Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нема државност без социјал-демократски проект

Национализмот, на пример, е фалсификат – колективизам (дури е и антитеза на претпоставениот вид на колективизам), бидејќи, енкапсулирајќи го колективот преку пропишување на етничноста / националноста, автоматски му го одзема фокусот од системот за вмрежување на колективот, сосе смислата на националната причина за колективизирање – социјалната.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

На една приредба, гледам, децата се редат во форми на цифри. Се сеќавам дека во основно училиште (во СР Македонија, СФР Југославија) учествував во слични приредби, мотивирани со супериорните слетови на сојузно ниво. Претопувањето од една форма во друга поттикнува некое чувство, барем за секунда, во врска со тоа како секоја индивидуа придонесува за подредувањето кое од својата перспектива не го гледа, барем не добро, туку може само да се види од, за неа, непристапната птичја перспектива. Притоа гледачот не може да го избегне погледот на хаотичните меѓусостојби од една кон друга форма – секундата од анксиозност до следната форма, но и утехата кога ќе препознае пак чиста форма. Сега мислам дека тие масовни слетови беа реклама за „колку е уреден комунизмот“. Дека само некој „одозгора“ може да види и планира таков ред, а дека индивидуите може само да се автоматизираат со увежбување за тоа каде им е местото и кои движења мора да ги прават за да се обезбеди секоја следна форма. Секоја нова, чиста формација, гледачите да ја асоцираат со „ред“, а сѐ посложените формации – и со „напредок“, затоа што сето тоа е успешно (и весело!) реализиран план на тој кој „одозгора“ планирал. Тоа е тој кој, по дефиниција на системот, го осмислил уредувањето и напредокот, а гледачот да разбере дека не би можел тоа да го испланира. Да разбере дека оној „одозгора“ би морал да е повисока интелигенција од играчите, но и од гледачот. Тоа да е аксиома, ветување на системот. Посугестивно дури и од „воените маневри“ со речиси фашо-мирис заради изложувањето оружја и дисциплинирано марширачка војска. За ваквиот систем денес знаеме дека само милениумската источна култура имала доволно стеги и шрафови да го одржува еластично од еден кон друг вид на колективизам – генерално, сите кинески колективизми од минатиот и овој век, заедно под исто име – комунизам.

Југословенскиот вид, пак, за разлика од сите комунизми, беше на доволно „крупно“ децентрализиран и доволно пазарно ориентиран, блоковски неврзан, со самоуправувачки постулати и социјална грижа, што би можел денес да се нарече социјал – либералистички / демократски. Во културната и интелектуална слобода беше еквивалент на француската, англиската, американската модерна, и во таа област дури и беше пример за демократски. На прагот да биде најдобар светски социјал-либерален проект, за разлика од скандинавските земји, не му успеа тестот на оптимизирање на внатрешната диференцијација наспрема интеграцијата по споменатите основи. Ако погледнеме од денешна перспектива, не изгледа дека неуспешниот тест се должи на некои фалинки на социјалната држава во рамки на социјалистичките принципи, како што некои уживаат да го контрастираат социјализмот со капитализмот, туку заради неодмерување на меѓусебните излевања во дијалектичките „тези и антитези“ во праксата (економската, судската рак – рана, политичката, работничката самоуправна наспроти таа на раководителите на претпријатијата, односно кукавичките јајца во тој систем кои си дозволиле да се претворат во аналози на корпоративистичките апсолутни пред Француската Револуција…), но, сепак, цивилизациски адекватен: Од едната страна беа истите колективни дефицити како и сите дотогашни (и досегашни) колективизми – парадоксирање на обединувањето како конформирање до унифицираност, а од другата страна – неразбирањето, онтолошки, на смислата на внатрешната диференцијација. Всушност тестот за успехот на конкретен колективизам за тоа дали успеал да ја воспостави самосвесноста на колективното тело, се состои точно моментот на разбирање на сопствената внатрешна диференцијација. Денешниот бран во „Велика Америка“ има многу сличен облик.

