Рамбo Амадеус и Диме во одбрана на демократија на Западен Балкан, ЕУ во одбрана преку законска регулатива

Рамбо Амадеус
By Medija centar – Извор: Медија центар БеоградДозвола за објављивање/Медија центар, CC BY-SA 3.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=25150187

Рамбо Амадеус рекол дека кога гласот на паметниот и гласот на будалата се еднакво важни – ја прават демократијата да биде турбо фолк. Кога ќе го ставите тоа во контекст на социјалните мрежи, станува јасно зошто е тоа важно за оваа колумна.

Миле БОШЊАКОВСКИ*

„Фактот според кој суштината на демократија е феноменот дека гласот на паметниот и гласот на будала се еднакво важни – ја прави демократијата да биде турбо фолк“, има кажано Рамбо Амадеус. Имам еден комшија кај мене од петти спрат чија теза е за нијанса подобра од оваа на Рамбо, или според Диме:
„На денот на гласање, пред влез на избирачко место мора да има тест-ливче со три прашања: првото – дали земјата е рамна, второто – дали авионите не трујат со кемтрејлс и третото – дали вонземјаните ги направиле пирамидите. Доколку одговорот биде „да“ макар и на едно прашање, човекот да го изгуби правото да гласа до наредните избори.“

Се разбира, двете теории се и повеќе од провокативни, карактеристични и сосема разбирливо саркастични, но за жал или за убаво – не се возможни бидејќи, нели, не се демократски.

На едно поинакво ниво од ова на Рамбо и Диме, но во многу нешта сепак слично, Европската комисија минатата година ја спаси демократијата во Романија од социјалните мрежи или конкретно од ТикТок влијанието врз резултатот од тамошните претседателски избори.

Веќе имам пишувано на тема „Закон за дигитални услуги“ на ЕУ (Digital Services Act – DSA) со кој се регулираат големите социјални мрежни платформи во земјите на Европа, како и потенцијалниот конфликт на глобално ниво или конкретно со администрацијата на Трамп, бидејќи кај нив влијанието на Елон Маск, кој е сопственик на една од тие платформи, е сериозно и за него „Закон за дигитални услуги“ е цензура или ограничување на слободата на говор.

Сепак, да видиме што се случи во 2024 година во Романија.

На претседателските избори таа година, извесен релативно непознат политичар, Калин Георгиеску, без поддршка на голем политички субјект, без, како што тврдел, „финансии“, претставувајќи се како антисистемски кандидат, „народен“ и „патриотски“ надкандидат за претседател, успева во еден месец да добие сериозна медиумска поддршка на ТикТок или низ бројки:


• над 120 милиони прегледи на неговите видеа за еден месец,
• 25.000 нови профили активни со исти хаштагови и слични видеа,
• 3.500 лажни или автоматизирани профили (идентификувани од невладини организации),
• 70 инфлуенсери биле платени тајно (микроплаќања од 50 до 300 евра, вкупно еден милион евра),
• и околу 40% од содржината споделувана за Калин Георгиеску изгледала организирано, со ист визуелен стил и синхронизирани пораки.

И покрај тврдењето дека активностите биле оригинални сами по себе креирани, без финансии и без заднина, сепак романските безбедносни служби идентификувале типични модели на руска хибридна операција: ботови, синхронизирани пораки, масовно ширење на лажни содржини. Се утврдило дека е направена манипулација со алгоритмите на ТикТок преку масовно ширење на видеа преку ботови и лажни профили, „push“ на содржината што создава лажен впечаток дека кандидатот е масовно популарен и промовирање видеа со радикална, емоционална содржина.

На ова се надоврзува и фактот дека постоело и непријавено финансирање и сепак координирани активности: платени инфлуенсери, студиска продукција на видеа, логистика и микроплаќања. И покрај тоа што Георгиеску тврдел дека нема буџет, податоците покажуваат обратното – дека целата содржина била „организирана“ и со централизирана координација.

Сето ова дало резултат и нови млади гласачи излегуваат во голем број и гласаат за Георгиеску. Тој победува во првиот круг, но не бил проблемот во тоа што луѓето гласале – проблемот бил во начинот на кој тој ја стекнал предност и манипулацијата кон гласачите.

И, покрај тоа што дел од гласачите навистина гласале за него, институциите утврдуваат дека подемот на Георгиеску не е органски – туку резултат на манипулативни мрежи, непријавена поддршка и можни странски влијанија.

