Додека за меѓународните договори нирвана-заблудата самите ВМРО-ДПМНЕ си ја прават блиска до посуровата македонска изрека: „Барала шута рогови – ги изгубила и ушите“, за мерките што беа во насока на подобрување на некоја состојба, нивните гракања повеќе личеа на барања „преку леб – погача“, па од немањето небесна, идеална „погача“, му констатираа на народот дека „лебот“ не вреди.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
„Перфектното е непријател на доброто“, вели Волтер, иако низ вековите малку е изменет преводот од француски со цел да се нагласи идејата дека очекување на совршеност е заблуда. Оригиналниот исказ е „Подоброто е непријател на доброто“ (Le mieux est l’ennemi du bien), но контекстот не е за стремежот кон подоброто, кој го сфаќаме генерално како доблест, туку е за нереалистичното, пасивно очекување на нешто подобро од доброто. Многу често, тоа очекување, наместо доблесно – е штетно.
Овој афоризам е многу пати повторуван низ најразлични форми во цел свет. Кај нас тој е, во основа, изреката „Подобро врапче во рака отколку гулаб на гранка“, но ми се чини кинеската верзија најграциознo цели кон суштината – „Насликал змија, па нозе ѝ додава“ (huà shé tiān zú). Кинеската приказна поврзана со изрекава, како да гледа во некои наши минати одлуки: Многумина сакале да си поделат меѓусебе малку вино, ама еднаквото делење на толку малку вино им се сторило неубаво, па се договориле, кој попрв ќе наслика змија (?!) – тој прв ќе пие. Еден ја завршил сликата прв и таман да го грабне садот со вино и прв да пие, фрлил поглед назад на сликата и се вратил да ѝ доцртува ноџиња на змијата, за да биде „поубава“. Вино за него не останало.
Во денешно време оваа идеја е содржана во економските науки како „Закон за опаѓање на повратот“ после некоја максимална точка, која таткото на алгоритамската анализа Доналд Кнут толку многу ја цени, што за секакви прилагодувања после таа точка вели дека се „корен на сите зла“. Принципот на Парето, популарен во примената и наречен 80-20-принцип (не се секогаш стриктно тие бројки, оти зависат од разни параметри, но никогаш не се 100-0), со кој се моделираат економски, социјални и политички феномени, ја поддржува оваа идеја како реална вистина. Основната варијанта гласи дека 20% од причините ги прават 80% од проблемите, но една изведена варијанта вели дека 20% од напорот врши 80% од работата (што е, патем, убава мотивација да ги мрдне мрзливците од кауч). Ова потоа може и вложено да го применувате во 20-те останати проценти од работата. Но, 100% завршеност, што во пракса значи совршеност, никогаш не се постигнува. Просто, има момент кога треба да застанете и да ја препознаете точката после која секое дотерување значи расипување, доцртување ноџиња на нешто што нема ноџиња. Истото важи и за преговорите и договарањата во бизнисот и политиката.
Ние овде си имаме горчливо искуство со проценката на оваа точка кога беше спорот со името, при јасно посилен противник (може да се гледа како поголем „тежински фактор“), кој запна името Македонија воопшто да не биде содржано. Заради неписменоста на државната постава тогаш на чело со Груевски и Милошоски, Македонија го утна времето кога имаше најмалку лош договор, а во бруталната (економска) реалност – всушност добар договор, со оглед како почна спорот и нерамноправноста на силите. Но, наместо консултирање со експерти од областа, од прислушнуваните материјали разбравме како овие двајца си се смеат меѓусебе со разни предлози за името на државава, како на кванташки пазар. Со антиквизацијата, Скопје 2014-та и отвореното непријателство кон соседот (освен во лето, нели), стана јасно дека Македонија веќе длабоко навлегла во минус, во делот на „коренот на сите зла“ на Кнут, со сѐ полоши и полоши услови и сѐ поголеми и поголеми губитоци и во другите области.
Со Преспанскиот договор се прекина тоа маѓепсано спиралирање кон дното, одеднаш непријателството со Грција се заборави и се отворија другите бенефити, кои, да бидеме среќни, меѓународните фактори ни ги зачуваа фиксни како при оптималната точка која бегалецот така неинтелигентно ни ја пропушти. Затоа, ветувањата на ВМРО-ДПМНЕ за „укинување“ на Преспанскиот договор во евентуален мандат се прилично наивни глупости, отприлика еднакви на ветувања, на пример, дека Македонија во тој мандат ќе произведе функционален 100-километарски хадронски колајдер од ранг на 20 TeV-и.
