Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Побрзо на гробишта отколку пензија

Според просекот на животот во Македонија тие граѓани што ќе имаат среќа да доживеат 67 години ќе ја користат пензијата само неколку години

Ерол РИЗАОВ

Многу добар план смислиле од Фискалниот совет за спасување на Пензискиот фонд на Македонија. Таа црна дупка во Фондот ќе се спаси така што од 2026 година мажите и жените ќе се пензионираат на 67 години. Многу умно решение пронашле експертите. Таков бил трендот во светот. Значи, според просекот на животот во Македонија тие граѓани што ќе имаат среќа да доживеат ќе ја користат пензијата само неколку години.

Кога веќе ги гледале големите експерти годините кога треба да се оди во пензија во некои развиени земји требало малку да погледаат и некои други податоци. На пример, колкав е квалитетот на живот во тие земји и колку е просечниот животен век. Ако животниот век е 78, 80 години или повеќе тогаш можно е да се оди во пензија обично на 65 или на 67 години. Втората работа е стандардот и висината на платите. И конечно, најважно, висината на пензиите во износ колку што сте издвојувале со целосно наследно право на остатокот од пензијата доколку пензионерот почине.

Крајно нехумано би било во Македонија кај што просечниот живот е 72 за мажи и 73 години за жени да се добие полна пензија со 40 и повеќе години работен стаж. Младите кои по средно образование ќе се вработат за да стасаат до право за пензија кога ќе наполнат 67 години треба да работат 49 години, безмалку половина век, или кажано народски цел живот. Тие пак што ќе студираат, магистрираат, или докторираат кога ќе наполнат 67 години, нема да ги исполнат условите за полна пензија, туку ќе им биде скратена за годините што им недостасуваат. Жените кои имаат право да бираат дали на 62 или на 64 години ќе заминат во пензија, со овој предлог им се укинува тоа право.

И што е најважно никаде на Запад не се прави популистички амбиент дека владата дава пензии. На сите им е кристално јасно дека вработените со своите издвојувања го земаат тоа што го заштедиле за спокојна старост. Кај нас идиотизмот на популизмот отиде до таму божем владата дава пензии, таа наводно ги зголемува, а не законите. Фискалниот совет подобро е да се позабави со еден голем грабеж, веројатно и најголем во Македонија, а тоа е како осиромаши најбогатиот Фонд и стаса до банкротство. Државниот Фонд за пензиско осигурување располагаше со 15 проценти на акциите од сите приватизации. Како тоа најголемиот акционер во државата банкротираше.

Фискалниот совет предупредува дека линеарното зголемување на пензиите, за 2.500 денари годинава и уште толку во март идната година, сериозно ја доведува во прашање стабилноста на ПИОМ.

Фискалниот совет предлага и зголемување на придонесот за пензионирање, најпрво за 0,7 отсто во 2026 година. Од таму посочуваат дека определбата за задржување на истите стапки на пензиско и инвалидско осигурување со значителното линеарно зголемување на пензиите на два пати по 2.500 денари не само што ќе го зголеми јазот помеѓу приходи од придонеси и расходи за пензии, а со тоа и потребата за покривање од Буџетот на државата, туку на подолг рок уште повеќе ќе ја наруши фискалната одржливост на ПИОМ. Сега сега трета пензија мора да се исплаќа од државниот буџет, инаку целиот пензиски систем ќе колабира.

Академик Абдулменаф Беџети, кој е член на Фискалниот совет, е сигурен дека и во иднина државата ќе го храни пензискиот фонд за да не се распадне целиот систем. Но Беџети вели дека тоа станува ирационално и неекономски: „Тоа не е правично од аспект на долгорочна истрајност, затоа што на крајот на краиштата не може пензиите да се финансираат со даночни приходи. Тоа не е добро. Пензиите се контрибуција – прво треба да се финансираат врз основа на контрибуторите. Колку се придонесува, толку треба сразмерно да се добие пензија. Кога пензиите се финансираат и од даноци, тоа значи дека во секој случај се губи дури и во правичноста на системот“, вели тој во изјава за Дојче веле.

И финансиските експерти би било добро да излезат со став како тоа луѓето кои одвојуваат 40 години од своите плати процентуално за пензискиот фонд , а некои политичари кои изигруваат државници, ги зголемуваат пензиите линеарно на сите по 2.500 денари. Кај ја научија таа математика, на кој татин факултет.

Колумната е објавена на Независен.мк

Зачлени се на нашиот е-билтен