Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Порака од Проксима Кентаур

Зборовите на пораките, ако не се барем од мисла која го почнала својот стремеж кон вистинитоста, не само што погрешно влијаат на животот на сите, туку праќаат и погрешен сигнал кон иднината за сите.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Разговараме со колега, колку и во „најтврдата“ наука денес, физиката, после над 100 години од откривањето на релативноста, не успеваме да ја трансцендираме терминологијата над она што ние, тука на Земјава, го гледаме со очи и инструменти. Како да сме зеле некој залет во таа задача, ама сѐ уште имаме тешкотии и „оп“ да изговориме, а камоли да скокнеме. Не ми беше протестот за технолошката напредност/назадност, туку за проблемите со говорот кои влијаат на колективното напредување, влијаат на нашите постигнувања и ограничувања за постигнување, бидејќи влијаат на секојдневното разбирање, а веднаш со тоа – и на расудувањето. Поточно, наоѓам индикатор за нешто што во општеството се случува – како подлогите на кои назадната пропаганда се храни – и ненамерното прелевање на зборовните клишеа во науката.

Примерот што го дискутиравме навидум личи на тесно стручен затоа што секој аргумент буквално се пресметува по формула, но дискусијата не е баш математичка, туку почна заради колективната конзервативност во неменувањето на речникот, која згора на тоа се презентира преку себе-центрираност. И уште згора на сето тоа, истово се влече со децении по книги, списанија и во вообичаениот говор – со истиот речник од пред откритието. За самото откритие (релативноста) морало да се користи претходниот речник, бидејќи како парче нова информација тогаш зависело од корелацијата со претходното и интерпретацијата преку старото знаење. А денес, откако се потврди и употреби теоријата (ГПС, на пример), релативноста почна „народски“ да се користи во комплетно спротивна смисла на она што ова знаење му дало на светов. Се игнорира онаа компонентата на знаењето за – зошто така би требало да биде (за зошто Е така – има доволно литература), а во вообичаениот говор се заменува едвај само со смислата на „како“, па и тоа изгужвано и искубано. Нема теорија на заговор тука, туку баш е проблемот во ненамерноста. Тука стојат истите аргументи на Хана Арент за „ненамерата“ за лошо: „Клишеата, клишѐ-фразите, придржувањето кон конвенционалните, стандардизирани кодекси на изразување и однесување ја имаат општествено признатата функција да нè заштитат од реалноста, односно да нѐ ослободат од сопственичкото право на нашето мислечко внимание …“ (“The Life of Mind”, Hannah Arendt, Mary McCarthy).

Конкретната задачка е бенигна и далеку од злоупотреба, а сепак во говорот е вмрежена игнорантноста од човечкото секојдневие, дури и спротивна со ова златно знаење. Деталите на задачката се следниве.

Прво, велиме – ѕвездата Проксима Кентаур е оддалечена околу 4.4 светлосни години од нас. Со максималната брзина што сме ја постигнале до денес, од околу 0.06% од брзината на светлината, со таквата терминологија „оддалечена 4.4 светлосни години“, не правиме ништо друго освен што си го криеме срамот дека сме бавни. Со таа брзина, за да стасаме до ѕвездата би ни требале околу 7300 години. За овој податок треба формула, што веднаш го заматува значењето на тие „4.4 светлосни години“ за многумина.

Со таква мала брзина, тие 7300 години би биле горе-долу – толку, 7300 гледани и од Земјата, гледани и од патниците во вселенскиот брод. На тоа класично – механичко ниво, поблиско до секојдневното, појасно е да се каже дека Проксима сега е на повеќе од 7300 години од нас, подразбирајќи дека не надминуваме 0.06% од брзината на светлината, слично како што си се разбираме дека Охрид е на повеќе од два часа од Скопје. Но, во расудувањето за Проксима, за патување со доста поголема брзина од денешната постигната од човекот, може да видиме дека во терминологијата се лупат и уште две други вложени лушпи на колективна обземеност со самите себе. Значи, второ, разгледувајќи ја ситуацијата кога бродот патува со 40% од брзината на светлината, можеме да ја „одлупиме“ едната лушпа на само-центрираноста кога ќе видиме и прифатиме, не само да заглавиме од чудење заради дисонанцата, дека тие „4.4 светлосни години“ до ѕвездата се поминуваат за различен број временски години за едните и за другите: За 11 години гледано од Земјата, но само за 10 години според патниците во бродот. Па велиме „не е исто времето“ за кое стигнал бродот во системот на Проксима што го мериме на Земјата и она што се мери во бродот, а од друга страна – и двете се точни. Меѓутоа, секој обид за споредба, бара фотонски сигнал за комуникација меѓу нив, што ја поништува оваа „разлика“, па без таков сигнал тие, всушност, никако не можат да се споредат меѓусебно – во комплетно различни просторно – временски рамки се и нема општа рамка која може да ги „вдоми“ двете. Ние како трета страна сме сосем во грешка што имаме идеја за споредба. Тоа е илузија и голема „бубачка“ (bug) на говорот, наспроти докажаните тврдења на теоријата.