Во слична ситуација сме сега и со преговарачката Рамка за ЕУ. Борел јасно порача дека подобар договор нема да има. И тоа не е пробање, сондажа, како што си замислува ВМРО-ДПМНЕ. Не сум уверена дека од ВМРО-ДПМНЕ разбираат што всушност вели Борел, односно на што ја потпира таа своја изјава. Сега е оптималната точка: „Францускиот предлог“ е најмногу што може да се добие и ова важи за сите страни. Ова е времето после кое само би можеле да плачеме колку бил добар предлогот или колку бил вистински овој момент. ВМРО-ДПМНЕ сега ни поттура мачка во вреќа дека ќе добиеле совршен предлог. Ова е вообичаената пропагандна практика наречена Заблуда на нирвана (Nirvana fallacy). Ги тера луѓето кон очекувања за „подобар“ предлог, ги става во пасивно очекување да бидат опсипани од „небото“ (од бога алва), со совршениот предлог.
Тоа е поттурање бидејќи нема елементи на стремеж кон изработка на подобар предлог од ниедна страна. ЕУ со сигурност не работи на тоа, а ВМРО-ДПМНЕ ниту можат од таа позиција било што да сработат, ниту има време да спроведат било каков свој „план“ (од 2025 г. можеби, најрано – и тоа, само за некаков „план“!). И тоа, пак, за дури после да дојдат, евентуално, до форма на реално прифатлива за сите страни предлог-Рамка. Таков, каков што бараат од ЕУ „подобар“ предлог, во очи им се кажува дека нема и дека нереално е тоа барање. Каков сака „план“ нека има Мицкоски, со колку сака столбови, тоа е истиот говор со фабриката за автобуси и фалењето на менаџерските способности на Арсовска. Еднострано, од несоодветната страна. Што нема врска со никакво решавање. Ако има и трунка корисност и вистинитост на „планот“ на Мицкоски, веднаш треба до детали да ни го презентира на сите (прифаќаме и во Пауерпоинт), во јавност да објасни чекор по чекор (ама со јасни чекори, не замумулени!) како би функционирал тој план, бидејќи досега не се покажа баш со способности за проценка и вистинитост. Не знам кој прифаќа туку-така мачка во вреќа, а специјално – од него, со профил прогласен за врв на дезинформации и докажано лошо проценување на луѓе и ситуации.
Оваа нирвана-заблуда, ВМРО-ДПМНЕ и Левица почнаа пречесто да ја применуваат како политичко-пропагандна алатка и за помали работи, а ја комбинираат и со други заблуди. Дури и незгодно е веќе да се вика „заблуда“, колку намерно ја користат. Таа е конципирана како лажна дилема, конструирана дихотомија, така што во еден кош се ставаат цел дијапазон од реални, возможни мерки кои се во насока на решавање на одреден проблем, а во друг кош се става виртуелно, идеализирано решение на проблемот. Со подметнувањето невозможни совршености сe до таму осмелени што само шеретски нафрлаат некакви матни имагинарни идеи за „решение“, како што е на пример „планот“ на Мицкоски. Во исто време, пак, реалните мерки што се во насока на подобрувања се подложени на ироничен потсмев (appeal to ridicule), хипербола (надувување) за „лоши последици“ и слични стилски фигури згодни како реторички пропагандни алатки. Додека за меѓународните договори нирвана-заблудата самите ВМРО-ДПМНЕ си ја прават блиска до посуровата македонска изрека: „Барала шута рогови – ги изгубила и ушите“, за мерките што беа во насока на подобрување на некоја состојба, нивните гракања повеќе личеа на барања „преку леб – погача“, па од немањето небесна, идеална „погача“, му констатираа на народот дека „лебот“ не вреди.
Ваква им е процедурата, значи: Прво, ја исмеваат позитивната мерка споредувајќи ја со некое идеално неспроведливо решение, притоа убивајќи ја позитивноста со неповрзани примери каде што мерката не е применлива (вотабаутизам) и потоа одат со изјави дека сметаат за глупавост што не може да се примени идеалното „решение“ (кое е генерално, неспроведливо во реалноста). И на крај завршуваат со печат – етикета – „неспособни“. Не е тешко да се препознае шемава, бидејќи сега скоро беше применета за замрзнувањето на цените на основните продукти („А бензинот? А бурекот? Мислите со макарони ќе нѐ купите?…“). Во тек на бојот за овие мерки да не изгледаат како позитивни, одеднаш им се позитивизира и мерката за минималната плата, па паралелно тргнаа со истата шема – да ја фрлат и неа во „несовршената“ корпа и да ја бараат погачата: „Не е идеално! А сите плати, во сите сектори? А инфлацијата? …“. Патем, ова со инфлацијата е башка заблуда, оти можеше и да нема ниедна мерка и пак да ја има инфлацијата. Автократите си знаат како се средува ова, да се сетиме.
До лани, антиваксерите душа ѝ извадија на нирвана-заблудата како од прирачник. Еден од „аргументите“ на антиваксерите беше – што ќе ми е вакцина која не штити 100%, па затоа не се вакцинирам. Со тоа, отфрлаа 96% заштита, на пример, од морбили (што е многу успешен процент на заштита, според Парето-принципот). Неколку стотици вакви одбивања и заштитата од морбили паѓа на 90% и подолу, бидејќи заштитата е колективна (веќе популарниот термин herd-immunity). Што остана за вакцините против ковид, со почетни 70% заштита и илјадници одбивачи.
