Про-феудалните сили ги демонизираат (прогресивните) како „комуњари“ (комунисти) или „елита“ (демек, кочоперно далечни од народот), како идентитетски изгубени и ги напаѓаат како национални предавници, киднапирајќи го и националниот идентитетски печат и пренесувајќи го – погодете каде… Кај божеството – партиски лидер.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Пред некоја година имав еден приговор до Советот за етика на медиумите, за делумно преземање на текст од Ројтерс од една наша телевизија, во врска со Democracy backsliding и преостриот превод на тоа backsliding. И одговорот, како и објавата, по стоти пат ми потврди дека тенденцијата да се биде прекритичен кон демократијата е опиплив. До неодамна, иако не се согласував со таа насока на размислување, сепак можев да ја оправдам на истиот начин на кој самата „се колнеше“ – граѓанско незадоволство од функционирањето на демократијата на дело. Не дека сите знаат како е напишана на хартија, но ми изгледаше нефер да се предизвикува самиот концепт за демократија, односно, целата таа насока да се третира како погрешност. Се прашував зошто да се пропагира таков нечесен правец, и тоа на таков начин со мини, микро, нано – објави, како постојана наезда на мали инсекти, а не незадоволството да се засновува на пример на грешки во алгоритмот, па да видиме што да се поправа. Така, последнава деценија, кога скоро сите политички партии имаат во насловот Д, сепак демократијата (уметнички) би можела да се опише како киднапирано малолетно дете на кое му се заканува смрт од ќотек ако нема доволно добар перформанс на наци-југенд.
Но, тврдам дека, покрај демонизирањето на прогресивата, всушност и самиот национализам, патриотизмот и конзервативните вредности се киднапирани и претворени во испразнета, извитоперена алатка на авторитаризмот. Се разбира ова не може да се докаже, но може да се аргументира преку намерите на авторитарните експоненти. Овде, човек треба да подзастане и да опсервира повеќе ако му се чини пребрз скокот од „незадоволство од демократијата“ до некакви инаетливи подметнувања инструирани од авторитарните структури, но не предолго, не додека самиот не почне да исполнува некоја инструкција несвесно, меѓу стадо (или глутница?) од сосем свесни единки и согласни со слична инструкција. Или, може да се лизне, да ја извиди таа ослободувачка зависност замислена да го симне товарот од напорно мозгање за иднината преку одземање на природната човечка волја (сосе одговорноста, желбата за влијание врз својот живот и стремежите за сопствениот развој како човечко суштество) и – пак да стане. Не треба посебна капацитираност за да се отстрани самиот, кој и да е, од „татковска рака“, тоа го може секој 18-годишник. Секако, не игнорирам овде дека траумата што „гужвата пред гол“ за услуга од авторитарните „благородници“ ја создава, може да предизвика режим на преживување ден за ден, без некоја особена содржајна иднина. Стриктно на најниското скалило на пирамидата на Маслов – преживување. Зборот ми е – нема преод меѓу плукање по демократијата и фаворизирање на авторитаризмот. Тоа е истата појава и луѓето се спремни да плукаат и врз целата група со кој споделуваат слична судбина, но да бидат во милост кај господарот. И, не се работи тука за глупави луѓе. Се работи за исплашени, трауматизирани од загрозен опстанок и увереност дека сѐ надвор од гужвањето може само на некого друг да му служи, но не на конкретниот „буткач“. Тоа е дел од оружаната опрема на авторитаризмот, дел од културната регресија.
Но, што сакаат авторитарните режими? Зошто се деранжираат толку да бидат против демократските институции?
Имам една теза. Имено, и во корпорациите, и во авторитарните држави гледаме тенденција кон персонализација на власта. Личноста на врвот станува семантички неодвоива од институцијата/корпорацијата и оваа појава е добро документирана во литературата за политиката на „цврста рака“ и корпоративното управување. Со помош на тендерите (и други институционални, демократски алатки) се врши спојка меѓу фирмите и државата, а и ова е опишано во концептот за заробување на државата или регулаторно заробување. Мала бројка моќни индивидуи го монополизираат интерфејсот меѓу јавната и приватната сфера, создавајќи затворен круг на влијание. Понатаму, целта е – легално враќање на феудалноста. Не дека богаташките фамилии ќе почнат да живеат во тврдини или дека по улиците ќе среќаваме дечки во оклоп и витези со меч (додуша, не гарантирам за ладалките и отвореното деколте на „благородничките“), но забележете ги паралелите на лична лојалност наместо институционална, на приватизацијата на функции коишто, демократски, се сметаат за јавни (во безбедноста, правосудството, инфраструктурата…), наследната моќ и богатство концентрирано во мал број семејства така што доаѓа до израз династичката природа на богатството, односно, легалното право на наследство станува нов аристократски принцип. Потоа да ги забележиме приватните пара-армии, настрана милоста кон легалните безбедносни компании, а пошироко и корпоративните градови-компании со сопствена инфраструктура, како и платформите – пандани на феуди, „дигитални феуди“ (Facebook, Amazon…), сите со сопствени правила.
