Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нано секунда

Национализмот и лажниот патриотизам се храна за сиромашните и за будалите, а политичарите имаат раскошна палета на приказни кои ни ги раскажуваат и не заведуваат. Потребна е една нано секунда за таквите приказни да станат бариера за вистинско братство на народите и бариера за нашата безбедност и нашиот иден развој.

Андреја СТОЈКОВСКИ

Со физиката како научна дисциплина секогаш сме имале пристоен однос. Затоа пак, со физиката како наставен предмет во училиште сме имале, најблаго речено, чуден однос. Последнава една недела доби ново значење во однос на физиката. Многу од случувањата, колку во државата, толку и лично ми беа како третиот Њутнов закон. „Дејството секогаш е еднакво и спротивно на противдејството“ односно „За секоја акција, се јавува спротивна по насока реакција.“ Да бидам искрен, многу од случувањата повеќе ме потсетува на дефиницијата за нано секунда од познатиот македонски виц. Вицот всушност прашува „што е тоа нано секунда?“, а одговорот вели „Тоа е временската дистанца помеѓу вклучувањето на зеленото светло на семафорот и првото свирење на некој од запрените возила зад тебе.“ Приближно така, во нано секунда дојдоа реакциите на сите случувања во државата и околу мене.

Како што веќе пишував во минатата колумна, минатата недела бев на оддалеченост од 1700 километри, или околу 650 километри во воздушна линија, во Рим, Италија. Победата беше главната вест во италијанските, европските и во домашните медиуми, а првата реакција уследи веќе во понеделникот. Беше тоа еден близок пријател, воен пилот кој служел во НАТО мисиите во поранешна Југославија, а подоцна кариерен дипломат од една од нашите нови сојузнички со одлични врски во канцеларијата на заменикот на генералниот секретар на НАТО и на претседателката на Европската комисија. Кога се сретнавме доцна, во понеделникот вечерта, првото прашање му беше „Зошто!?“. Знаев веќе за што ме прашува, ама сепак одлучив да се правам недоветен. Се знаеме доволно долго, така што веднаш ми ја препозна реакцијата и нападна со второто прашање „Кога!?“ Бидејќи овој пат реакцијата ми беше поискрена, се појасни „Кога ќе пораснете и ќе престанете да се однесувате како деца!?“ Не му дадов одговор, ама сепак сум убеден дека моето гласно воздивнување му беше доволно за да ме разбере.

Наредното утро почнав да ги читам реакциите на сите сојузници, а попладнето на аеродромот во Франкфурт ме пресретна еден драг пријател од граѓанскиот сектор кој како и јас се враќаше во државата по двонеделен престој на далечниот исток во Кина. Дури со него ги разгледувавме главните пораки од инаугуралниот говор на новоизбраната претседателка и од последните изјави на по сопствено именување „назначениот премиер“ авионот се наполни. Кога наредниот ден почнав да ги читам реакциите на германската ЦДУ си помислив дека во авионот кој во Скопје слета доцна вечерта, покрај редовните патници имало и некој кој ја донел главната или реакцијата која ќе допре најдалеку во врвот на победниците. Бројот на реакции, нивниот интензитет, веројатно и адресите од кои истите дојдоа можеби ги збуни револуционерите и од нив изнуди некои навистина креативни објаснувања. Како што вообичаено бива во физиката, телото на акцијата ќе почне да ја менува насоката на движење кога силите на реакцијата доаѓаат од поголеми тела, со поголема сила.

Неделата ја завршив со едно кратко патување во северна Грција. На граничниот премин Богородица-Евзони, од нас не побараа да покажеме дека ги имаме сите потребни документи за лична идентификација со новото име на државата. Се разбира единствено ги погледаа пасошите. Покрај акцијата на револуционерите од претходниот викенд немаа ниту поинаков однос кон нас. На прашањето како е подобро да стигнеме до нашето одредиште, полицаецот беше мошне љубезен и ни препорача дека е најдобро да се движиме по автопатот на линијата Верија-Кожани. Кога бевме приближно 10 километри од клучката кај Кожани на која требаше да завртиме кон Птолемаида имавме потреба од помош на патот. Одлучивме дека е добро да го искористиме осигурувањето и да се јавиме во АМСМ, сепак сме нивни членови. Диспечерот во Скопје беше извонредно љубезен. Ни ги објасни двете опции и по кратка комуникација со партнерите од Грција ни испрати екипа од Кожани. Екипата беше навистина брза и мошне љубезна. Ни помогнаа така што не пренесоа до Кожани, а потоа на нашите пријатели им објаснија како ќе постапат со возилото. Попладнето и вечерта ги поминавме кај нашите пријатели во малото село Емпорио, близу до Птолемаида. За многумина дома, меѓу кои академик Узунов и сопствениците на кафе слаткарницата „Крин“ од Скопје, тоа е Емборе, Кајларско.

Како што бидува домаќините, целото семејство, се собраа за да ги поздрават новите гости. Целото попладне го поминавме во дискусија за различни случки на семејствата, за доживувања од скорешните патувања, за двете од децата кои заминале од Грција во потрага по подобар живот во Германија и Шпанија, за нивната месарница и новиот деловен потфат кој го имаат во Птолемаида, за животот. Последен пат ги сретнавме во летото 2019 година. Пандемијата и економската криза направила интересни промени. Многу од продавниците се затворени, но многу од куќите во селото се обновени. Животот не е едноставен, но тоа е главно последица на економската криза, не и на политички случувања, а во селото сега има повеќе луѓе кои живеат постојано таму. Промените се видливи.

Онаму каде што нема промена, тоа се личните чувства на луѓето. Тие и натаму се идентификуваат како и претходно и го говорат јазикот на нивните предци. Разговорот со нив е како разговор со актерската екипа на „Бушавата азбука“ или кога како дете го слушав познатиот актер Ненад Стојановски, како ја чита најстарата љубовна песна напишана на старо македонски по говорите од Костурско. Сепак, главното прашање на сите им беше „Како е состојбата во Македонија?“ Не, не ги интересираше економската состојба, ниту нашите замислени и вистинити непријатели, туку политичката состојба и можноста акциите на револуционерите да го попречат развојот на односите и зајакнување на меѓу-државното пријателство што ќе значи подобра и поголема комуникација и блискост помеѓу луѓето. На крајот, разговорите завршуваа со истиот заклучок „Андреја, националистите не се добри. Тие само ги делат луѓето за да имаат профит за нив.“

Точно, национализмот и лажниот патриотизам се храна за сиромашните и за будалите, а политичарите имаат раскошна палета на приказни кои ни ги раскажуваат и не заведуваат. Потребна е една нано секунда за таквите приказни да станат бариера за вистинско братство на народите и бариера за нашата безбедност и нашиот иден развој. Не сум приврзаник на таквото толкување на изборните резултати, но ако денешните победници така го толкуваа референдумот во 2018 година, тогаш така можеме да ги толкуваме и овие изборни резултати. Впрочем, во полза на ова толкување оди и фактот дека на сите анкети огромно мнозинство од повеќе од две третини од граѓаните сметаат дека членството во Европската Унија е најдобра опција за нашата држава и би гласале на можниот референдум за пристапување. Затоа, да се вратиме на теренот на физиката, промената на акциите на револуционерите е можна, а нивното следно движење ќе биде во истата насока и ќе биде пропорционално на приложената придвижувачка сила, во случајов сите ние.

Зачлени се на нашиот е-билтен