И тука Романија се повикува на „Закон за дигитални услуги“ како механизам за рамнотежа на ЕУ за заштита на јавниот дигитален простор, со јасна цел дека платформи како TikTok, Meta и YouTube мораат да спречат дезинформации, манипулации и скриено политичко влијание врз граѓаните на земјите членки на ЕУ.

Во Романија се утврдува дека се случила организирана манипулација – односно, без класична политичка инфраструктура победува независен кандидат, без партија и без официјален буџет.

Уставниот суд на Романија, по две недели од првиот круг, ги поништува изборите, и тоа поради дигитална манипулација со следниве аргументи:


• неправилни електронски гласови,
• координирани мрежи од ботови и лажни профили,
• сомнеж за непријавено финансирање,
• фаворизирање на кандидат од страна на алгоритамот.

Следува реакција на ЕУ до ТикТок, кои добиваат опомена, се отвора истрага која може да резултира со казна до 6% од глобалниот приход, што е повеќе од 1 милијарда долари.

Георгиеску, од вирална антисемитска, антизападна ѕвезда, станува обвинет за „пуч“ и заедно со уште 21 лице е обвинет за „обид за уривање на уставниот поредок“, со потенцијална казна до 20 години затвор. Екипава добива забрана за напуштање на земјата, како и забрана за објавување екстремистички содржини, се отвора истрага за измислена биографија, лажно финансирање, странска логистика, поддршка на фашистички групи.

Тоа што е најважно да се знае е дека овој случај покажува дека алгоритмите, конкретно на ТикТок, не се безбедни, а демократијата е ранлива дури и кога гласачите се искрено заинтересирани.

Сепак, благодарение на „Закон за дигитални услуги“ на ЕУ, Романија ја заштитува демократијата и покрај тоа што луѓето гласале и биле заведени од страна на лажни и погрешни информации.

Тука да наведеме би било добро што е тоа кое ЕУ го бара од страна на ТикТок, Мета, Икс, Јутјуб точно?

·       Да ги отстранат лажните профили и мрежи за манипулација во рок од 24 часа,

·       Да објават податоци за политичкото рекламирање,

·       Да покажат зошто алгоритмот ти препорачува одредено видео,

·       Да имаат кризен тим за изборни циклуси,

·       Да го спречат „вештачкото надувување“ на кандидати преку ботови или непријавено финансирање.

Во Македонија, кога сме надвор од ЕУ, претставуваме потенцијален дигитален тест-полигон за ваков тип на манипулации со алгоритмите на социјалните мрежи, за кои како што сведочиме преку примерот во Романија веќе е докажано дека имаат резултат.

За разлика од земјите на ЕУ, големите платформи кај нас не се обврзани да спречуваат манипулации, алгоритмите не се транспарентни, и ние немаме наши национални изборни „дигитални тела за заштита“. Така што овде би набројал три можни ризици со кои можеме да се соочиме: нема механизми за отстранување лажни профили, алгоритмите можат да промовираат скриени политички кампањи и не постои начин за заштита во изборни кризни ситуации. Сепак, како земја кандидат за членство во ЕУ мораме, можеме и треба да направиме предлог-национални правила слични на „Закон за дигитални услуги“ со кои ќе креираме алатки за детекција на ботови и координирани мрежи, како и државни механизми за договор со платформите за изборни периоди.

Примерот во Романија покажа дека избори повеќе не се крадат со вреќи пари, бугарски возови или класични финансии – денеска тоа се прави со: алгоритми, ботови, микро-платени инфлуенсери, координирани мрежи и центар кој би имал интерес ова да го спроведе.

Европската комисија преку примерот во Романија доби потврда на јавна глобална сцена дека е повеќе од потребна јасна и прецизна регулатива за соработка со големите социјални интернет платформи за заштита на демократијата.

Македонија е надвор од ЕУ, и реално е ранлива. Ако не се постават правила и механизми за надзор, некој може да го манипулира јавното мислење и да помине без санкции.

Демократијата може да се свитка со 3.000 ботови и 70 инфлуенсери — тоа е катастрофален ризик. Од друга страна, тука се Рамбо Амадеус и мојов пријател Диме, кои имаат решение, кое сепак е малку радикално и не може да се имплементира – едноставно, таква е демократијата.

*Во колумната се користени податоци од извештајот Tackling TikTokcracy in the Balkans | Sensika 

Зачлени се на нашиот е-билтен