Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Сѐ што не е забрането…

Тиранијата е секогаш последица на произволноста на моќта. Со судство од тефтерите на МВРО-то, институциите со партиски кадри сега се во фаза на борба за своја „слобода“ НАД граѓаните.

Емилија ЦЕЛАКОСКА

Во 1936 година, Томас Вернор Смит, американски филозоф, научник и висок армиски офицер, во Интернационалното списание за етика (бр. 46), објавил статија со, за нас денеска, доста чуден наслов – „Етика на фашизмот“. На сеуште неслучени ужаси од Втората светска војна во времето на објавување, внатре има неверојатно прецизна анализа во што се претвара народот, а во што индивидуата кога ќе ја усвои таа религија – фашизмот. Не е грешка ова „религија“, тоа се зборови на самиот Мусолини, но и тој не претерал премногу во пропишувањето – процесот на прифаќање на фашистичките принципи за една индивидуа е скоро магичен (веројатно е поточно – црно-магичен), спиритуален (на некое ниско ниво, сигурно), претварање воедно во средство и цел во круг кој врти од индивидуата до колективот и назад.

Уште во првата реченица, Смит не го признава фашизмот за филозофија, особено не морална, како што си ја нарекол Мусолини, туку веднаш се повикува на шесте предуслови што Артур Штајнер (тогаш професор на UCLA, подоцна во II Светска војна, морнарички офицер) ги открива за фашизмот. Штајнер тврди дека сите шест својства се присутни пред фашизмот автентично да се манифестира:

– неприфаќање на демократија (експлицитно или затскривајќи се зад флоскули за демократија),

– прифаќање на диктаторски техники (институциите),

– репресија на индивидуалната слобода,

– репресија на организираниот труд (заробување на синдикати, на пример),

– интензивен национализам,

– реакционерна перспектива (традиционалистички, конзервативни, антипрогресивни тежнеења).  

Звучи ли опипливо познато? Не од сведоштвата од Втората светска војна, туку поинаку, од пред 7-10 години, во груевизмот? Но и денес се бориме со барем пет од овие, бидејќи нашата индивидуална слобода (горе-долу!) го победи груевизмот. Не може да се избегне впечатокот дека ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште на ниво на еуфемизми „кокетира“ со овие шест својства и ги изразува преку во своите програми и јавни говори, но сепак матно, до непрепознавање. Во секој говор и во секоја реакција од нивниот центар за комуникации, па и од проблемите во институциите од кои сѐ уште не можеме да ги откачиме нивните нокти, гледаме дека барем едно од овие својства е присутно.

На Смит, филозофијата на Мусолини му личи на опортунизам со методи извадени од лудило. Притоа тврди „Метод кој е лудило не треба да е дозволен лесно од здраворазумни личности – дури ни врз лудак.“ Барајќи да согледа како една индивидуа почнува да се поврзува со фашизмот наместо со либерализмот, ги открива аксиомите на фашизмот. Првата е: Народот (нацијата) е вистинска индивидуа и таа е највисоката индивидуа што ги произведува другите пониски индивидуи. При таа „креација“, на индивидуите им доделува должности, а права само онолку колку што се потребни за нивните должности. А другата аксиома е дека ниедна индивидуа нема очи, уши, уста (глас) и ум, додека не ѝ бидат позајмени. Многу згодно за диктаторство! Нема „но“ или резонирања со „ако-тогаш“ на индивидуите, а тие имаат должност да прифатат да ѝ служат на индивидуата Народ. Индивидуата Народ е прва во аксиоматиката, а првиот во времето е Мусолини, нејзиниот позајмувач на сетилата, гласот и умот. Но, Мусолини не е единствен позајмувач на сетила, глас и ум во поновата светска историја. Дури и на нашиот мал простор имавме таков позајмувач, соодветно малиот диктатор Груевски. Ордата на 27 април 2017 г. немаше други очи, уши, глас и ум, освен неговите. Доказ за тоа се снимките и самите сведоштва на учесниците со чудни облици на каења подоцна пред судот и јавни миења раце едни од други во јавноста, но не и од „каузата“ за Народот.

 „Фашизмот“, напишал Мусолини во 1932 г., „е религиозен концепт…Тој не е само систем на владеење, туку и систем на мислата… За фашизмот, светот не е материјалниот свет кој се појавува површински, во кој секој човек е одвоен од сите останати, туку е една органска целина во која нацијата-држава е најмалата автентична единица…“ Како таква, вели понатаму, „таа е апсолутна, а другите групи и индивидуите се релативни“. Оваа релативност, се разбира, и Смит гледа дека е пропишување на инфериорност на човечката индивидуалност.

