Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Општествениот Паркинсон

Некои велат дека само чувството на ургентност што се појавува пред истекувањето на рокот може да ги направи агилни. Просто, институционално е поддржано работите да ги правите во последен момент. Ако ги правите на време, ќе платите поскапо, ќе биде потребен уште некој документ, ќе ви ги изгубат работите… Ве тераат да бидете во гужва, да се почувствувате малку „овчо“, можеби за да добиете потреба од „пастир“?

Емилија ЦЕЛАКОСКА

„Да имав само уште еден ден…“ – вели студент. Толку познато… Некое време веќе, се сомневам дека ова не е само студентски синдром. Асимов вели „За десет часа имате време да заостанете двојно повеќе зад вашите обврски отколку за пет часа“. Некои велат дека само чувството на ургентност што се појавува пред истекувањето на рокот може да ги направи агилни. Во Македонија после Југославија, ми се чини, почна сѐ така да се прави. Просто, институционално е поддржано работите да ги правите во последен момент. Ако ги правите на време, ќе платите поскапо, ќе биде потребен уште некој документ, ќе ви ги изгубат работите… Ве тераат да бидете во гужва, да се почувствувате малку „овчо“, можеби за да добиете потреба од „пастир“?

Секако дека не се изразувам во прво лице множина. Имено, имав еден момент на „заклетва“ пред себе, блиску по распадот на Југославија кога целата генерација во „Р.Ј. Корчагин“ нѐ понижија со давање на свидетелствата во непристојна гужва, низ мало прозорче наместо со приредба:  Отсега, ако можам да избегнам гужва, да ја избегнам – си реков прилично бесно. Често тоа се сведуваше на навременост на вршење на работите, при што „заклетвата“ ми даваше повеќе агилност отколку каква било близина на рок. На некои, сѐ уште им е смешна навременоста. Сепак, во 2011 и 2012 г., немав излез – сите бевме натерани да менуваме документи одеднаш.

Но, тука има и еден друг компатибилен елемент со чекањето пред крај на рокот: Губење време со тривијални елементи од потешки проблеми. Ова е исто така распространето во сите институции – на пример, зошто фино не би одмолчале „идејување“ за тешки одлуки, кога можете да се направите активни за „сенката на магарето“? Ова, на иста линија со „заклетвата“ за негужвање, се сведува на доброто користење на времето.

Пред околу 65 години, овој синдром го има дефинирано Сирил Паркинсон, историчар, истражувач од Кембриџ (и професор и на други универзитети), драматизирајќи го преку замислен политички комисилак за изградба на нуклеарна централа: Кој таму ќе дискутира за една таква комплицирана и скапа работа како нуклеарниот реактор, кога секој лесно може да замисли, на пример, каква да биде настрешницата за паркинг на велосипедите пред централата? За настрешницата лесно ќе летнат часови и часови дискусија, бидејќи сите се разбираат во тоа, а за реакторот, па… „Тие што треба да знаат, сигурно знаат“. Јака комисија!

Ова однесување понатаму води во степенска или експоненцијална експанзија на администрацијата и телата за одлучување, бидејќи на секој шеф му треба заменик плус купче службеници кои ќе ги комуницираат меѓу себе и надвор од службата сите микроменаџерски деталчиња (познатата Паркинсонова формула), со што стануваат наместо поефекасни – уште понеефикасни. Последица и воедно – во круг – и причина, е што на тој начин шалабајзерството (без оглед на личната компетентност!) постепено се подига на степен на мејнстрим. Сите знаеме дека ова е состојбата во која започнува „еднаквоста“ во шалабајзерството. Низ таква „еднаквост“, вработеното население го заразува и невработеното од сите возрасти – практично, со заповедта над сите заповеди: Не дигај глава (со компетенции), или… (тука почнуваат хорор асоцијациите на поединечна основа). Нема да се издвојуваш со „претерана“ совесност пред други, инаку…  Ова е присутно и во училиштата, кај децата. На истата линија не за изненадување, на пример, резултатите од анкетата на судиите: „ … речиси 72 отсто од анкетираните не се согласиле со тврдењето дека Судскиот совет ја штити независноста на судството. .. дури 73 отсто не се согласуваат и дека унапредувањето на судиите се врши на начин што се придржува кон објективни, мерливи и правични критериуми… 65 отсто изразуваат скепса во однос на транспарентноста и објективноста на начинот на избор на судии… 46 отсто од анкетираните во истражувањето искусиле притисоци од своите колеги судии… 42 отсто искусиле сличен притисок или влијание и од судии од повисок ранг, како што се претседателите на судовите или судиите од повисоките судови… 32 отсто од судиите во анкетата сведочеле или искусиле обиди за влијание и од членовите на Судскиот совет.“  Сигурно е многу слично во сите институции.

Човек лесно може да помисли дека ваквите синдроми се поврзани со поднебјето – Македонија, Балкан, Југоисточна Европа… Но, некои од тие што проведоа подолго време во Југославија, тврдат дека сепак, тогаш не биле толку раширени како што се сега. Не сум сосема уверена дека биле сведени на минимум, туку само чекале момент на „слобода“ да се надујат, да пораснат. Сите овие синдроми личат на едно нешто, нешто што влијае на начинот на кохезирање на општеството. Немам име за тоа, а со оглед дека англиски истражувач ги дефинирал варијантите, сигурно не е ограничено  само на нашево поднебје. 

