поставија, обидувајќи се да го оправдаат како симбол и спроведувач на правда.

Уште во 2014, „Ќосето“ беше јавно перципиран како поларизирачки симбол на застрашувања, насилства и убиства, а пред и по изборите 2016 веќе стана симбол на политички закани, говор на омраза, насилство и десничарски екстремизам.

Накусо, митот за „Ќосето“ не носи со себе само историски дезинформации и политички манипулации, туку и дополнителна општествена поларизација, продлабочување на поделбите, и нов бран на „патриотски говор на омраза“.

Зачлени се на нашиот е-билтен