Не сум првата која ја забележала феудализацијата. Џоел Коткин и Јанис Варуфакис зборуваат за нео-феудализам и техно-феудализам соодветно, но тие сметаат дека таа појава е резултат од економската динамика на капитализмот, прераснувањето во неолиберализам, со примена на модерните дигитални алатки за креирање на монополи и извлекување ренти. Можеби динамиката на самото пропаѓање на капитализмот и негово видоизменување во ова „нешто“ денес навистина била сугестивна, но сметам дека има аргументи дека авторитарната преференца за екстремните десници е намерна, уништувањето на демократските институции е обмислено, а олигарсите активно ја слабеат централната држава за да креираат „вилаети“ – регионални или секторски домени под нивна контрола. Ни овие луѓе не се глупави! Всушност, прогресивата треба да престане да морализира и да ги смета сите за безусловно етични, да престане да мисли дека заговорите не постојат (не се сите демократи!) и директно да обвини за регресивен заговор. Има аргументи.
Коткин би приговорил, тој не смета дека државата ослабнува – напротив, неговиот нео-феудализам е „олигархија припоена на моќна централна држава“ наместо децентрализирана структура. Тој зборува повеќе за географска и класна стратификација, но не толку експлицитно за фрагментација на државата на регионални домени под олигархиска контрола. Се разбира, дигиталната инфраструктура овозможува централизација на начин што стариот феудален систем не би можел да го постигне, но можеби станува збор за хибриден систем – дигитален феудализам со централизирано следење, а фрагментирана контрола. Но ова не може да биде аргумент против намерноста на феудализацијата.
Што може да бидат аргументи дека олигархијата, во соработка со партиските хиерархиски елити тежнее кон враќање на про-феудално уредување, каде што феудите, вилаетите, не се, неминовно, парчиња земја?
Прво, оперира преку десничарските партии, кои задолжително се декларирале како „конзервативни“, а најчесто и националистички. Овие декларации укажуваат на чувари (на традицијата, идентитетот, итн) и со тоа, по дефиниција, оригинално, би требало да се резервирани кон нови влијанија. Но, ако се киднапираат, тогаш првата одбрана ќе биде симната. Мислам дека не е тешко да согледаме дека денес конзервативизам во својата вистинска смисла – не постои, киднапирана е самата смисла
Оригиналниот конзервативизам (Берк, Токвил, дури и Хјум) се залагал за локална автономија и супсидијарност – моќта да биде најблиску до луѓето, во смисла на автономни локални заедници и институции и недоверба кон централизацијата. А што имаме? „Конзервативните“ партии денес промовираат културни поделби, војни околу абортусот, родовите прашања, имиграцијата и слични површни симболи со навидум конзервативен печат, додека вистинските економски интереси на нивните гласачи се игнорираат, а малиот земјоделец и работникот се мобилизираат да ги бранат милионерите (и милјардерите!)
Оригиналната конзервативност била за средната класа и широка распределба на сопственоста како основа на слободата и стабилноста, воедно и антибиотик против тиранија, но киднаперите на конзервативизмот намерно ја погубуваат локалната самоуправа и ја спојуваат со владеачката елита од извршната власт. Дури и овие наши „локални избори” повторно го докажаа тоа. Се зборуваше за локални проблеми? Кој кого го третирал како татко?
Потоа, кај оригиналниот конзервативизам традиционалните институции како семејството, црквата, локалната општина, занаетчиските комори, синдикатите итн., автономно стојат меѓу индивидуата и државата /корпорацијата. Јасно е секому дека испразнувањето на нивната автономна смисла води кон атомизација и беспомошност. Па сега, речете дека е само динамика кооптирањето на синдикатите или правењето на контрасиндикати, или дека е резултат на случајност купувањето на локалните медиуми од конгломерати или просто од десничарските партиски оски, или што независните бизниси не можат да се изборат со монополите (и тендерашите)! А црквата, па, таа е, напросто, претворена во политичка алатка наместо духовен и просветителски центар!
И најпосле, оригиналниот конзервативизам е скептичен кон револуционерни промени. А сепак, сите „конзервативни“ партии се длабоко навлезени во некаква револуција против демократијата! За што? За бесконечно трупање на богатството, со даночни олеснувања за големите играчи, спас за банките, но не и за граѓаните, за фалсификување на монополите во капитализам, а тендерите – во „социјален“ трансфер!