На пример, извршувањето на некоја работа во рок ве става во некаков однос со другите кои имаат работа во даден рок. Слично е и со гужвата. Се ставате себеси во некаков однос и со дискутантите за „сенката на магарето“ (или за велосипедите пред нуклеарката). Ќе им се придружите ли? Или ќе повлечете црта на сосем друго ниво? Каква врска има ова со типот на кохезија во општеството? Веројатно, тоа „нешто“ е најблиско со начинот на солидаризирање, односно, што нѐ тера да се солидаризираме воопшто. Некој ќе си рече дека солидарноста е енергетски скапа и дека не се солидаризира никако, но тоа, ми се чини, не е точно, просто, неточно е погоре од суштествата без нервен систем, да речеме од рибите – нагоре. Се знае дека солидарноста постои и меѓу животните. Дури и некои инсекти пројавуваат аналогна особина. Солидарноста е таа која прави едно општество. Каква е солидарноста – такво е општеството.

Сега, можеме и солидарноста да ја поделиме, како што прави Емил Дуркхајм со клановската, крвна солидарност („механичка“ ја вика, претпоставувам бидејќи е инхерентна и кај повисоките цицачи), и понапредната „органска“ солидарност, која е доста поширока во примената на етиката, мериторноста, социјалната правда и поделбата на работата. Веројатно така ќе го откриеме коренот на расколот меѓу оние кои го преферираат статус кво-то и оние кои се залагаат за прогрес . Меѓутоа, ајде да ја игнорираме засега таа поделба и да процениме што оние „паркинсонизми“ од погоре (одлагање до краен рок, дискутирање за тривии кога е потребна поголема одлука, учество во снижување на критериумите и неиздвојувањето)  му прават на на општеството во кое се наоѓа човекот кој придонесува за нив.

Оние кои сакаат да се дефинираат себеси дека не се ниту традиционални, ниту либерални, ниту конзервативни, ниту прогресивни, сигурно не се слепи за гореопишаните „паркинсонизми“, ниту, пак, имаат начин да се оградат од нив. Изборот на дејството никогаш не може да е – ништо. Или ќе одлагате до пред крајот на рокот, или нема. Или ќе дискутирате тривијално, или нема (дури и можеби ќе ја пренасочувате дискусијата кон важното)? Или ќе ја криeте компетентноста или нема. Или ќе се „еднаквизирате“ во шалабајзерство, или нема. Без оглед што не сте избрале дали да бидете традиционални или либерални, (не верувам дека некој сака да се „степенува“ на поекстремните регресивец и прогресивец), односно, ако барем така тврдите јавно, сепак вашите микродејства кон про- или анти- „паркинсонизам“ се нишка во регресирање или прогресирање, сакале или не. Секое ваше дејство ја зајакнува „трагедијата на заедничкото“ (секој сече, но никој не пошумува, на пример) или ја ослабнува. Со поактивно дејство можеби и реверзира – да не е трагедија, туку придобивка за сите.

Без оглед што многу невробиолози објавуваат студии во кои делови од мозокот комплетно спротивно реагираат на исти стимули кај конзервативните и либералните, не е прифатливо да се смета дека тоа се должи само на генетиката, односно дека остануваме tabula rasa од раѓање по прашањето на нашата конзервативна/либерална ориентација. Околината има барем половина од влијанието, можеби и многу повеќе. Затоа, навидум „неутралните“ секојдневни избори во комуникацијата со другите, сепак претежнуваат накај регрес или накај прогрес. Не е многу тешко да се види дека „паркинсонизмите“ (сосе формулата за експанзија на администрацијата низ централизирана хиерархија) и слични одлуки на нив, настануваат во услови кога поединците ја штедат енергијата за себе (и за своите, евентуално). Се солидаризираат на најтесно можно ниво, можеби едвај на Дуркхајмовото „механичко“ ниво, безмалку истото што им е природно дадено и на слоновите, мајмуните, мечките…  Акцентот на „своите“ и ниедна друга идеја не прави смисла, дури ни „трагедијата на заедничкото“. Изгледа како да немаат смисла апелирања, предвидувања или било каков друг говор. Изгледа како оние кои се стремат да ја преобратат трагедијата на заедничкото во придобивка за сите, да налетуваат на ѕид со кој се одвоени од солидарно-штедливите.

Ова кажува дека асиметријата во информацијата на кој начин светот им е моделиран (поточно, според секој поединец – светогледот), прогресивните не можат да ја решат со додавање информации за да „симетризираат“ (и така да го решат проблемот), како што регресивните солидарно-штедливи „неутрални“ (и секогаш поблиски до традиционалистите)  можат да „одземаат “ информации преку подложност на дезинформации во целиот простор или нивно намерно ширење. Затоа, влијанието на прогресивните е можно само преку дејствување.

Поединечното дејство, спротивно на секој од Паркинсоновите синдроми би било добро – едно вистинско про-социјалистичко лево (не лажно!) можеби би нашло механизам за охрабрување на тоа, но, прашање е колку критична маса од такви поединечни дејства може да се создаде во мало општество: Сепак линијата на помал отпор лесно доведува до трагедија на заедничкото, бидејќи има две големи нивоа на ентропски карактери – голема маса самодефинирани неутрални уживатели во Паркинсоновите синдроми (во основа регресивен камен кон дното), и традиционалисти кои се нишаат на брановите на сегашноста со плачлив поглед кон некои славни минати времиња.

Другиот начин на дејствување е доброволно поканување на стандарди однадвор, како што се стандардите на ЕУ. Кај правдата, судството и јавната администрација – првенствено и најважно. Македонија, во оваа ситуација сигурно ќе ги покаже сите синдроми на Паркинсон, додека сите да се „одоброволиме“. Да се надеваме дека дотогаш нема шумата да остане така испосечена и земјата еродирана, да не може да никне веќе ништо. 

Зачлени се на нашиот е-билтен