Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Не ги затворајте очите пред сите димензии и историски вредности на Преспанскиот договор

Никогаш порано еден грчки премиер не се осмелил да каже „иако товарот на историјата е тежок, кога се има волја, се наоѓа начин, а Преспа, регион кој бил најсилно погоден од граѓанската војна во Грција, од каде што илјадници жители морале да бегаат, денес е симбол за мир, наместо за конфликт и за надеж, наместо за болка“.
Токму ова го кажа или го запиша Алексис Ципрас во заедничката колумна со Зоран Заев за бриселски „Еуроактив“ во пресрет на годишнината од Преспанскиот договор и на Грците и им порача дека егзодусот на Македонците од Егејска Македонија треба да го гледаат и како сопствена траума. И не му е прв пат да испрати вакви пораки.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Ние Македонците и после шест години никако да ја сфатиме вредноста и историската димензија на Преспанскиот договор како решение за тридеценискиот спор и преговарање за прашањето за името на нашата држава. До решението за овој спор стигнаа тогашните премиери на Македонија и Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, со поддршка на ОН и на медијаторот Метју Нимиц и со темелно вложување на тимовите на двете министерства за надворешни работи, тогаш предводени од Никола Димитровски и Никос Коѕијас, чии потписи ставија крај на тој процес којшто со тоа стана историски настан.

Да тргнеме од името. Добивме достоинствено решение. Македонско име за државата кое е географски прецизно. Факт е дека нашата држава е во северниот дел од регионот Македонија што се протега во повеќе држави (Бугарија, Грција и мал дел во Албанија).

Добивме решение за најголемиот проблем што го кочеше нашиот развој уште од независноста. Цели три децении, кои доколку не беше иницијативата и храброста на Зоран Заев и Алексис Ципрас, ќе се продолжеше и во векови, како што гледаме од однесувањето на политичката елита која ја презеде власта оваа година.

Преспанскиот договор ја извлече нашата земја од стегите на изолацијата и ја стави Република Северна Македонија во средиштето на вниманието на меѓународната заедница и нашите стратешки партнери. Тие видоа дека во земјата има лидери кои можат да ја преземат целата одговорност и да ги придвижат работите напред: Земјата да ја стават на колосекот на евро-атлантските интеграции. Да ја стават како респектибилна членка на највредните меѓународни сојузи како што се НАТО и ЕУ.

И кога сите мислеа дека нема излез, Северна Македонија, овој пат со помош на Грција, нашиот некогашен „душман“ го потврди и го зајакна својот идентитет без ниту една отстапка: Македонски јазик, македонски народ, Македонец, Македонка, заштитени и зајакнати засекогаш. Застанавме гордо исправени пред нашите претходници Климент и Наум, Крсте Петков Мисирков, пред Гоце Делчев, пред Блаже Конески, Кочо Рацин…

Нашата добивка е бесценета со зајакнатиот идентитет дојде и гаранцијата за безбедност, стабилност и просперитетна иднина во заедниците на прогресивните демократии.

Затоа, бесмислено е да ги затвораме очите пред сите димензии и историски вредности на Преспанскиот договор и да ја доведуваме во прашање неговата историска суштина и дух.

Се извлековме од прангите на минатото и зачекоривме кон иднината во која веќе никогаш нема да се соочиме со оспорување на нашето име, на нашата припадност, на нашиот јазик и идентитет. Нема да имаме повеќе фрустрации и гнев дека не сме признаени и дека сме оспорувани.

Како резултат на Преспанскиот договор Северна Македонија е рамноправна членка во НАТО. Седиме рамо до рамо со најсилните и најразвиените и донесуваме одлуки од глобален интерес заедно со нашите сојузници, меѓу кои е и Грција.

Ги отворивме преговорите со ЕУ за иднина на нашите граѓани, и за сегашните и идните поколенија. Во нашите раце е клучот за отворање на европска перспектива за економски развој и подобар живот за граѓаните. Перспектива и место во заедницата на европските народи за најдобра заштита на достоинството, идентитетот и иднината на македонските граѓани. Еднакви со сите Европјани.

Со решенијата од Преспанскиот договор, односите меѓу Република Грција и Република Северна Македонија ги издигнавме во пријателство кое никогаш не било поголемо.

Никогаш порано еден грчки премиер не се осмелил да каже „иако товарот на историјата е тежок, кога се има волја, се наоѓа начин, а Преспа, регион кој бил најсилно погоден од граѓанската војна во Грција, од каде што илјадници жители морале да бегаат, денес е симбол за мир, наместо за конфликт и за надеж, наместо за болка“.

Токму ова го кажа или го запиша Алексис Ципрас во заедничката колумна со Зораз Заев за бриселски „Еуроактив“ овие денови во пресрет на годишнината од Преспанскиот договор.

Со нашата траума од Граѓанската војна во Грција и егзодусот на Македонците од Егејска Македдонија, ги соочи  и Грците и им порача дека треба да ја гледаат и како сопствена траума.

И не е прв пат Ципрас да се заложи за целосно прифаќање на вредноста и на историското значење на Преспанскиот договор. Уште во 2019 година, додека мастилото на договорот сѐ уште не беше исушено, тој сред грчкиот парламент им упати остри критики до Комунистичката партија на Грција. Како одговор на противниците на Договорот од Преспа тој во еден свој говор пред грчките пратеници ги потсети на нивната историја и на одговорноста на Грција во однос на својот северен сосед, кој за многумина во таа земја би било најдобро да не постои.

Но, Ципрас ги потсети на неколку точки од нивната историја за кои им порача дека мора да се соочат со нив:

„Не сакам да се осврнам ниту на славомакедонскиот Буквар што комунистите го делеа во Ташкент на децата на славомакедонските борци на Демократската армија на Грција. Не сакам да се осврнам на 70.000 бегалци од Граѓанската војна кои грчката држава ги лиши од правото во 1983 да се вратат во нивната татковина. Ниту ќе се осврнам како на Славомакедонката Ирини Гини-Мирка Гинова, првата жена егзекутирана во Граѓанската војна, комунистка. Со овие грижи на совест што ги имате, да си се справите сами“, им порача тогаш Ципрас на своите колеги пратеници и на грчката јавност.

Неколку месеци подоцна ја поднесе својата политичка жртва и ги изгуби изборите, но колумната од овие денови докажува дека тоја не се откажа и сѐ уште верува во сите димензии и историски вредности на Преспанскиот договор.

Ретко, многу ретко, ќе најдете денеска политичари со таков интегритет. Без калкулации, без политички пресметки кои се диктирани од дневниот интерес. Без евтино алиби со кое ќе го дели својот интегритет на официјален, согласно уставот и меѓународните договори и на личен, кој произлегува од неговото основно човеково право.

Треба да знаете
Moже да ве интересира