Насилството како лекција, тишината како норма

Ако се следат социјалните медиуми можам да констатирам дека децата учат дека агресијата носи видливост, дека популарноста се мери преку лајкови, дека доминацијата е моќ.

Љуан ИМЕРИ

Во дигиталната ера, децата растат опкружени со екрани. Мобилни телефони, таблети, телевизори и компјутери се нивни постојани придружници, прозорци кон свет во кој насилството сè повеќе станува норма. Платформите што некогаш беа средства за информирање и едукација, денес се често преполни со сцени на тепање, пцовки, понижувања, убиства и говор на омраза. Реалити емисии, телевизиски серии и видеа на социјалните мрежи ја прославуваат агресијата, додека навредите и манипулацијата се прикажани како социјално прифатливи стратегии за успех.

Податоците го поддржуваат ова медиумско преплавување: дури 92% од населението во нашата земја користи интернет, додека кај младите (15–24 години), користењето на социјални мрежи достигнува 92,3%. За едно дете кое сè уште го гради својот вредносен систем, овие пораки се повеќе од визуелна содржина: тие се поуки, модели за однесување, начини за справување со конфликти.

Ако се следат социјалните медиуми можам да констатирам дека децата учат дека агресијата носи видливост, дека популарноста се мери преку лајкови, дека доминацијата е моќ. Во ваков амбиент, каде што дигиталниот свет нуди рецепти за супериорност преку агресија, не е изненадување што се зголемуваат случаите на анксиозност, стравови, па дури и суицидални мисли кај младите. Според дојавите до детската линија „АлоБушавко“, овие симптоми се веќе реалност. А податоците за насилство врз деца се алармантни: 73% доживуваат семејно насилство, а 31% се жртви на дигитална агресија.

Сè почесто децата растат во средини каде што насилството не само што е присутно, туку е прифатено. Ако родителот употребува физичко казнување, тоа станува воспитен модел. Доколку детето паралелно е изложено и на онлајн насилство, навреди или сексуализирана содржина, се поставува прашањето: Какви ќе бидат последиците врз неговата емоционална стабилност, самоперцепција и развој?

Информацискиот простор, пак, често наликува на хроника на стравот. Медиумските агрегатори секојдневно нудат стотици наслови поврзани со убиства, тепачки, закани. Само едно утро, во еден агрегатор забележав 407 написи за насилство и убиства. Меѓу нив, најстрашно, и најави за убиства, презентирани како дел од сценарио за „мир“. Тоа не е новинарство. Тоа е сензационализам што ја загрозува јавната безбедност и психолошката благосостојба.

Овде се отвора прашањето: Дали медиумите треба да ги преиспитаат сопствените практики? Дали прекумерната експозиција на насилство ја десензибилизира јавноста, претворајќи ја трагедијата во рутина? Медиумите не смеат да бидат само хроничари, сепак тие имаат општествена одговорност да информираат, но и да едуцираат, да нудат перспектива, критичка мисла и надеж.

Се разбира, постојат национални напори да се адресира насилството: протоколи, прирачници, кампањи. Но, токму оние деца кои се најранливи остануваат надвор од нивниот дострел. Децата кои живеат во сиромаштија, децата од малцински етнички заедници, децата со попречености, ЛГБТИ младите, децата што се на улица или живеат со ХИВ, најчесто се невидливи за јавните политики и медиумските пораки. Иако кампањите се добронамерни, честопати тие се насочени само кон „нашите деца“, кон оние кои зборуваат „нашиот јазик“ и кои „лесно се вклопуваат“. А другите?

Примери за ваква ограничена инклузивност има многу. Анализирав една кампања од општествено одговорна компанија (така самата се нарекува) која има навистина интересна и добра изведба, но истата не и етнички и јазична инклузивна. На пример, сите главни ликови во приказните имаа типични македонски имиња, како Марија, Мартин, Анастасија, Никола. Ниту еден лик што отсликува етничка или културна различност. Како овие кампањи ќе стигнат до децата кои не се препознаваат во нив? Следствено, и децата кои (анонимно) се охрабруваат да ги споделат своите искуства во рамки на кампањата, носат имиња како Виолета, Ѓорѓи, Милена… Имиња кои, иако ништо не им недостасува сами по себе, сепак го одразуваат истиот тесен културен и јазичен код што ја исклучува разновидноста на нашата реалност.

За разлика, некои други (главно меѓународни организации) вложуваат напори токму ваквите кампањи да ги претворат во платформи за инклузија и промоција на универзални вредности: еднаквост, правичност, видливост на сите деца. Вредности кои, за жал, кај нас сè поретко се практикуваат и полека исчезнуваат од јавниот дијалог, не затоа што се застарени, туку затоа што бараат храброст, искреност и вистинска грижа за сите, не само за „нашите“. 

Се зборува за инклузија, но таа сè уште останува декларативна. Реалноста покажува дека често се грижиме само за оние кои лесно се вклопуваат во нашите категории за „нормалност“. Ако не ја прошириме оваа рамка, ќе продолжиме да губиме цели генерации деца, невидливи за системот, изложени на насилство, заборавени од јавниот интерес.

Не станува збор само за тоа дали нешто ќе направиме, туку кога ќе почнеме искрено да се грижиме за сите. Ме смее да се молчи. Кога велиме „Сите деца“, тоа навистина мора да значи СИТЕ.

Зачлени се на нашиот е-билтен