Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Секој граѓанин акционер – исправање на неправда

Би било добро идејата за доделување акции во државните енергетски компании да опфати уште дејности во државна сопственост, кои и натаму ќе останат со мнозински пакет, но со учество и на граѓаните

Пишува: Ерол РИЗАОВ

Еве, за почеток една саркастична порака од стар новинарски циник за предизборната кампања. Одвај го чекам 9 мај, денот на победата над фашизмот. Тој ден, по поразот на окупаторите, Македонија ќе биде повторно моја. Само кога ВМРО ДПМНЕ е на власт Македонија е моја, а кога е во опозиција револуционерната ни партија таа е заробена од домашни предавници и надворешни непријатели и не ја чувствувам како своја. Во изминатите 33 години слобода и независност цели 16 и пол години Македонија беше моја, а 16 и пол години туѓа. Како наближува денот на големата победа сѐ повеќе ми се враќа гордоста поради што многу подостоинствено се чувствувам. Ете, ова е големата милина што ме опфаќа од симболиката и пораката од слоганот на ВМРО ДПМНЕ и Христијан Мицкоски за парламентарните избори „Македонија повторно твоја. “

Поглупав и поштетен повик на делби во предизборен проглас за национално единство освен онаа на Хитлер „Германијо разбуди се“ од триесеттите години од минатиот век немам ни чуено, ни прочитано. Толку за моја, твоја, наша, ваша, недај боже и ничија Македонија, со или без ВМРО ДПМНЕ на власт.

Да се вратиме малку од еден друг агол на истата тема од која ни ја потекоа главата повеќе од пролетните алергии и вируси и од магарешката кашлица. Предизборните ветувања одамна ги слушам и читам како забава, или што би рекле Србите како „обечање, лудом радовање“, или по нашки ветувањата се радост за будалите. Во новинарството, кога тоа беше професија, ветувањата на политичарите во изборните кампањи во првите години на независноста беа многу поинтересни на крајот на нивните мандати, кога ревносно пребројувавме што од тоа што ветиле оствариле , за да дојдат на власт, а што не. Мислам дека тоа во еден период пресудно влијаше на изборните резултати кога власта се менуваше на секои четири години. Тоа беше главната причина повеќе да се гласа „против“ отколку „за“.

Бомбата на СДСМ допрва ќе експлодира

При голема и оправдана недоверба кон предизборните ветувања, кои кај луѓето со здрав разум служат главно за мајтап и исмевање на волшебни решенија и големи остварувања најмногу ми падна во око една најава која колегите ја нарекоа „бомба“ што ја приопшти СДСМ во предизборната кампања. Големо ветување кое се разликува од сите други и за чудо поминува без некои пожестоки реакции што може да се протолкува на различни начини, или како нешто небитно, или како одобрување и од јавноста и од експертите од оваа област.

Претседателот на СДСМ Димитар Ковачевски и Бојан Маричиќ, партиски секретар за меѓународни односи во свои јавни настапи ветија дека секој граѓанин на Македонија, вклучувајќи ги и децата ќе добијат акции во државните енергетски објекти, веројатно се мисли не само на ЕСМ, првично во износ од 8.000 денари. Или, едно просечно четиричлено семејство ќе добие акции во вредност од 500 евра. Износот на вкупната вредност на акциите не е ни малку безначаен како што изгледа на прв поглед, но уште позначајна е идејата за поседувањето на приватна сопственост во големи државни ресурси. Бегла и непрецизна пресметка кажува дека на овој начин би биле дадени акции во вредност од повеќе од 100 милиони евра. Колку се тоа проценти од реалната вредност на ЕСМ не е точно познато, но сигурно претставува близу до половината од износот на оваа најголема и по многу што најзначајна државна компанија.

Побарав нешто повеќе детали за ова, но не најдов ништо поконкретно. Можеби и затоа не доби поголема гласност како што се очекува за една ваква најава која во суштина беше многу актуелна тема уште пред повеќе од три децении.

Дали станува збор за вистинска бомба која допрва ќе експлодира многу посилно, или празно ветување како и многу други, веројатно ќе се соочиме во натамошната кампања на парламентарните избори. Но, темата навистина заслужува посебно внимание, пред сѐ дали се работи за прецизен програмски и стручен пристап за исправање на голема неправда направена во Македонија кон илјадници, да не речам повеќе од милион луѓе, или се работи за едно од многубројните ветувања кои се вбројуваат во списокот во подгревање на илузии.