Луѓето, во потрагата по поголема сигурност, се однесуваат интуитивно склоно кон колективизација, но би требало да се потсетат дека смислата на тоа е социјалниот колектив, грижата едни за други, а не збивање во стадо со истоветен жиг на бутот. Алтруистичката смисла на колективизирањето ја гледаме кај социјалните животински групи – роеви, јата, стада, глутници… Меѓутоа, алтруистичките компоненти кај човекот се развиле до повисоко и повмрежено ниво на хумани, морални и социјални вредности. Преку падовите и развоите на овие вредности може да се класифицираат разни историски периоди, но уште повеќе, самите борби за тие вредности ги избиструвале и вградувале врзивните елементи на колективистичкото вмрежување. Бидејќи борбите за вредности се движења по препреките за тие вредности, неизбежно во тие притисоци се раѓаат нови идеи, нови издиференцирани значења на вредностите и нови слоеви кои ги кристализираат и бараат новите вредности.

Ако колективизмот не успева да ги филтрира истостите и да ги вгради сите тие различности, тогаш тој не е вистинскиот кој го обединува колективот. Така, иако изгледа дека примарната потреба за сигурност ги прави колективизмите основа на функционирањето на општеството, јадрото на колективизмот, според ова, е во либерализмот, поради неопходниот услов за почитување на различностите од коешто произлегува и грижата на Едни за Други. Односно, нема колективизам без социјал-демократија и либералност. Преведено во домашнава терминологија, државноста ни се стреми под основниот минимум за минимална држава или лошо дефинирана корпоративистичка анархија (воопшто не ултра-левичарска, нека простат!), доколку не се засновува на социјалдемократски принципи.

Национализмот, всушност, го енкапсулира колективот не со цел ексклузивна намена на ресурсите (како семејството, на пример), туку го изолира во ограда во која единките се набиени без вмреженост, ги дресира на опсесивно повторување песничка од минатото или за некој иден рај за олеснување на стравовите во сегашноста, а единствениот бит на информација според кој се „поврзуваат“ е оној според кој пастирот ги препознава – жигот на измислената „национална“ истоветност, без врска со социјалната.

Национализмот, на пример, е фалсификат – колективизам (дури е и антитеза на претпоставениот вид на колективизам), бидејќи, енкапсулирајќи го колективот преку пропишување на етничноста / националноста, автоматски му го одзема фокусот од системот за вмрежување на колективот, сосе смислата на националната причина за колективизирање – социјалната. Национализмот, всушност, го енкапсулира колективот не со цел ексклузивна намена на ресурсите (како семејството, на пример), туку го изолира во ограда во која единките се набиени без вмреженост, ги дресира на опсесивно повторување песничка од минатото или за некој иден рај за олеснување на стравовите во сегашноста, а единствениот бит на информација според кој се „поврзуваат“ е оној според кој пастирот ги препознава – жигот на измислената „национална“ истоветност, без врска со социјалната. Односно, нема националност без социјалност. Затоа нацизмот („национал-социјализам“!) беше толку девастирачка измама (кога националистичкото е под претензија на „социјална држава“ што само резултира со нејзино системско отстранување). Процесот на таа скапаница не би требало ни да се памти, а само заклучокот дека е мртов пример да доведе до депрограмирање во човештвото од таа бесмислена штеточиност.