Пропишани биле таканаречените „Десет заповеди на фашизмот“ (буквално!) спроведувајќи таква нечовечка догма, што моралните привразници посветени на неа водат живот „во кој се негираат сами себе како индивидуи, кои преку жртвување на своите непосредни интереси, дури и со својата смрт, го реализираат, за нив, сеопфатното спиритуално постоење во кое се пронаоѓаат себеси како луѓе“ (Емилио Џентилe – професор, историчар и стручњак за италијанскиот фашизам). Нивната морална мисија, да забележиме, вклучува смрт како најблагородна услуга на нацијата! Нивно е само да направат што се бара од нив и да умрат. Ништо не е толку големо што нацијата не може да го побара од индивидуата и ништо не е толку големо што индивидуата не би ѝ го обезбедила на нацијата. Суровоста што една индивидуа ја извршува по заповед на ваква структура е она што Џентилe го нарекува „свето насилство“.

Мене ужасно многу ме потсетува ова на говорите на ВМРО-ДПМНЕ за празници, иако се фарса на оваа догма. Некој можеби ќе рече дека чесно се потсетуваат на дадените животи на хероите во минатото. Но, говорите на тие теми, просто, им течат многу погрешно, како да не можат да издржат да не го преведат тоа минато во сегашноста, а хероите да си ги присвојат како стриктни аналози на самите себе, рекламирајќи ни ги последните два Штајнерови предуслови за фашизам. Притоа редовно, како и Мусолини, се возат на потребите на граѓаните, со ветувања за реализација на тие потреби во смисла на нивна (на ВМРО-ДПМНЕ) „жртва“ за индивидуата наречена – Народ. На демократски потпетици, слично како Мусолини, прокламираат декаденција на демократијата директно или индиректно преку други групи. Доктрината си ја крепат на групи кои за нив (инаку ќе ги шутнат од Европската народна партија), прокламираат инфериорност на жените (Петар води), како што прокламирал и Мусолини. Имплицитно прокламираат залудност на Парламентот, додека Мусолини експлицитно го правел тоа (на пример јавната тајна за „меничното работење“ на своите пратеници, итроштините за измислен аналог на Бадентеровиот принцип, ама за ДПМНЕ-овските присвоени божем „македонски“ прашања, потоа киднапирањето на дебатата, а да не зборуваме за мнозинство – тоа е специфичен интерес за заробување на институциите во ова општество, како што ќе видиме подолу).

Навистина, ниеден човек не се чувствува целосен без други луѓе и не сме добри кога сме одвоени од другите. Затоа се вклучуваме доброволно во разни групи, во обид да го оствариме својот потенцијал, да ги напреднеме своите вештини, итн. Но, акцентот е на доброволноста, можноста да се излезе од таа група и во никој случај – предавање на целата своја индивидуалност на групата, туку либерално споделување. А ниту државата, ниту нацијата е таква структура на која ние се придружуваме доброволно. Ние сме во нив од раѓање, пропишано, а не со информирана согласност, што од овие институции лесно може да направи инструмент на присила, принуда, со имплементирање на шесте Штајнерови својства. Таква инсталациона програма во една држава може да има само организација инсталирана во државните институции.

Дури и за онаа една придобивка – за индивидуалната слобода, сѐ уште сме на клацкалка. Дали пак ќе биде претворена во билет за неказнивост на ВМРО-ДПМНЕ? Со сигурност не се случајни извиците за правда првпат јасно артикулирани пред 7-8 години, бидејќи правда се наоѓа само од слобода. Деновиве пред очи ни беше скапаното јаболко – нашата таканаречена правда, со случувањата во Судскиот совет. Несериозноста на самите јавни службеници остава горчина, секако. Впечатокот остана да лебди во воздухот – дека потпретседател на Судски совет брани апелационен судија неосновано, а овој го брани братучедот на Груевски – стожерот на груевизмот, директниот заробувач на индивидуалната граѓанска слобода.  

