Претеравте, ептен е очигледно, што станува безобразно

претеравте

Под менторство на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, во рок од само еден месец, јавноста доби јасна слика за тоа како изгледа „кадровската политика“ кога е водена од лични и бизнис интереси.

Зоран БОЈАРОВСКИ*

Има моменти во политиката кога границата меѓу владеење и влијание станува тенка. А има и моменти кога таа граница целосно исчезнува. Ова што го гледаме денес – е токму тоа.

Под менторство на владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ, во рок од само еден месец, јавноста доби јасна слика за тоа како изгледа „кадровската политика“ кога е водена од лични и бизнис интереси. Прво ја поставија Данка Ристова во Судскиот совет – институција што треба да биде столб на правосудната независност. Денес, нејзиниот сопруг, Ацо Ристов, го позиционираат за претседател на Регулаторната комисија за енергетика – тело што директно одлучува за цените што ги плаќаат граѓаните.

Случајност? Тешко.

Ацо Ристов не е непознато име. Поранешен градоначалник од редовите на вашата партија, но уште поважно – човек со длабоки корени во енергетскиот бизнис. Бизнис терен на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер. И двајцата многу добро знаат дека малите хидроцентрали не се само инвестиции – тие се политичка валута во Македонија. А кога тие се спојуваат со институционална моќ, добиваме нешто многу поопасно: контролирана регулација.

Токму тука почнува најсомнителниот дел од приказната.

Според податоците од Централниот регистар, Ацо Ристов непосредно пред да се актуелизира неговото име за РКЕ – се „ослободува“ од сопственоста во компаниите поврзани со изградба на мали хидроцентрали. Компанијата што носи стотици илјади евра годишна добивка, одеднаш менува сопственик. Новото име? Сметководителка од Радовиш, без јавен профил и без претходна тежина во секторот.

Дали ова треба да го сфатиме како случајна деловна одлука? Или како класичен пример на „чистење“ на биографија пред преземање на функција?

Зашто ако е второто – тогаш не станува збор само за конфликт на интереси. Станува збор за однапред подготвена операција. За внимателно плетена мрежа, каде институциите не се сервис на граѓаните, туку алатка за заштита и проширување на приватни интереси.

Регулаторната комисија за енергетика не е било која институција. Таа ја креира ценовната политика на енергенсите и судбината на сметките за струја. Ја одредува рамката во која функционира целиот енергетски сектор. Ако таму седне човек кој до вчера бил директно вклучен во истиот тој бизнис – и ако неговите врски со бизнисот не се прекинати, туку само формално „префрлени“ – тогаш тоа не е регулација. Тоа е заробување.

И не, проблемот не е само во Ристов. Проблемот е во моделот.

Модел во кој сопружници се позиционираат во клучни институции во рок од неколку недели. Модел во кој партиската лојалност и бизнис интересите се претвораат во билет за јавна функција. Модел во кој транспарентноста е само формалност, а суштината се договара далеку од очите на јавноста.

Ова веќе не е прашање на перцепција. Ова е прашање на доверба.

А довербата, господа од власта, не се гради со вакви потези. Така се руши – систематски, чекор по чекор, со секое ново „совпаѓање“ што премногу наликува на план.

Затоа, прашањето не е дали сè е по закон.

Прашањето е: дали е чесно? Или можеби не знате што е тоа. Ако не знаете, еве што вели речникот:

https://makedonski.gov.mk/corpus/l/chest-zh

Зачлени се на нашиот е-билтен