ППП – Пимен Пишман Поп

Пимен

Да не беше „Договорот од Преспа“ кој го реши спорот за името со Грција, Пимен и сите останати епископи во Синодот, а и верниците во Македонија, ќе беа сѐ уште во раскол, надвор од единството на православните цркви.

Зоран БОЈАРОВСКИ

Признавам дека не сум добар математичар, ама барем собирање и одземање толку знам. Сепак, никако не ми успева од возраста на владиката Пимен да одземам 8 години да дојдам до резултат дека во 2018 година имал 4, 5 или 6 години зашто само тоа се годините кога децата можат да бидат излажани или наивни за да веруваат во ветувања што, според него, сега, после толку години не биле реални.

Во гостувањето на „Попкаст со Мартин Богатиноски“ на „Слободен печат“ владиката Пимен се согласил да повика на поголема излезност на референдумот за името во 2018 година затоа што, како што сега вели тој, бил убедуван во поинаков исход и во придобивки што никогаш не се материјализирале.

– Од оваа перспектива секако дека мојот повик до граѓаните да излезат на референдумот за промена на името во 2018 година го сметам за голема грешка. Практично, некој мене ме излажа, а јас ги излажав останатите – вели Пимен, објаснувајќи дека тогаш бил уверен оти процесот ќе донесе нешто подобро, а не подлабоко разочарување.

Признава дека погрешил и дека бил наивен, ама вели – Не е сѐ така црно!

Потсетува дека членството во НАТО во конкретни моменти било пресудно. Како пример ја посочува трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога, според него, брзата интервенција и поддршката од партнерите помогнале да се спасат животи.

Максимално несигурен во тоа што го тврди, тој продолжува со контрадикторни толкувања, па вели „едно беше ветувањето што требаше да ни донесе придобивки, а друго е тоа што навистина го добивме“, се обидува да прави паралели владиката Пимен, ама не кажува што навистина добивме и зошто некои од очекувањата на се исполнија.

Останува на нивото на наивност, ама не можете да се оттгргнете од впечатокот дека е тенка, речиси невозможна таа аргументација за наивност. Може да се дебатира за прашањето зошто промената на името не придонесе за отпочнување на преговорите со ЕУ, но за тоа е потребно многу повеќе од тоа да се каже „бев излажан и наивен“.

Но, една и за Пимен најважна работа заборава митрополитот. Да не беше „Договорот од Преспа“ кој го реши спорот за името со Грција, Пимен и сите останати епископи во Синодот, а и верниците во Македонија, ќе беа сѐ уште во раскол, надвор од единството на православните цркви.

Еве да потсетиме за тоа со цитат од едно интервју на социологот и хроничар на црквата во Македонија, професор на Филозофскиот факултет Зоран Матевски од 2022 година кога требаше да се одржи заедничката литургија со Српската православна црква, со што, практично, се реши прашањето на автокефалноста и приемот на МПЦ во православната заедница.

„Да не беше Преспанскиот договор, немаше да дојде до канонско признавање од Вселенската патријаршија и најавената заедничка литургија со СПЦ, затоа што Грчката православна црква е исклучително блиска со Цариград и тоа немаше никогаш да се постави. ГПЦ лобирала. Вие знаете дека низ целата историја на Вселенската патријаршија, поглавар е Грк. Втора работа е што Вселенската патријаршија е во блиски односи со американската администрација на американскиот претседател Џозеф Бајден. Целото ова зреење е поттикнато од таму. Во втората половина на 2021 година, вселенскиот патријарх Вартолемеј беше кај Бајден и сигурно разговарале и за МПЦ, рече проф. Матевски.

Пимен, пишман попот, треба да го има ова предвид кога зборува за неговото учество во кампањата за референдумот за името во 2018 година. Тое е, всушност, неговото поле каде што не би требало да биде наивен и да греши.

Сѐ друго го става во позиција на него да се гледа како на некој што им подвладува на властите. Ако во 2018 бил наивен и згрешил кога прифатил да преземе политичка улога за упех на референдумот, зошто денеска не би бил наивен и не греши кога ѝ се подвладува на денешната власт која е гласна дека ќе го врати името, ама никако да го направи тоа.

Зачлени се на нашиот е-билтен