Тони ПОПОВСКИ
Иако најавувана како „Татнеж во џунглата“, според легендарниот дуел помеѓу Али и Форман од 1974 година, во Киншаса, Заир (сега Демократска Република Конго) и потенцијална „тортура“, епилогот од средбата помеѓу американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар и Христијан Мицкоски наликува на заплет карактеристичен за холивудскиот жанр на романтичната комедија. Бидејќи сценариото е тајновито, на кулминацијата и расплетот сепак ќе треба да почекаме.
Романтичната комедија е поджанр фокусиран на лесни, хумористични линии на заплетот центрирани на романтични идеи, на пример како вистинската љубов може да ги надмине повеќето пречки. Вообичаено сценаристите ги портретираат двајцата љубовници како идеално компатибилна двојка која е одвоена поради некои комплицирани околности (класни разлики, мешање на родителите, претходен партнер или партнерка и сл.) сè додека не се надминат сите пречки до конечно обединување, најчесто во брак. „Среќниот крај“ во стилот на бајките е типична карактеристика на романтичната комедија. И покрај предвидливоста, а со неа и неодминливата баналност и патос, вниманието на гледачите го задржува драматичниот заплет. Двата лика се среќаваат, па неколку пати се разделуваат поради расправија или друга пречка, понекогаш се двоумат дали да се вклучат во романтична врска бидејќи резонот ги убедува дека не се сакаат, но срцето им го говори спротивното. Ликовите често се разделуваат или бараат време да се разделат за да ги средат своите емоции или да се справат со надворешните пречки, кои на крајот ги надминуваат.
Таква е отприлика и динамиката на односот помеѓу ВМРО ДПМНЕ со оваа американска администрација, барем во моментов. Ескобар даде интервју за порталот 360 степени, во кои ги дообјасни американските начелни позиции, вклучувајќи ги и тие поврзани со кого САД преферира да гради партнерство, а „партнерството“ од страна на ВМРО ДПМНЕ, најдетално го објасни Антонијо Милошоски за „Тема на денот” во дневникот на Сител, посочувајќи дека „Актуелната влада посакуваше притисоци, но напротив, станува збор за една пријателска средба во која се разменети многу аргументи. За некои работи се согласуваме, за некои имаме различни мислења со господинот Ескобар, но во суштина целта е иста и заедничка, Македонија да напредува. Тактиката како да се стигне до тој напредок и во развојот и интеграциите е различна затоа што ние сметаме дека за таков напредок предуслов е да имаме рестирање со демократски избори и избор на нова влада која граѓаните би ја овластиле да ги решава проблемите создадени од оваа власт“.
Дали оваа разлика во „тактиката“има потенцијал за „развод“ на ВМРО ДПМНЕ од САД, останува да видиме. Притоа е можно да бидеме сведоци на црна комедија, или не дај Боже, нешто полошо.
„Војната на розите“ е американска сатирична црна комедија од 1989 година. Главните карактери во филмот се Оливер (Мајкл Даглас) и Барбара (Кетлин Тарнер) како пар со навидум совршен брак. Кога нивниот брак почнува да се распаѓа, имотот станува центар на горчлива битка. На почеток на филмот, адвокатот Гевин д’Амато (Дени Де Вито) во неговата канцеларија разговара со клиент. Забележувајќи ја решеноста на мажот да се разведе од сопругата, Гевин решава да му ја раскаже приказната за еден од неговите претходни клиенти, негов личен пријател како што накусо следи.
Оливер не може да разбере што направил за да го заслужи презирот на Барбара, а притоа е целосно несвесен за неговиот поттик за контрола, егоцентричното и генерално омаловажувачко однесување кон неа. Кога верува дека доживеал срцев удар еден ден по жестока расправија, Барбара не покажува никаква грижа за неговата благосостојба и на крајот признава дека повеќе не го сака и дека сака развод. Оливер прифаќа, но настанува тензија меѓу нив околу сопственоста на домот. Првично исфрлен, Оливер од инает се враќа во куќата бидејќи осознава дека правно може да остане во неа додека го чека разводот. Во обид да направи компромис, и нуди на својата сопруга значителна сума пари во замена за куќата, но Барбара од инает го одбива предлогот. Адвокатот го советува Оливер да го прекине конфликтот така што ќе ја остави Барбара со куќата и ќе започне нов живот за себе но Оливер одговара со отпуштање на Гевин и одлука да ги преземе работите во свои раце. Од тогаш нештата се придвижуваат од лошо на полошо.
Парот почнува да се понижува себеси на секој можен начин, па дури и уништување на својот мебел, шпоретот, украсите од Стафордшир и садовите. Оливер случајно со возилото ја прегазува мачката на Барбара, а кога таа дознава, возвраќа на начин што го заробува Оливер во неговата приватна сауна, каде што тој за малку ќе подлегне на топлотен удар и дехидрација.
Оливер при крајот на филмот, емоционално се присобира и во обид на себеконтрола за време на елегантна вечера и нуди мир на Барбара, но конечно нивниот конфликт кулминира откако Барбара го послужува со паштета за која вели дека е направена од неговото куче (што потоа се испоставува дека е блеф). Во афект, Оливер физички ја напаѓа Барбара која бега на таванот и го олабавува лустерот со цел таргетирано да се урне врз Оливер. Неколку кадри подоцна, не водат кон сцена каде двајцата опасно висат на отштрафениот лустер. Онака висејќи сепак Оливер признава дека и покрај нивните „тешкотии“, секогаш ја сакал Барбара, но таа не реагира. На крај, Оливер, Барбара и лустерот силно се удираат на подот. Во последниот здив, Оливер посегнува да го допре рамото на Барбара, но Барбара пред да го испушти здивот му ја оттурнува раката.
Завршувајќи ја својата приказна, адвокатот Гевин на својот нов клиент му предлага две опции: или да продолжи со разводот и да се соочи со ужасен епилог на суд, или да оди дома кај неговата сопруга за правилно да ги решат нивните разлики. Клиентот го избира второто, а Гевин задоволен и се јавува на сопругата да и каже дека ја сака и дека е на пат кон дома.
Убеден сум дека оваа препорака на Де Вито е повеќе од полезна за ВМРО ДПМНЕ. Опцијата со „развод“ од САД не е полезна ниту за партијата, а уште помалку за државата.