Иако индексно поените се промениле, извештајот на Фридом Хаус не ја нарекува Северна Македонија авторитарна држава, туку вели дека државата има тенденција за натамошна демократизација. Се разбира, главниот услов за тоа е продолжувањето на европските интеграции. Ова не е порака само за нас, туку и за европските лидери и за лидерите на европските институции.
Андреја СТОЈКОВСКИ
Во петокот ја посетив меморијалната изложба по повод 100 години од раѓањето на Вангел Наумовски. Изложбата беше во Домот на културата „Глигор Прличев“ во Охрид. Знаејќи дека патот трае подолго од потребното време, имајќи ја предвид оддалеченоста на Охрид од Скопје, тргнав со време за да стигнам порано и да уживам во денот покрај езерото. По пат, во автомобилот, друштво ми правеше радиото.
Вечерта, на изложбата, домаќините oхриѓани, се потрудиле на најдобар начин да го претстават својот сограѓанин. Опкружен со повеќе дела на уметникот ги слушав анегдотите од претставници на повеќе познати охридски семејства, како и други, дејци од различни сегменти на општественото живеење во градот. Во уво ми западна анегдотата за изложбата која Наумовски ја имал во галеријата Мона Лиза во Париз, која ја посетил славниот Салвадор Дали. Додека ги сумирав впечатоците од денот, се обидов да побарам повеќе информации на интернет и прочитав дека тогашните професори од средното уметничко училиште во Скопје го сметале Вангел Наумовски за недоволно талентиран да ја продолжи наобразбата во училиштето. Ваквата оценка мора да била многу тешка за уметникот, особено ако се земе предвид дека тој сѐ уште бил само тинејџер. Огромна среќа е, меѓутоа, дека тој бил извонредно упорен. Замислете само, каде ќе бил ако се откажел.
Наредниот ден, попладнето и вечерта бев поканет на свадба на мои блиски, роднини со кои можеби не сме во крвно сродство, но, сме се избирале да бидеме веќе неколку децении. На враќање назад, во автомобилот повторно друштво ми правеше познатата радио станица. Кампањата за претседателските избори е започната. Кандидатите упорно не бомбардираат со своите снимени пораки од сите можни медиуми. Тие ни (пре)порачуваат, зборуваат чудесно и ја сликаат државата како да е тоа дело на Наумовски или дури и Дали. Не треба да не зачудува, секој од нив имал можност барем во еден дел од сопствениот живот да се подготвува за овие јавни обраќања. Меѓутоа, само некои научиле да се обраќаат кон сите граѓани. Други, одлучиле дека треба да зборуваат само со избрани соговорници. Трети, дури и кога говорат се како разглас. Тие не комуницираат со никого, туку само ја пренесуваат својата порака или го говорат она што наумиле да го кажат.
Слушајќи ги пораките тргнав да размислувам за она што кандидатите го сториле или она што навистина го живеат. Тогаш се потсетив на басната за сестрите, приказни. Повеќето од нив биле поучни приказни. Кога луѓето ги слушале, се воодушевувале од нивниот ум, мудрост, достоинство и гордост. Но, бидејќи никој од луѓето не променил ништо во своето однесување, последната, најмалата сестра, била тажна приказна.
Политичката теорија тврди дека за демократска транзиција на една држава потребни се два демократски изборни циклуси. Случувања од поновата историја го демантираа ова тврдење, а Македонија, веројатно успеа да го надгради. Од прогласувањето на својата независност Македонија осцилира помеѓу демократија и авторитарност. Некогаш повеќе, некогаш помалку. Во периодот од 1994 до 1998 во државата имаше, но во Собранието опозицијата беше виртуелна. Во јули 1997 година, бевме сведоци на „Гостиварските настани“. Беше тоа предзнак за нов циклус, кој ескалираше во воениот конфликт од 2001 година. Во секој од овие периоди спасот беше (во) Европската Унија. Кога тогашната опозиција одлучи да ги бојкотира парламентарните избори во 1994 година, една година подоцна се случи воспоставувањето на дипломатските односи со Европската Унија. Тоа беше нов ветер во грбот и нова шанса за следен развој на државата, меѓу другото и нејзина дополнителна демократизација благодарение на поддршката од ЕУ. Кога се случија „Гостиварските настани“ со Унијата ја преговаравме Спогодбата за соработка. Таа стапи на сила на почетокот на следната година, а ги регулираше односите до стапувањето во сила на Времената спогодба во јуни 2001, односно на Спогодбата за стабилизација и асоцијација во април 2004 година. За време на најсеризното загрозување на иднината на државата, воениот конфликт во 2001 година, се случи потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. За ова веќе пишував претходно. Потпишувањето се случи на 9 април 2001 година во Луксембург, дури овде се разменуваа рафали, а институциите не контролираа дел од државната територија. Дури и во најголемото отклонување од патот на демократската транзиција, кога државава беше оценуваа како хибриден режим и се зборуваше за заробена држава одредени чекори на ЕУ беа поддршка и насочување за идниот развој и движењето, а почнувањето на објаснувачкиот скрининг и потоа отворањето на преговорите беа некои од чекорите.