Вклучувајќи го фактот дека дури и хоророт фашизам добил место во историјата, можно е дека човештвото во треска го пробува врз себе осмислувањето себеси низ масовен колектив. Колективот, кој самиот нема дефинирана свест за себе (настрана лажгите на национализмите, расизмите и други злоупотребени диференцијациски идеи кои тврдат колективна свест), преку колективизмите е во потрага по интелигенција, досега, самоназначена, исклучиво. Најраширената варијанта е авторитарна: Колективот, со „помош“ на многу повторувачки активности, е убедуван / убеден дека ќе ѝ верува на проценката на интелигенцијата што конкурира да води, дека таа е поголема од неговата како колектив, за понатаму, колективот да ја прогласи, во себе и пред секоја индивидуа, за поголема од себе и, уште повеќе – поголема од секоја индивидуа. За да може бараната интелигенција да се „впие“ во колективот, самиот колектив, заради олеснување на анксиозноста од непридвидливото, бара уште повторувачки активности кои би ја „увежбувале“ таа интелигенција врз себеси пред да ја поприми, бидејќи сеуште нема свесност за тоа колку таа може да му послужи како моќ за предвидување на иднината. Од иднината, да не заборавиме, човекот е уплашен до коска, не помалку од пештерските времиња!

Денес, како малку посвесно да ги гледаме претераните медиумски повторувања (кои никако не се од вид repetitio mater studiorum est!), затоа што полека се освестуваме зошто се неселектирани – нешто е интелигентно, нешто е празно, а поголемиот дел е отров за интелигенцијата. Преку етерот тоа се развејува како прашина низ колективот, без назначени разлики. Оној кој резонира со фреквенцијата на отровот е веќе егзистенцијално уплашен, па повторувањата на бесмислени слогани дури и го смирува од непредвидливата иднина, слично како што тоа го прават повторувачките активности при опсесивните пореметувања. Го смирува да се конформира, да биде што „поист“, а за уште поголема сигурност – ќе се обиде да пропагира натаму истост, без да мисли многу која е таа. Ново е тоа што денес процесот „научил“ да го затвори кругот: Сите кои меѓусебно си повторуваат некоја надмината бесмислица (…uber alles =… great again = повторно горда, итн.) резонираат само со отров за стварната интелигенција. Оттаму и поголемата свесност и забележувања на бесмислените повторувања, од страна на оние кои остануваат надвор од кругот. Поделбата на внатре – надвор од кругот е познато под називот „поларизација“, но тој назив е површен во суетната поза на непристрасност. Не се рамноправни полови почитта кон различностите со цел заемно помагање и, ваму, затварањето на колективот во повторувачко ехо на бесмислени слоганчиња. Не може поривот за вмрежување интелигенција во колективот да биде просто „поларно“ спротивен со отровот за стварната интелигенција. Бесмисленостите и отровите пуштени во етерот претставуваат декомпозиција на секаква колективност. Без интелигентен репер – нема колектив, затоа што автоматски е анулирана социјалната компонента, ако интелигенцијата се труе. Тоа нешто, од таа страна на „поларноста“ не може да препознава различности повеќе од бинарен сигнал – или е „наш“, или „да се сотре“. Нема таму шаренило од различности за да може да препознаат како да си помагаат и на тоа ни една моќна машина како капитализмот (нели, даваш-давам принцип) не може барем фластер да залепи. Затоа и сите кои сметаат дека неутралноста е вредност во ситуација кога (божем) се бираат политички или идеолошки „опции“, се во суетната поза „види колку сум паметен, баш сум непристрасен“. Самоназначена интелигенција во скриена желба да го дарува колективот со тој свој ѕвезден ресурс, но без мисла. Не оди тоа така.

Колективот денес некако комотно дозволува некаква Данинг – Кругеровски самоназначена интелигенција да го води, па се наметнува прашањето дали човештвото се повело толку наивно и по лажни самоназначености (субјекти кои не знаат дека не знаат) или успеало да активира нов неврон: Деколективизирачкото зрачење на лажните колективисти да го примени итеративно врз лажниот колективизам, со што ќе го деконструира процесот на деконструкција на колективот! Така, бидејќи социјалната држава и либерализмот (социјалдемократијата) е сржта на социјалните колективи, тогаш десничарските деконструктори можат да се истресат самите како фактор ако се натераат да се покажат како дарител на интелигенција на колективот. Голем ризик, но после стотина илјади години социјализирање на човештвото, може да се има верба дека не е суицидален.

