Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Невидливи за општеството

Здружувањето, емпатијата и солидарноста се клучни а тие за жал, не се забележуваат често. Граѓаните не ги прифаќаат припадниците на маргинализираните групи поради стереотипите, а институциите не помагаат во нивно надминување.

Љуан ИМЕРИ

Во нашето општество луѓето често се или стануваат „невидливи“ поради припадност на одредена раса, етникум, пол, сексуалнана ориентација, религија или социјален статус. Проблемите и предизвиците на лицата со попречености, хронично болните и лицата заболени од ретки болести, старите лица, лицата без државјанство, бегалците, сексуалните малцинства, бездомниците и на многу други луѓе од маргинализираните групи, најчесто остануваат невидливи за останатите членови од општеството, но уште пострашно, тие остануваат невидливи и за институциите на системот.

На овие групи им се ускратени пристапите до социјалните, економските, политичките и културните права. Предрасудите и стереотипите кои ги има нашето општество се големи, а тие предрасуди и стереотипи често се промовирани дури и во медиумите. Припаѓањето на ваква група, па дури и самата перцепција дека некое лице припаѓа на таа група го зголемува ризикот од нееднаквост во однос на пристапот до права и користењето на добра и услуги во различни сфери.

Антирасистичкото движење Black Lives Matter кое беше и номинирано за Нобелова награда за мир во 2021 година, само ни покажа колку се длабоки конфликтите засновани на нееднаквост и тоа не само во Америка. Иако Black Lives Matter стана многу важно глобално движење за борба против расната неправда и активистите постигнаа огромен успех во подигањето на свеста за расната неправда, нееднаквиот третман на сите луѓе од страна на институциите и нивните репрезенти не е новост ниту за американската ниту за нашата јавност. Секојдневно се соочуваме со прекршувања на човековите права особено на најранливите категории, на „невидливите“ лица. Овие ситуации предизвикуваат огромен гнев кај јавноста но по некое време најчесто забораваме на нив и „невидливите“ продолжуваат да бидат невидливи. 

Сите бевме сведоци за време на Ковид-19 кризата како секојдневно добивавме детални статистики кои што ги анализираа возрастите и коморбидитетите на сите починати лица од Ковид но за жал се чини дека никој нема идеја колку бездомници умреле, или колку бегалци, или лица без државјанство, односно колку невидливи лица починаа од ова пандемија. Според д-р Самира Асма, помошник-генерален директор за податоци и аналитика во Светската здравствена организација, шест од секои десет смртни случаи се нерегистрирани на глобално ниво додека во некои региони оваа бројка е и поголема.

Се смета дека најмалку 700 лица кои што се родени во нашата земја немаат државјанство односно не се регистрирани. На овие лица им се ускратени речиси сите нивни права. Граѓанскиот сектор од 2000-та година алармира за големиот број на нерегистрирани лица. И покрај нивните напори, пред се во идентификување на овие лица но и во предлагање на законски решенија сепак не успеа да се намали оваа бројка на нерегистрирани лица. Во 2005 година, лично учествував на проект преку кои беа идентификувани околу 500 нерегистрирани деца. Листите беа предадени до институциите заедно со низа препораки за нивно соодветно евидентирање. За жал, никогаш не добивме директен повратен одговор за судбината на овие деца. Но индиректно често добиваме многу одговори, само во скорешно време имавме два случаи кога згаснаа два млади животи на наши сограѓани. Имињата на овие млади „невидливи“ момчиња за државата, чии животи згаснаа без да ги остварат своите права, станаа видливи само по нивната смрт.

Не се само нерегистрираните лица невидливи за општеството. Се сеќавате на бегалката која неодамна смртоносно беше застрелана од полицаец во Гевгелија, или на пациентот со цистична фиброза кој почина по скоро две години чекање да го добие лекот? Се сеќавате. Нивната судбина ја имаат и многу други бегалци и болни, но за жал, за повеќето од нас тие остануваат невидливи а ваквите трагедии беа и останаа најдобра партиска артилерија, од која се пука со истите топови во зависност од која страна на фронтот стојат непријателите.

Поради насилство врз жените, овие невидливи луѓе кои бегаат од смртта остануваат сериозно повредени или доживотно онеспособени откако претрпеле семејно насилство. Во отсуство соодветни податоци за овие жртви, организациите кои се бават со насилството врз жените укажуваат дека жените и покрај тоа што се физички нападнати или дури и жени кои останале инвалиди (на пример глуви или слепи по ударите во глава) по тепањето од нивните сопрузи, во статистичките податоци се евидентираат како „паѓање по скали“, се разбира поради притисокот од насилниците.

Невидлива е и борбата и страдањата на многу жени кои се обидуваат да излезат од наметнатите родови улоги. За жал, многу жени кои не ги исполнуваат очекувањата што општеството им ги наметнува, беа и биваат убиени. Досега сме виделе многу девојки и жени како маршираат и демонстрираат за своите прави. Не се откажуваат, но ние не ги гледаме.

Вакви примери има многу.

Често индивидуалниот крик не е доволно гласен. Често нема ниту кој да го слушне. Организациите кои што се бават со заштита на човековите прва укажуваат дека секојдневно се преплавени со случаи на граѓани и граѓанки за кои државата нема разбирање а бирократските проблеми на многумина сериозно им го отежнуваат животот и им ги ускратуваат основните права.

Ако се анализира легислативата може да се изведе општ заклучок дека националната легислатива  формално ги штити сите граѓани, вклучувајќи ги и „невидливите“, но сепак институциите ниту промовираат ниту поддржуваат нивна заштита туку само даваат можност за заштита.

Недостасуваат знаење, вештини и координирано дејствување на индивидуално и институционално ниво. Сеуште немаме развиено соодветни капацитетите во сите институции кои се вклучени во поддршката на „невидливите“ граѓани. Најчесто грижата за „невидливите“ или ја нема воопшто или таа е фрагментирана, односно тоа значи исклучување на еден вид институционална поддршка и грижа со друг вид поддршка и грижа. Само се адресира конкретниот проблем а се заборава на сите останати елементи на истиот. А ние самите реагираме само кога нешто нас директно не засега, „само кога ќе дојдат по нас“. Здружувањето, емпатијата и солидарноста се клучни а тие за жал, не се забележуваат често. Граѓаните не ги прифаќаат припадниците на маргинализираните групи поради стереотипите, а институциите не помагаат во нивно надминување.

Секое отсуство на заштита и грижа на „невидливите“ е знак за дискриминација и нееднаков третман. Дискриминацијата, стигматизацијата и предрасудите кон „невидливите“ постојат, а ретко искрено се работи на градење на политики и активности за спречување и/или адресирање на дискриминацијата, стигнматизацијата и предрасудите кон овие лица, а резултатите се поразителни.

Зачлени се на нашиот е-билтен