И трето, уште повнатрешната лушпа на колективната себе – центрираност е кај „проблемите“ со времето на пристигнување кога се патува со над 70% од брзината на светлината. Околу таа брзина времето на патување според патниците од бродот за Проксима е пократко од 4.4 години. За појасно, да речеме, бродот нека патува со 80% од брзината на светлината. Тогаш, патниците патуваат до Проксима за само 3.3 години според бродскиот календар, што е прилично пократко време од 4.4 години! Тогаш, кој е тој стандард, терминологијата да се засновува на времето на патување на фотонот од „тука до таму“, а не според времето на патување до целта од аспект на патникот? Исто, со 80% од брзината на најбрзата честичка во природата, патниците имаат да поминат пат од само нешто над 2 и пол светлосни години, доста помалку од 4.4. Нема парадокс, бидејќи неспоредливи се рамките на бивство на едните и на другите. Патот за патниците, со таа брзина е намален. И така натаму – со 99.9% од пословичните 300000 км/сек. на фотонот, тие „4.4 светлосни години“ би ги поминале многу побрзо од 4.4 години – патниците би стигнале до Проксима за само два и пол месеци според бродскиот календар.

Значи, во терминологијата на една теорија од пред 120 години, сѐ уште во системот оставаме бубачки од колективна самоцентрираност, преплетени една со друга: Едниот центризам е, практично, пандан на геоцентризмот од дамнешните времиња, како сѐ уште да не сме излегле со (не)скромноста од предкоперниканската ера – тежнееме да споредиме две неспоредливости, па и говорот останал таков: „Проксима е далеку 4.4 светлосни години од ТУКА“. Заради ваквиот начин на говор човек мора да отвори формули за да види што е тоа, инаку кажаното не значи многу. Без пресметка, од говорот не се гледа дека од гледна точка на патниците, со колкава брзина и да патуваат, временски може да се патува и повеќе од 4.4 години, но и помалку од 4.4 години (да!), само зависи колку се брзи. Уште полошо е со растојанието – со секоја брзина, тоа е редовно пократко од 4.4 светлосни години за патниците.

Но, онаа повнатрешна лушпа од колективен центризам го проголтува човештвото на речиси невролошко ниво – нѐ вмрежува на специфичен „фаличен“ начин (споредено со некое трансцендирано ниво на колективноста), односно така ги тренира човечките неврони – од колективот кон човек, па назад кон колективот, па кон човекот и така во круг. Низ говорот го перпетуираме во облик на врска меѓу поединечното его и разни колективни ега и така е претворен на повеќе начини во „отапувач“ на разни парадигми, критериуми, идеи… – сѐ што може да му изгледа застрашувачки на едно поединечно или колективно его. Примеров е со двојна причина баш од релативноста, оти „релативното“ се фрла во комуникацијата и пропагандата за сѐ и сешто, напоредно со „објективното“. Колективното его и индивидуите обземени со него не мислат да го сопрат вртоглавиот круг на „уважување ега“ и напоредно – дословното убивање, со прекин на животот, за голема жал. Таа моќ е насочена кон спречување на трансцендирање на какво и да било его, а со тоа и напредокот. Мислам на колективните ега здобиени по разни основи врз кои едни дискриминираат други или полошо.