Да појаснам, во многу од историските времиња, владетелите мудро се опкружувале со најинтелигентните луѓе околу себе (секако, во времето на глупоста од инквизицијата, во мраковите на средниот век – многу помалку). Не е непознато, на пример дека научниците припаѓале на царскиот двор затоа што владетелите разбирале дека не може егоистички да ја нудат баш само својата лична интелигенција за напредокот на колективот. Досега, секој историски лик се кандидирал за улогата на дарител на интелигенција на колективот, која некогаш и многу успешно ја извршил: Колективната интелигенција се поткачила по неговото влијание, што се огледува во маркерите по кои цивилизацијата напреднала. Некогаш, тоа било на основа на етиката (Ганди е можеби сеуште најновиот хардкор практичар), а некогаш во инфраструктурата /технологијата / науката, за зголемување на цивилизациските можности на колективот (неизбежно е за тоа да се спомнат некои од римските императори, на пример). Религиите многу би сакале да се третираат како обид за етичко колективизирање преку „невидлив пријател“ (еден или повеќе богови) и негови интерпретатори (верски водачи), но многу од нив ја доживеале (и уште ја доживуваат) истата стапица како и пропаднатите колективистички идеологии – парадоксирањето на обединувањето како конформирање и унифицираност, наметнување сите да бидат таа-и-таа вера, а сите други да се издвојат (дискриминираат, па и убијат) како „неверници“. Верски војни, омраза кон несличниот, отфрлање на различност – тие се аналогот на дефицитот на кој се сопнале сите тоталитарности: Компулсивна желба за истост, со матна идеја дека така ќе се уреди реалноста и иднината до извесност, за да се намали стравот од неизвесноста. Таа непродуктивна повторувачка залуденост (како да е опсесивно компулсивно пореметување, па погледнете ги само ритуалите) во привид на олеснување на стравот од иднината, ги извитоперувала досега сите хумани етички напори на човештвото и доведувала дури и до уништувања на колективниот „хардвер“ – инфраструктурните придобивки. И сеуште се давиме со таа пештерност во 21-ви век. Религиите, патем, не го подмириле долгот од штетата што ја направиле со репресијата врз индивидуата, со нарекувањето на човекот како грешник и со вградувањето на чувство на помала вредност. Што го смежурлавиле човекот од вина, за да биде роб, а не бунтовник и му го мамеле умот со некакво далечно минато или го плашеле со сцени од божемна иднина, таму, после неговата смрт. Ако една идеологија конкурира за колективизам, веднаш треба да се депрограмира од ова лудило. Луѓето веќе во критична бројка знаат дека е тоа.

Заради тоа што истоста води до глупавеење на колективот, концептот на почит и признавање на индивидуалноста и различноста мора да е почетокот на секоја идеологија, секоја религија, секое колективизирање, односно пат кон свесен колектив. Либералноста мора да е иницијалната точка. Се разбира дека сеуште се гледа на либералноста како на „лет на пеперутка“ која прилично сигурно предизвикува со крилцата „ураган во Бразил“, бидејќи во самата точка на толкава почит кон индивидуалноста – секоја индивидуа да ги има правата на другите, може да се препознае жица од теоријата на хаосот: Премногу непредвидливи компоненти, колку луѓе – толку степени на сложеност! Но, либералноста не е и не била никогаш вистински имплементирана во историјата на човештвото, не само заради генералната одбивност кон непредвидливоста која либералноста наводно инхерентно ја произведува (заради привидот на сложеност), туку и затоа што ниеден обид за општествено прифаќање на различностите не успеал да се „изоптимизира“ со карактеристиките на тековниот вид на колективна интеграција од конкретното време. Како истовремената прогресивност која оди заедно со либералноста да е проколнато својство, пречка што предизвикува нетрпение кај колективот во одредена фаза на конформирање!

