Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Пркосен политички пубертет наспроти геополитичко матурирање

На многумина не им е толку јасно на што се темели одлучноста и пркосот на ВМРО ДПМНЕ да им кажат историско „НЕ“ на Европјаните, нешто слично како Тито на Сталин, но сепак различно, бидејќи ова НЕ, од западот сепак се чита и анализира како ДА за Путин.

Тони Поповски

Минатата седмица бевме домаќини на министрите за надворешни работи на Австрија, Чешка и Словачка, Александер Шаленберг, Јан Липавски и  Мирослав Влаховски, а денес и утре во посета се министерките за Европа на Франција – Лоренс Бун и на Германија – Ана Лурман, придружени од нивниот полски колега Шимон Шинковски.

Пораките од претходната тројка ги слушнавме, а во моментов на објавување на оваа колумна се испорачуваат пораки од другата тројка. Состојбите се такви да после овие посети на двете дипломатски тројки или ќе го завршиме (како држава) геополитичкиот семестар со единица или со петка. Ако завршиме со единица, ќе го повторуваме овој семестар на неодредено, доколку некој воопшто не повика од чекалната или ќе треба да се запишеме (со ризик тоа да биде само дел од нас) на друг геополитички универзитет. Ако завршиме со петка, ќе исчекориме во наредниот семестар и напред кон целта за конечно геополитичко матурирање и признание на нашата европска политичка диплома во ЕУ.

Метафорите се изразно и врзно средство во колумните, но ретко се присутни во политичките пораки, како на пример овие на првата тројка:

Нов договор (читај – преговарачка рамка) нема да има;

Одлуката треба да биде наша, а не на Брисел или некој друг, но дека пратениците треба мудро треба да размислат, да се стават над партиските политики и да донесат одлука што е во интерес на државата и на граѓаните;

Северна Македонија е важна за нас.  Земјата покажа голем капацитет за трансформација, големо чувство за одговорност и работеше многу напорно да опстои на патот кон ЕУ изминатите 18 години;

Земјата не напредува брзо како што сакате и тоа создава фрустрации, па  прашањето сега е како да се справите со нив;

Не дојдовме тука да се мешаме во внатрешните работи ниту пак да морализираме, бидејќи решението треба да дојде од Скопје и од македонскиот народ и  тоа мора да биде ваше решение;

Патот вреди и едвај чекаме да ги видиме вашиот јазик, историја и култура како дел од  ЕУ;

Сите сме свесни што е пред нас и нема начин како да се избегнат уставните амандмани. Ова е нешто на што треба да се работи  и постои свест дека работата треба да се заврши;

Никогаш нема да има поповолна ситуација за евроинтеграцијата на Македонија од оваа сега;

Усвојувањето на овие дополнувања на Уставот ќе отворат пат за членство на Северна Македонија во ЕУ. Колку побрзо се усвојат толку побрзо ќе станете дел од неа;

На овој пат ние ќе направиме сѐ што можеме да спречиме дополнителни барања во однос на билатералните прашања (читај  – од Бугарија);

Пратениците во Собранието да ја надминат партиската политика и да размислат за евроинтеграциската иднина на државата и за придобивките за граѓаните;

Се надевам дека во Собранието мудро ќе размислат и наесен ќе се сретнеме на втората меѓувладина конференција;

Не треба да се пропушти овој моментум бидејќи нема алтернатива која може да обезбеди прогрес во оваа исклучителна фаза од евроинтеграцијата, а  обидот да се добијат политички поени на оваа тема – е екстремно контрапродуктивен;

Ако се закажат предвремени избори тоа би било многу контрапродуктивно;

Политичките лидери треба да изградат национален консензус за ова прашање;

Овој процес (читај – пристапните преговори) бара едногласност во одлучувањето и никој не може да го исклучи влијанието на домашната  политика во некои земји членки врз него, но сега постои многу наклонета атмосфера во ЕУ за проширувањето што не постоеше пред две години и ова е  единствен момент за што нема гаранција дека ќе се повтори, па затоа е подобро да го искористиме;

Во преговарачката рамка што е усвоена сепак не се вклучени како услови билатералните прашања и договорот што беше постигнат за нашите преговори го прифатиле сите земји членки на Унијата вклучувајќи ја и Бугарија;

Прашањата од историјата  треба да останат билатерални прашања;

Ние сме преставници на три земји кои делат иста историја, а решението го најдовме во заедничката европска иднина.

И пред овие посети, идентични пораки добиваме во континуитет од други водечки политичари и дипломати на други држави членки на ЕУ, и од страна на САД.

Секому кај нас му е јасно, со исклучок на оние за кои јасното е неприфатливо поради лични или групни мотиви и амбиции, дека овој интензитет на посети на водечките европски дипломати е непосредно поврзан со геополитичката ситуација на европскиот континент и последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина како и со постоечките – многу сериозни безбедносни закани.

Истовремено на многумина не им е толку јасно на што се темели одлучноста и пркосот на ВМРО ДПМНЕ да им кажат историско „НЕ“ на Европјаните, нешто слично како Тито на Сталин, но сепак различно, бидејќи ова НЕ, од западот сепак се чита и анализира како ДА за Путин. Претпоставка е дека првенствениот мотив е да се капитализира на несомнено највисокиот рејтинг кој партијата го има меѓу гласачите Македонци, во споредба со другите партии од македонскиот камп.

Овој рејтинг е изграден, меѓу останатото, и поради конзистентното манифестирање на реактивен национализам (како одговор на проактивните националистички проблесоци од соседна Бугарија) и заложбата за одлучно и широко вкопување во дефанзивен ров, без оглед на сите можни последици. Притоа се оди со надеж за сценарио како во типична турско – шпанска или балканска продукција на играни серии, каде очекуваме дека хероината или херојот набргу ќе ја извојуваат правдината (нема уставни измени и како награда има домашна изборна победа) и покрај сите околности кои во моментот на емитување на конкретната епизода, се против нив.

Ова сценарио е привлечно за широките народни маси чиe мнозинство и онака ужива во турските серии и во предвидливите сценарија каде тешката судбина и жртвата на крај се сепак наградени со (изборен) триумф, но проблем може да настане доколку се случат неочекувани и тешко управливи сценарија, а такви има во геополитиката.  

Зачлени се на нашиот е-билтен