Јавувајки се од рабовите на своите татковини каде идентитетите одамна биле многустрани, а границите многу неопипливи, Шуман и неговите колеги претерано не се мачеле со прашањето на спојувањето или на националните суверенитети
Пишува: Бранко ТРИЧКОВСКИ
Трите водечки државници меѓу шесте потписници на Париската повелба, април 1951, со која е втемелена Европскакта заедница за јаглен и челик – Алсид Де Гаспери, Конрад Аденауер и Роберт Шуман – потекнувале од рабните делови на своите земји.
Де Гаспери од Трентино, на североистокот на Италија, Аденауер од Порајна, Шуман од Лорена.
Кога се родил Де Гаспери – и во поголем дел од неговиот зрел живот – Трентино и припаѓал на Австро-Унгарската Монархија, а тој студирал во Виена. Шуман пораснал во Лорена која тогаш му припаѓала на Германското царство. Во младоста, како и Аденауер и пристапил на католичките здруженија- истите на кои “Човекот од Рајна”и пристапил десет години порано.
Кога се состанале сите тројца разговарале на германски, својот заеднички јазик.
И уште еден важен аспект:
За сите тројца и за нивните христијанско-демократски колеги од двојазичниот Луксембург, од двојазичната и бикултурна Белгија, како и Холандија, проектот на европската соработка имал културна и економска смисла и можеле да го согледаат како придонес за надминување на кризата на цивилизацијата која ја беше разурнала космополитската Европа на нивната младост. Јавувајки се од рабовите на своите татковини каде идентитетите одамна биле многустрани, а границите многу неопипливи, Шуман и неговите колеги претерано не се мачеле со прашањето на спојувањето или на националните суверенитети. Сите шест држави членки на ECSC пред тоа доживеале некој да го заменува и гази нивниот суверенитет – и тоа во текот на војната и окупацијата- и затоа можеле да изгубат многу малку од сопствениот суверенитет.
Вака пишува Тони Џад во дебелата книжурина за повоената историја на Европа. Ми се стори паметно да го предочам овој дел како поучен политички, национален, економски и културен, цивилизациски, би рекол, проект и поведение, од кое тука можеме да учиме.
Не од бескрајните банални глупантропски интервјуа на Мицко и на другата кретенизирачка маса на која рамката и била тесна, Бугарите испорачувале диктати, чисти сме биле во историјата и националната генеза како да сме растеле под стаклено ѕвоно, не сакаме договори и протоколи, името ќе го враќаме (кое?) ние си ги имаме комитите и ништо друго не ни треба, немаме ништо заедничко со Бугарија, ниту со фоките и нилските крокодили, блаблабла.
(ФБ статус на авторот)