Тестот стои нерешен засега – рано е да се видат резултатите од ризикот што се допушта деконструктори да ја редат реалноста. Сеуште не е прифатено дека либералноста, не само што не е спротивна на колективноста, туку е нејзин скелет, јадро од секоја клетка, бидејќи диференцирањето е основа за интегрирањето. И тоа, не диференцираните слоеви како „материјал“ за интегрирање, туку прифаќањето на самата различност. Еден авторитарен колективист може и вака да праша: „Па добро, до каде, до колку „ситно“ може да се прифаќа диференцирање, па со тоа се тенчи колективноста до анулирање, мора некаде да се запре за да остане идентификациски маркер врз основа на кој сите тие луѓе би претставувале интегрална целина. А доколку има истост под сета таа различност, тогаш различноста е непотребна, не?“

Диференцијацијата која се огледува низ либералните принципи, драги десничари, не смее да се губи, бидејќи таа го носи богатството на колективот како збир поголем од своите делови, таа е формативната невронска мрежа што овозможува повисока свест, а самата колективна свест автоматски значи обединување на колективот.

Меѓутоа, не се анулира колективноста, еве, ајде, како Демокрит, да се запрашаме – има ли атом таа диференцијација? Јадро на истост под различноста? И ако има – зар тоа би покажало дека е залудно прифаќањето на различноста и дека истоста е токму таа која колективистот ја тврди? Па, сите знаеме дека јадро на истост има, го знаеме длабоко во себе тоа јадро, исто така како што знаеме и дека тоа не е комформабилно! Тоа е точно онаа човечка социјална природа потребна за колективизирање, во облик на развиен алтруизам и хуманите морални вредности. Тие не може да престанат да важат во ниедни услови, инаку условите паѓаат. Тие вредности се исти за секого и од секого кон секого и се во секого. Тоталитаризмите, авторитаризмите, фашизмите, сталинизмите, итн. се парадоксираат самите себе инсистирајќи на надворешна истост, а не на оваа до која се стигнува само преку различностите. Така, сите стари и сите сега зачнати колективизми во светот, пак се на испит.

Имено, денес десничарските идеологии се вртат околу поимите „обединување“, „национален идентитет”, „ред“ и ја нагласуваат кохезијата. Но, во реалноста бараат истост, покорност и конформирање, никаква различност! Меѓутоа, никако не смеат да се заборават лекциите на ригидните нехумани колективизми, кога инсистирањето на унификација, отстранувајќи ги разликите со конформирање (или подрастично, со егзистенцијални притисоци, па сѐ до убиства), всушност прави едно големо глупачиште од колективот, без капацитет да интегрира ни површни телесни карактеристики, ни креативни идеи, ни искуства, ни размена меѓу култури, а камоли социјална грижа за понемоќните, што е и примарната смисла на сето тоа колективизирање, обединување! Ако десничарските политики и вредности ја доживуваат либералната демократија како деколективизирачки фактор, тогаш веднаш да знаеме дека имаме работа со некој вид наследник на фашизмот. Таквите десници се, со таквите свои аксиоми, осудени на пропаѓање (само е прашањето на бројот на жртви), бидејќи со себе го влечат парадоксот на ослабување на интегративниот капацитет на колективот (токму тоа за што се залага) заради неприфаќање на различностите. Значи, диференцијацијата која се огледува низ либералните принципи, драги десничари, не смее да се губи, бидејќи таа го носи богатството на колективот како збир поголем од своите делови, таа е формативната невронска мрежа што овозможува повисока свест, а самата колективна свест автоматски значи обединување на колективот. Тоа обединување не се постигнува со хомогенизирање во истост, ниту пак свесноста е можна ако се состои од само една мисла во ехо со самата себе. Затоа, ако имате неумислена мисла (ама мисла, не нејзина деструкција), скромно дарувајте ја во колективот. Различна е.

Зачлени се на нашиот е-билтен