Во примеров, граничниот случај (кој баш би ни помогнал за трансцендирање) не е добро дефиниран и тоа е просто така – треба да се надгради теоријата со ново откритие. Заради тој момент, може да пресликам метафора низ задачкава за каква е (дис)функцијата на сеопштата нарцисоидна лушпа, по пример на Ендру Њуберг, невронаучник за биолошката основа на верувањата. Го споменувам него бидејќи во “Why God Won’t Go Away. Brain Science and the Biology of Belief” нашол дека со блокирање на сензорниот внес на ориентири и репери во просторот и времето се губи дистинкцијата меѓу себството и не-себството и дека тоа, во недостаток на речник, тоа се толкува како религиозно искуство на соединетост со светот. Штом блокирање на сензор одблокирува цел систем, тогаш сензорот (или внесот) е анахрон веќе за системот и потребна му е надградба. Трансценденција на егото, не отфрлање. Тоа е сепак комплетно различно од квази-религиозното блебетење за месии, светци и тоталитарностите, патријархалноститите, наметнувањата на конформизмите и буквално – идеологиите што се протнуваат низ верските простории. Но, што е со внесот во сензорот? Полузнаењето е полошо и од незнаењето бидејќи реперите за општествено ориентирање, односно Њуберг- аналозите од ориентирите за разделување на човекот од светот „благодарение“ на егоцентричниот кожурок, добиваат авторитет во очите на „сезнајковците“ низ псевдонаука, псевдодуховност, псевдопросветленост…  Метафората според елементите од задачката го зема граничниот случај како дефинитивно крајно знаење (кое не е тоа), за да го опфати изгубувањето по патот со примена на половичноста („псевдата“) во име на идеалноста и, воедно, да ја долови недофатливоста на идеалот – водилка (за трансцендирањето на што и да посакаме), па може да се земе вака:

Некој кој успеал да го победи пред-коперниканството, којшто „ги видел – ама не ги видел“ формулите, „знае“ дека кога на фотонот би јавала некоја свест, тогаш таа воопшто не би доживувала патување од нејзина гледна точка, односно навидум, фотонот сам себеси би си очитувал бесконечна брзина, што значи инстантно би бил секаде. Коперниканецот го нашол Господ! Односно, токму оној кој веќе совладал некои знаења, радо ќе се спореди себеси и сите други директно со откриениот Господ (без стремење), за – ништо корисно да не направи со тоа, освен веднаш да биде обземен со некој вид на спротивен егоцентризам – „Не нѐ бива бе, никогаш нема да сме ко фотони, ни за милијарда години“, „Не сме божествени по природа како светлината“. Односно, егоцентрично ќе ни/им/си замери за егоцентризмот од крв и месо, не за да го трансцендира, туку за да го зајакне! Оние, пак кои не ја прескокнале ни пред-коперниканската егоцентричност, на сите останати им ја фрлаат Касандрината клетва: „Ништо не ви веруваме“. Одржувањето на егото е подмолно – ако бира дали да го заштити кожурокот или да му допушти на битието што го носи да се подобри – го бира првото, па наредните генерации нека се модификуваат понапредно. Но, немаме веќе време за еволуција.

Полузнаењето е полошо и од незнаењето бидејќи реперите за општествено ориентирање, односно Њуберг- аналозите од ориентирите за разделување на човекот од светот „благодарение“ на егоцентричниот кожурок, добиваат авторитет во очите на „сезнајковците“ низ псевдонаука, псевдодуховност, псевдопросветленост…

Ова мое „замерање“ овде, некој ќе рече, е зајакнување на тој егоцентризам од трето ниво. Но, не е, сакам да ја отворам матрјошката од себе-центрираности, уште и вплеткани во уверувања дека „сѐ е релативно“, „логично е“, „објективно е“, „реално е“, итн., сите исконструирани репери за ориентација во општествениот простор и време – тотално различен од математичкиот, а фразите се исти, само погрешно споделени! Добиваме глупост како „секој има право на свое мислење“ и за мислење кое се оддалечува од стремежот по точното (од некои намерно, но од повеќемина – ненамерно), па потрагата по значење и вистина се вкопува в место во двата простори. Не е дека двата простори се дисјунктно разделени, туку дека преводот од едниот во другиот простор не е буквален. Можеби треба – „секој има право на исправно резонирање“. А со мислењето, ако не знае дека секое мислење се коригира многу пати кон исправност, иако 100% исправност од крв и месо не може да се достигне – но тоа (и егото) да не го спречува за 99.99999% стремење кон исправност – подобро да оди на ливада и да ужива со цвеќето. И релативноста така функционира, и реалноста, и објективноста, и логичноста. И затоа и функционираат – не стануваат неточни затоа што некој „мисли поинаку“. Тие единствено може да се надградат, но според нив светот функционира, а не по „мислењето“. До тогаш, зборовите, ако не се барем од мисла која го почнала својот стремеж кон вистинитоста, не само што погрешно влијаат на животот на сите, туку праќаат и погрешен сигнал кон иднината за сите.

Зачлени се на нашиот е-билтен