Политичката ароганција е начин на размислување или однесување кое се карактеризира со надуено чувство на самоважност, презир кон спротивставените ставови и верување во сопствената непогрешливост меѓу политичките личности или институции.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Во соопштението на Владата по повод писмото на Здружение на Граѓани 16ти Март 2025 Кочани на родителите на загинатите и повредените од пожарот во дискотеката „Пулс“, всушност нема категоричен демант дека премиерот, според наводите на писмото на родителите им рекол „одредете си цена за вашите деца“, на нивното барање за “Еднократна парична помош за секое семејство погодено од трагедијата, за душевна болка и нематеријална штета, преку Фондот за итна поддршка од државниот буџет”.
Има само две реченици кои, уште еднаш напоменувам, не порекнуваат остро и категорично дека премиерот рекол таква бесчувствителна реченица – „Одредете си цена за вашите деца“.
Наместо таков демант, во соопштението се вели:
Не се точни наводите пренесени во дел од медиумите за состанокот со роднините на загинатите од кочанската трагедија. Во моментот се прави злонамерно дефокусирање и злоупотребување на трагичната судбина.
Целата содржина понатаму се флоскули и празни зборови од типот: „Владата е тука за семејствата…“, „писмото на рдителите е потсетник…“
Оттаму, кога е веќе така, само како брутален израз на ароганција и застрашувачка нечувствителност може и треба да се оцени пораката на премиерот Христијан Мицкоски на родителите на жртвите во пожарот во дискотеката во Кочани.
Тоа што го пренесуваат во писмото на родителите е само мал израз на ефектот на бесчувствителноста на реченицата на премиерот изречена пред родителите чијашто траума е немерлива и неспоредлива со сѐ што постои како искуство од ваква трагедија
На 07.07 на средба во кабинетот на премиерот ни беше кажано нешто што ниту еден родител не смее да го слушне — ОДРЕДЕТЕ СИ ЦЕНА ЗА ВАШИТЕ ДЕЦА “. Тоа не беше само навреда, тоа беше газење врз спомените, врз болката, врз човечкото достоинство. Ако вие, господине премиер, мислите дека животите на нашите ангели имаат цена, тогаш прашуваме: колку вреди еден човечки живот?
Згора на сѐ, тоа не било единственото понижување на кое биле изложени родителите. На нивните прашања во врска со барањата во писмото, Мицкоски одговорил дека го гледа за првпат, дека штотуку му било предадено од службите.
Тоа е уште еден израз на непоимлива ароганција и на Мицкоски и на Владата, затоа што родителите напишаа дека им било кажано дека барањето е примено и разгледано.
Портпаролката на Владата, , во обид да ја објасни ситуацијата им рекла на родителите дека во Владата има процедура.
Па дури и да е така, процедура, писмото на родителите со кое бараат средба со премиерот и кое било адресирано директно до него, било испратено на 1 јули. Во архивата на Владата било заведено на на 03 јули, а на 04 јули било препратено до другите институции. Зошто?!?
Многу по логично е да му биде прво доставено на премиерот, па дури потоа тој да побара мислење од други институции, ако е тоа потребно.
Уште пологично и вообичаено во вакви ситуации, прво премиерот да го види писмото, да ги прими родителите, па дури потоа, откако и лично ќе ги ислуша, ќе им каже како ќе постапи понатаму.
Но доста на процедурите… Се плашам уште еднаш се повторува дека трагедијата, загинатите и настраданите во Кочани, како и нивните родители се жртви на процедурите, на системот.
Впрочем, тоа беше констатацијата јавниот обвинител Коцевски, дека „коренот на проблемот и пожарот во Кочани е општа ерозија на системот“.
Но, да се вратиме на Мицкоски и на неговата засрамувачка ароганција и бесчувствителност.
Само така треба да се оцени неговиот гест и зборови затоа што политичката ароганција е начин на размислување или однесување кое се карактеризира со надуено чувство на самоважност, презир кон спротивставените ставови и верување во сопствената непогрешливост меѓу политичките личности или институции.
Таа ароганција се чита од основно непочитување на трагедијата, на траумата, на родителите без да се имаат предвид последиците.
Таа ароганција и суета произлегува од неоснованата гордост и чувство на прекумерна самодоверба и верување дека некој е над правилата или последиците, што потенцијално води до неодговорно донесување одлуки.
Споредено со болката на родителите, ароганцијата и убеденоста во сопствената непогрешливост може да доведе и до недостаток на критичка саморефлексија.
Сцената, гестот, реченицата „одредете си цена за вашите деца“, само го потврдуваат тоа.
Впрочем, зошто од средбата со родителите на 7 јули нема видео или фото запис?!? Нешто на што сме навикнати кога Мицкоски е во прашање и кога треба да биде во центарот на вниманието.
Немаше ниту протоколарно соопштение дека се одржала средба.
Да не бил посоветуван од искуството на средбата на неговиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски, кога соочен лице в лице со родителите, ги слушна зборовите што секако не сака да ги слушне.
П.С.
Инаку, закажувањето на средбата со премиерот започна уште во средината на мај, кога тој неколку пати ја одлагаше.