Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Некој да му каже на Мицкоски дека прикривање на информации и докази е кривично дело

После изјава на Мицкоски за една телевизија дека „поседува озбилни информации“ и дека „ќе ги откриел наскоро“, треба да следува реакција на Јавното обвинителство кое треба да го повика и да му каже дека е должен да ги пренесе тиа информации до оваа институција за да помогне колку што може побргу да се расветлат сите детали за грозоморните убиства.
Ако сега ги има тие информации, зошто најавува дека ќе ги соопшти „за месеци“?!?

Зоран БОЈАРОВСКИ

Некој треба да му каже на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски дека прикривање на информации за истражна постапка којашто е во тек е кривично дело за прикривање докази.

Уште повеќе, тој треба да биде предупреден дека ако тоа се докаже, може да му биде придодадено уште едно кривично, оноа за ширење страв и паника.

Секако, после неговата изјава за една телевизија дека „поседува озбилни информации“ и дека „ќе ги откриел наскоро“, треба да следува реакција на Јавното обвинителство кое треба да го повика и да му каже дека е должен да ги пренесе тиа информации до оваа институција за да помогне колку што може побргу да се расветлат сите детали за грозоморните убиства.

„За месеци од денеска сето ова ќе биде изнесено на лице пред јавноста и ќе знаат луѓето што направиле овие луѓе. Тие информации што јас ги знам се озбилни“, рекол Мицкоски во јавен настап на телевизијата.

Ако сега ги има тие информации, зошто најавува дека ќе ги соопшти „за месеци“?!?

Она што исто така некој треба да му го каже на Мицкоски е дека злоупотребата на убиство на дете во политички цели е злодело од посебен вид и дека ако се докаже дека тој и другите во ВМРО-ДПМНЕ манипулираат, ќе треба да одговараат.

Додека целата држава се обединува во тагата за изгубените животи на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, опозициската ВМРО-ДПМНЕ изминативе денови со полна пареа се обидува политикански да се пресметува со политичките противници и да ја користи трагедијата за продавање магла и освојување ситни политички поени.

Тоа е единственото нешто што може да се рационализира од ова однесување на првенците на ВМРО-ДПМНЕ.

Уште од понеделникот, ден по објавувањето на информациите за убиствата, опозициската ВМРО-ДПМНЕ започна со невкусно политиканство и изнесување на дезинформации и шпекулации со цел да собираат политички поени.

Ваквата кампања на опозициската партија продолжува и во текот на неделата, а последно и лидерот Христијан Мицкоски во интервју за ТВ Шења изнесе низа тврдења кои покажуваат дека за доаѓање на власт, тој и партијата се подготвени на сѐ.

Ваквата злоупотреба на убиство на 14-годишно дете за политички цели е дополнителна виктимизација за семејството и за колективната траума на општеството, бидејќи во јавноста креира атмосфера на нелагодност и несигурност, нешто на што реагираат и самите граѓани.

Прес-конференциите и изјавите на опозициската партија во кои ја злоупотребуваат трагедијата се мета на остри напади од граѓаните, па дури и нивните симпатизери, кои сметаат дека е невкусно и грозно да се кориси оваа ситуација за политиканство. Граѓаните исто така забележуваат дека најголем дел од обвинувањата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ им завршуваат со прашалници, свесни дека го користат немилиот настан за собирање евтини политички поени.

Јавноста уште се прашува дали овие изјави на Мицкоски се, всушност, обид да го одврати вниманието на себе си затоа што тој упорно одбива да одговори на прашањата за неговата врска и средбите со осомничениот за убиството на 14-годишната Вања Ѓорѓиевска и пензионерот Панче Жежовски.

По лидерската средба на 4 декември, Мицкоски беше запрашан од новинарите за неговите средби со Љупчо Палевски и какви се неговите врски со него и неговата партија. „Да се задржиме на темата“ и „Убав ден да имате“ беа единствените коментари на Мицкоски на инсистирањето да одговори дали се среќавал со Палевски и за што разговарале на средбите за кои се тврди дека биле три, една во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и две во неговиот дом.

Порталот Инфомакс тврди дека „за средбите има и сведоци кои се подготвени да говорат јавно и да објаснат за што се разговарало“.

За ваквите средби говореше и Палевски во неколку наврати, кој кажуваше дека се среќавал со лидерот на опозицијата со кој меѓу другото договарале формирање на коалиција и заедничко политичко делување, но и делување во рамки на политичкото подземје.

Ваквите индиции отвораат сомнеж дека постоела некаква спрега помеѓу Мицкоски и Палевски и дека се креирала некаква заедничка платформа во десничарските кругови. Одбивањето на Мицкоски да одговори дали и зошто се среќавал со Палевски фрлаат сомнежи коишто единствено Мицкоски може да ги „разбие“, но тој го избегнува тоа.

Министерот за надворешни работи Оливер Спасовски на прес-конференција во понеделникот кажа дека треба да се стави крај на криминалните гнезда кои се формирани преку политички движења и партии. Министерот додаде дека тие преку правење на политики, политиканство, коалиции, договори, влијанија од надвор сакале да направат дестабилизација.

Ова е особено важно да се има на ум ако се има предвид фактот за трендовите на радикализација на десницата.

Треба да знаете
Moже да ве интересира