Македонија, односно, денес Северна Македонија, нема друг начин за демократски, економски и севкупен општествен развој надвор од пристапувањето во НАТО и во Европската Унија. Ова во своето последно интервју за „360 степени“ го искажа мојот драг и, искрен пријател на државава, Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Македонија и поранешен помошник на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања. Да се разбереме, станува збор за заклучок изведен врз основа на долгогодишно дипломатско, политичко и искуство од анализа, но и заклучок изведен врз основа на информации кои му ги нудеше службата.
Имајќи го предвид ваквиот развој на настаните, но и односите со Европската Унија, среќни сме што Европската Унија е доволно упорна да продолжи понатаму и покрај тешкотиите, но и доволно истрајна да го прави тоа покрај вознемирувањето на процесот на демократизација кој често го правиме со нашиот избор.
Сличен став изнесе и Фридом Хаус, истражувачки институт, тинктенк, со седиште во САД кој ја следи, истражува и индексно ја рангира состојбата со слободата на говор, демократијата и владеењето на правото во државите во светот. Во својот последен извештај, Фридом Хаус за државава вели дека таа е цикличен хибрид. Таа осцилира помеѓу хибрид кој има тенденција за демократизација и за авторитарност. Во извештајот има низа на негативни оценки за државата, меѓу кои за владеењето на правото и справувањето со корупцијата. Она што меѓутоа е особено важно е анализата зошто доаѓа до таквата состојба и кој е патот понатаму. Извештајот, за волја на вистината, вели дека Северна Македонија западнала во оваа состојба поради внатрешната поларизација и политичката блокада, но и поради недостаток на волја, упорност и истрајност. Иако индексно поените се промениле, извештајот на Фридом Хаус не ја нарекува Северна Македонија авторитарна држава, туку вели дека државата има тенденција за натамошна демократизација. Се разбира, главниот услов за тоа е продолжувањето на европските интеграции. Ова не е порака само за нас, туку и за европските лидери и за лидерите на европските институции. За нас, пораката е дека демократизацијата е процес на постојано подобрување и напредување. Запирањето, макар и на миг, остава простор некој друг да ни го земе редот, или да земе замав за следниот циклус на назадување. За Европската Унија, пораката е дека на државава и треба сериозна поддршка за да ја оствари својата можност, а на регионот му треба долгорочно фокусирање, покрај сите вознемирувања од страна.
Јас на Фридом Хаус му верувам! Му верувам подеднакво колку што му верувам и на секој претставник на Европската Унија и на државите членки кога велат дека за Преговарачката рамка повеќе не може да се преговара, а нашето пристапување во Унијата е можно само преку уставни измени. За оние кои научија за Фридом Хаус сега, би сакал да им посочам дека институтот особено за овој извештај има финансиска поддршка и од Фондација Отворено општество.
Фондацијата која константно го подржуваше создавањето на отворени општества во државите од Средна и Источна Европа ја основал Џорџ Сорос. Од основањето на Фондацијата до денес повеќе милијарди долари се инвестирани во демократизацијата на државите од целиот регион. Фондацијата била посакуван соработник и партнер и подолго време, се додека не започнаа теориите на заговор. Во некои држави, главно во централна Азија (Казахстан и Туркменистан) овие теории на заговор се издигнати на ниво на државна политика. Во Европа тоа се случува во Унгарија, а кај нас таков пример се некои партиско-идеолошки структури.
Ниту една од овие политички елити нема особена, да не речам никаква посветеност на демократијата. Граѓаните од Туркменистан и Казахстан или не им била понудена можност за избор, или кога таква можност добиле, тоа реално не бил никаков избор. Од другата страна, во Унгарија граѓаните имаа избор, добија и шанса и денес се дел од НАТО и од Европската Унија. Квалитетот на нивната демократија сепак е под знак прашалник. Тие беа комотни во изборот, заборавија на константната битка за демократија и слобода. Едноставно не беа ниту упорни, ниту доволно истрајни. Ја слушнаа приказната и не ги погледнаа можните резултати, така што денес без оглед на се, Унгарија е како најмалата сестра.
На Претседателските избори може да победи само еден кандидат. Впрочем, избираме само еден Претседател на државата. Сите останати кандидати ќе останат само тоа, кандидати. Меѓутоа, ако на изборите не победи концептот кој не носи онаму каде што треба да бидеме, ако заборавиме на упорноста и истрајноста, сите ние ќе бидеме тажна приказна.
За повеќе слобода, демократија и владеење на правото треба упорност. Токму онаква каква што имал Вангел Наумовски кога одлучил да продолжи по патот на уметноста дури и кога неговите професори го нарекле неталентиран. За промени и резултат потребна е истрајност. Онаква каква што имаше Европската Унија низ годините за постојана поддршка и поттурнување на државава напред во процесот и покрај сите предизвици и назадувања. Нека биде ова мислата со која ќе заминете на гласање на 24 април.
На Претседателските избори може да победи само еден кандидат. Впрочем, избираме само еден Претседател на државата. Сите останати кандидати ќе останат само тоа, кандидати. Меѓутоа, ако на изборите не победи концептот кој не носи онаму каде што треба да бидеме, ако заборавиме на упорноста и истрајноста, сите ние ќе бидеме тажна приказна.