Во САД, на пример, Републиканската партија некогаш била партија на Ајзенхауер (со напредни социјални и економски политики, со изградба на меѓудржавни автопатишта, со високи даноци на богатите, вистински конзервативна). Денес е партија на даночни олеснувања за милијардери додека нејзините гласачи губат работни места. Во Европа, десничарските популисти како Орбан, Ле Пен и нејќам да ги набројувам другите, користат реторика за „традиционални вредности“, но смислуваат клептократски системи кои ја уништуваат вистинската средна класа. Болсонаро во Бразил – со „конзервативните вредности“ си го концентрира богатството. Секаде е раширено, за во Русија да не зборуваме, а процесот во Кина го објаснуваат Коткин и Варуфакис. Нашиве, за среќа се малку спори и попрости, дури и директно во називот си ги држат и „револуционерноста“ и „демократскоста“ да биде лицемерието комплетно, но си го имаат упатството за употреба како и сите други десничарски пипци на про-феудалната интернационала.
Второ, од позиција на „конзервативизам“ се спроведува намерна поларизација со прогресивниот дел од општеството, односно се врши демонизирање на прогресивизмот, кој изворно, преку просветителството, има капацитет за внатрешна одбрана од про-феудално уредување. Просветителството понудило либерализам, демократија, правна држава. Имено, да се потсетиме како паднал стариот феудализам. Просветителските мислители ја десакрализирале власта, односно паднала божјата основа на власта во феудалниот поредок и понудиле конкретни концепти на општествен договор, поделба на власта, природни права, владеење на законот. Овие не биле само апстрактни идеи туку основа за нови институции. Притоа, на трговците, индустријалците и на други струки им дале интелектуална оправданост за нивните економски интереси наспроти аристократијата. Така денес прогресивните се залагаат за синдикални, работнички права, за прогресивно оданочување, за регулација на монополите, за социјална мобилност преку образование и здравство… Но, про-феудалните сили ги демонизираат како „комуњари“ (комунисти) или „елита“ (демек, кочоперно далечни од народот), како идентитетски изгубени и ги напаѓаат како национални предавници, киднапирајќи го и националниот идентитетски печат и пренесувајќи го – погодете каде… Кај божеството – партиски лидер.
Страв од интелектуалците
Да не ги третираме за случајни паралелите меѓу денешните авторитарни режими (па и wannabe- ата како нашиве) и фашизмот, кој во целата своја агресија има елементи на про-феудализирачки обид. Изразеноста на анти-интелектуализмот е шокантно слична со денешната анти-интелектуална пропаганда дури и овде, во Македонија. Анти-интелектуализмот можеме да го сметаме за алатка која феудализирачкиот координатор ја смета за клучна, бидејќи единствено интелектуалата, просветителството, всушност, може да му расипе работа.
Овие два аргументи (киднапирање на конзервативното за војна против прогресивното) укажуваат на стратегија, а не природна динамика на пропаѓање на капитализмот и уредување кое допрва се раѓа. Некои однапред се спремиле за држење на дупките во законите за регулирање на алатките од дигиталната ера, на пример многу полека оди просветлувањето околу нашите дигитални права. Срамежливо се спомнува универзалниот основен доход. Блокчејн технологијата не е „онародена“. Дури и еден едноставен прогресивен данок насекаде, во цел свет одеднаш, не успеа да проработи. И така натаму.
Нема резон да се биде внимателен за намерноста, затоа што ако е само опортунистичка коеволуција во која олигарсите се однесуваат според лични интереси, а политичарите ги следат парите, при што културните поделби се подразбира дека се ефективни за мобилизација па затоа се користат, пак резултатот е ист – стремењето е кон про-феудално уредување, само што на тој стремеж му недостасува централна координација. Многу повеќе можеме да си помогнеме ако процесот го третираме како свесен заговор: Олигарсите свесно го дизајнираат ова, имаат долгорочна стратегија за феудализација, а политичките партии се нивни свесни инструменти.
Тогаш, потребна е исто така свест и намера за да се престроиме и да го неутрализираме феудализирачкото влијание. Треба одново да направиме алијанса во вистинскиот конзервативизам и вистинскиот прогресивизам околу автономни локални заедници и одбрана на економската сигурност по групи, ако треба и до најмалите групи станари! Ова би било активен фронт против олигархиско-партиското влијание, на сите што не се гужваат пред нозете на тие корумпирани мафии. Ова би значело и културен прогрес.
