Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Нема иднина општеството што живее во заматено и затруено минато

ЏАБИР ДЕРАЛА

Неприфатливо е тоа колку ова општество живее во минатото, а толку да не знае да се соочи со него. Прилагодено на политичките апетити на националистите во политиката, минатото најчесто се фабрикува и замаглува. Тоа станува како искривено огледало во кое се гледаат само грдите и мрачни настани, најчесто претерани, па и целосно измислени.

Од такво заматено и затруено минато, искривено од политиката, пропагандата и медиумите, не може да се учи, а уште помалку може да се градат основи за здраво, интегрирано општество.

Неспособноста на општеството да се соочи со минатото, значи и неспособност да ја организира сегашноста, а ниту да се насочи кон иднината. Такво општество, едноставно, нема иднина.

Затоа… Изјавите во интервјуто со поранешниот учесник во воениот конфликт во 2001 година, Стојанче Ангелов, не можат да послужат како пример за соочување со минатото, ниту, пак, за придонес кон процесите на помирување. Најмалку можат да посведочат за капацитет за градење на иднината. Не мора многу да се анализира. Доволно е да се фрли поглед на тоа какви реакции предизвика (за илустрација: ЛИНК до ФБ објавата на една од изјавите од интервјуто).

И изјавите, и реакциите, и сè останато, претставуваат огледало на работата на институциите, политичките партии, невладините организации и медиумите. Мултикултурализам, рамноправност, европски вредности? Нула.

Може, а и треба да се работи долго и напорно на овие теми. Очигледно е дека ова општество нема доволно, ниту политички, а уште помалку интелектуални капацитети да почне да ги разбира овие теми. За размислување, планирање, а дури потоа и за дејствување и да не говориме. Сензибилитет? Нула.

Едно е да се изрази политичка волја, а нешто сосема друго е да се разберат поимите за нештата за кои се изразува таа политичка волја. Со чесни исклучоци, разбирањето и желбата да се научи повеќе за суштината на тоа кон што велиме дека се стремиме – го нема.

Избор CivilMedia

Треба да знаете
Moже да ве интересира