Нирвана-пропагандната стратегија, го истопорува напред идеализираното „решение“, па неговата генерална неспроводливост ја презентира како специфична невозможност (во смисла – неспособност) на противникот да спроведе такво нешто. Ефектот го потпомага со потценување и отфрлање на предложените решенија, но и сите други реални алтернативи, па така страната што ја користи оваа заблуда – себично профитира. Колективот трпи, бидејќи од позиција на авторитет (партија, медиуми, поединци со влијание…) му се диктира дека цела низа од реални алтернативи е за в канта за ѓубре. Многу невалидни, аномални аргументирања поминуваат кај луѓето, без проверка, само затоа што се изнесени од некој со формален (или дури и виртуелен) авторитет. Но, нирвана-заблудата во Македонија има специјално широка пропусница, затоа што одлично паразитира на тело склоно кон „чисти“ концепти (им мирисаат на идеалност): Нашата голема конзервативна популација. Деновиве, после претенциозните излагања на некои закоравени конзервативци, проблесна фактот дека многу луѓе ги бројат само „чистите“ концепти. Делот од нирвана-заблудата со „чистите“, идеализирани решенија бара плодна почва, а тоа се луѓе со невронска ампеража само за концепти со само по една конкретна, константна вредност од полот, расата, националноста… – основите на дискриминација, всушност. Низата [пол, раса, националност,…], ја читаат како [маж, белец, Македонец,…]. Секоја друга карактеристика ја третираат како некаков податочен шум што треба да се подложи на филтрирање. Тоа, имено, си го викаат идентитет. Идеален, нели, инаков не ни можат.
Во употребата на нирвана-заблудата Левица е повеќе од јасна дека „се гребе“ за конзервативното тело, за дополнително да профитира со постојаното ѕенѕање преку леб – погача кон власта. Но, што прави ВМРО-ДПМНЕ е чудно. Само се додворува на своите симпатизери? Или ги брка накај Левица? Ми се чини дека во последно време од ВМРО-ДПМНЕ воопшто не мислат кога читаат од Гебелсовиот „ќитап“ за масовни заблудувања. Имено, во ситуацијата со „францускиот предлог“ кој од своја страна е многу приземен како категорија (документ на ЕУ), во обид да ја користат нирвана-заблудата (за „подобар предлог“) ВМРО-ДПМНЕ сам на себе си прави и парадокс: Јавно презентира некарактеристична (за конзервативност) отвореност за новост, иако е таа е само приказ, глума. „Желба“ за нов предлог од ранг на такво иновативно решение (иако во виртуелни облаци), што ниедни автентични либерални умови не можат да го замислат или измислат, а да е различен од францускиот предлог.
Добро, сега, тешко човек може да се сомнева во длабоко-широкиот капацитет за проголтување сештарии на приврзаните за оваа партија, па нема да им пречи ни либерален, ни квазилиберален акт од своите. Но, во оваа ситуација, ВМРО-ДПМНЕ не може да ја избегне категоријата – приземност на која и да било предлог-Рамка. Така, излегува дека со безумно дробење пропагандни салати, ВМРО-ДПМНЕ си ја продава идеологијата (нивна терминологија) само за на крај да мора да прифати дека оптималната Рамка (во смисла на Кнут и економската наука), односно токму францускиот предлог – е совршената Рамка. Настрана што ова е всушност, дупло продавање на идеологијата – ем актот на „барање“ предлог, ем предметот – самиот постоечки француски предлог, против кој протестираа лани летото. Не може на поразвиени од тебе, во случајов, на претставници од земјите од ЕУ или САД, да им дробиш салати со нирвана-заблуди. Тие го признаваат само приземното, а оптималното им е максимално. Затоа и се напредни земји.
Значи, ВМРО-ДПМНЕ така лошо си се заплетка самата со автозаблуда, што најсилната алатка за приврзување кон себе – евроскептицизмот, ќе мора да ја фрли во канта при формална предизборна кампања, кога и да биде. Само навидум сега изгледа дека има цел еден степен на слобода, божем за трговија – предвремени избори за уставни измени, сметајќи дека е во добивка ако измените биднат после избори. Ама тогаш, што ќе рекламира во предизборната кампања – „нема да направиме уставни измени“?! Или, уште почудно, „ќе направиме уставни измени“?! Колку шути гласачи мислат дека има во Македонија да си ги губат ушите за нивни рогови? Па сите знаат дека ВМРО-ДПМНЕ и ЕУ се магаре и музика. Груби им нудеше падобран за меко слетување (прво уставни измени, па избори), за и самите, покрај цела држава заради нив, да не бркаат гулаб на гранка. Но, тешко е им е да излезат од сопствената нирвана, па макар и скокале меѓу гранки за неа…