Но, токму за перспективите на граѓанската слобода, злоупотребата на правната максима „сѐ што не е забрането со закон, е дозволено“ изречена од јавниот службеник – потпретседател на Судскиот совет, би можела да означи почеток на болест и затварање на ова општество (неговиот облик беше: „Сѐ што не е забрането со Устав и со закон, не е забрането“). Колкав имунитет има организмот на нашата индивидуална слобода која и така ја освоивме некако – гранично? Според мене, овие случувања се еден тежок тег кон репресијата на граѓанската слобода, иако навидум не изгледа директно поврзано. За да се открие јасно поврзаноста, прочитајте ги зборовите на познатиот англиски апелационен судија и водечки правосуден активист, Сер Џон Лоз (John Laws – неверојатно добро име за судија!), кој до самиот крај на својот живот има пишувано како судовите имаат должност да ги заштитат граѓаните од опасностите од злоупотреби на политичарите и службениците во институциите. Текстот е од 2017 г. во списанието Судски преглед бр. 22-4:

„(1) За поединецот граѓанин сè што не е забрането е дозволено, но (2) за јавните тела, а особено за властите, сè што не е дозволено е забрането. Погледнете што значи ова: ако 1 не се прифати, слободите на граѓанинот се фатално и сурово скратени. Тој не може да си ја врши својата секојдневна работа без страв од случајно и произволно попречување. Ако 2 не се прифати, тогаш кое било јавно тело може да дејствува за сопствени цели, наместо низ довербата што ја добиле со конституирањето. Ако телото би било централна власт, таквата состојба веднаш би ги поробила луѓето. Според 1, за постапките на приватното лице не се бара оправдување пред суд, освен ако не се покаже дека прекршил конкретно правило за забрана. Но, во случај на јавна институција, 2 диктира дека секоја одлука што таа ја презема, мора да биде одобрена со условите на позитивната правна моќ што му е доделена, чии граници не смее да ги пречекорува.“

За поединецот граѓанин во тоталитарен режим, сѐ што не е експлицитно дозволено во законите – е забрането, додека за институциите во тоталитарните режими, сѐ што не е забрането во законите – е дозволено!

Јавните службеници за работите на јавните институции се должни да го спроведуваат она што експлицитно е запишано во законите за нив, без пополнување „дупки“ (како што С. Адеми ги нарекува) со максими кои не смеат да важат за нив. Оваа антитеза на (1) и (2) е критериум за слободна, а организирана заедница, вели Џон Лоз. Уште појасно ја дава поентата со реверзија на улогите на (1) и (2) во тоталитарните режими: За поединецот граѓанин во тоталитарен режим, сѐ што не е експлицитно дозволено во законите – е забрането, додека за институциите во тоталитарните режими, сѐ што не е забрането во законите – е дозволено! Поединецот постојано има товар да оправда што прави, а тоталитарните власти се ослободени од такви законски ограничувања, затоа што тие заповедаат и можат да ги променат или да ги игнорираат законите.

Ова ни се случи веќе со груевизмот. Се сеќаваме ли на постојаното 24/7 штанцање на закони и нивни измени кои содржеа конкретности што на секои 3-6 месеци се менуваа по потреба? Имаше и закони од областа на градењето и домувањето кои беа невозможни да се исполнат (од математички причини!) и со тоа автоматски сите граѓани беа виновни. Институциите наполнети со партиски кадри беа слободни и да ги игнорираат законите. „Тоа е критериум за затворено општество, каде што граѓаните се робови на произволната власт. И тоа е, се разбира, негирање на владеењето на правото.“ – вели Џон Лоз. Тиранијата е секогаш последица на произволноста на моќта. Со судство од тефтерите на МВРО-то, институциите со партиски кадри сега се во фаза на борба за своја „слобода“ НАД граѓаните, а првите знаци на таа болест ги покажа Судскиот совет. Неговиот потпретседател сега го сруши принципот 2 – дека институциите мора да одлучуваат за себе само по стриктна патека, со што го отвара условот за реверзија на принципот 1 во кој е содржана слободата на граѓанинот и заштитата  од тиранија на власта! Само ако важи 1, секое упаѓање на власта во индивидуалната слобода на граѓанинот мора да е објективно оправдана, а 1 важи само ако важи 2.

Да не се лажеме со еднаквост како еднаква распределба на правдата – тоа нема да го добиеме додека прво не ја тврдиме нашата индивидуална граѓанска слобода. Слободата не се заробува милитарно, туку кога индивидуите го губат видот, слухот, гласот и умот, а структурата која ќе се нарече Народ ќе им ги позајми своите очи и уши (дел од нашите недоволно професионални медиуми), гласот (некои здруженија) и умот. Од сите Штајнерови предуслови за фашизам, мора да остане пречкртан токму оној за репресијата на индивидуалната слобода, бидејќи таа е суштинскиот потребен услов за правда. А правдата, кога ќе ги добие назад и своите пропишани здраворазумност и фер резон (веројатно благодарение на наредното Поглавје 23 во продолжението на преговорите со ЕУ), е таа која потоа ќе ги пречкртува останатите грозни Штајнерови својства инсталирани од структурите на ВМРО-ДПМНЕ во ова општество.

Треба да знаете
Moже да ве интересира