Се потсетив дека уште во првите години на независната држава, па дури и пред тоа кога се отвори расправата за приватизација на државниот и општествениот имот имаше повеќе предлози за давање на ваучери на сите граѓани кои ќе им обезбедат некаков удел од сопственоста што ќе се приватизира.

За жал, приватизацијата на еден огромен дел од државниот имот се претвори во озаконет грабеж при што беа елиминирани од било каков надомест илјадници граѓани вработени во разни дејности како здравството, образованието, во сите институции, во армијата, државната администрација и во многу други дејности. Друг дел од вработените во општествените компании по таканаречениот закон на поранешниот премиер на Југославија, Анте Марковиќ добија извесен број акции за минат труд и право на купување акции, но со текот на времето голем дел од тие хартии завршија за мали пари во рацете на новата класа на новиот општествено економски поредок кои беа именувани како олигарси, богаташи, тајкуни… кои брзо стекнаа големи богатства, што унесреќи многу луѓе. Кога некој брзо се богати, многумина брзо осиромашуваат.

Да не се повтори катастрофалната грешка

Ваучерите, тогаш како идеја да се ублажи неправдата кај нас не поминаа. Беше укажувано на некои лоши искуства во источноевропските земји каде е примената таа метода. Но, и таму ваучерите завршиле кај олигарсите, бидејќи сиромашните луѓе брзо ги продавале за мали пари, а многу често и за кригла пиво, или шише вотка.

На тој начин се преземани големи компании, фабрики, рудници и нафтоносни полиња. Ваучерите послужиле само како еден од начините да се озакони криминалот. Сегашната идеја на СДСМ која ја соопшти СДСМ со недоволно јасно образложение, која сѐ уште е обвиткана со молк по веќе насобраните искуства, може да биде оправдана само ако се обезбеди заштитен механизам тоа да не се повтори во катастрофална приватизација какви што имаше во Македонија. Од друга страна, имаше и позитивни примери на успешни приватизации по кои еден дел од вработените добија можност со своите акции да остварат одредени приходи од дивиденди, или пак од продажба на акциите кога нивната номинална вредност на берзата пораснала повеќекратно.

Би било добро идејата за доделување акции во државните енергетски компании да опфати уште дејности кои се во државна сопственост и кои и натаму ќе останат со мнозински пакет, но со добар дел на учество и на граѓаните кои ќе имаат свои акции како надомест од државата за неправедната приватизација и болната транзиција.

Што значи тоа конкретно. Граѓаните на Македонија во најголем дел се онеправдани не само со приватизацијата, туку и со одземен личен имот што е стекнат со сопствено учество во финансирање на значајни државни капацитети. На пример, во Телеком една од најрентабилните државни компании која во најголем дел е приватизирана, но уште таму има свое учество државата, повозрасните граѓани сигурно не заборавиле дека за да се добие статичен телефон во своите домови плаќале цела годишна плата која во еден период изнесуваше над 1000 западногермански марки за телефонски приклучок. Висока, нереална цена која била употребена меѓу другото за изградба на една од најдобрите телекомуникациски мрежи во целиот регион. Такво учество денес би обезбедило сопственост на удели, или одреден број акции. Втор карактеристичен пример е ЕВН која меѓу другото ги доби без денар надомест и трафостаниците кои се изградени со самопридонес на граѓаните.

Дали се сеќавате за заемот на државата од граѓаните за изградба на патишта со обврзници кои завршија обезвреднети во канти за ѓубре. Има стотици такви примери на учество на граѓаните во изградба на државни добра, дури и со откажувања од лични примања во корист на компаниите кои подоцна се приватизирани без надомест, или останале во сопственост на државата која сега може да возврати на еден чесен и транспарентен начин. Ако идејата на СДСМ поаѓа од вакви мотиви и ако добро се спроведе со поголеми пакети акции не само од енергетските државни ресурси, туку од државните патишта, железници, од делот на државата во веќе приватизираните компании, тоа би бил полн погодок на исправање на една голема неправда. Такви успешни примери има и во регионот.

Од друга страна, сопственоста на акции во големи државни компании може да изврши силен притисок за рентабилно работење, а што е уште позначајно за праведна и компетентна кадровска селекција која ќе овозможи профитабилни резултати. Тоа би означило и крај на енормните партиски вработувања во државните компании.

Сите наши златни кокошки што ги купија странските компании работеа со загуби кога беа во државна сопственост, а денес прават милионски профити. Менаџерскиот начин на работење и во државни компании, особено каде што има и приватна сопственост може да предизвика голем успех. Толку за предизборното ветување на СДСМ во оваа фаза. Ќе биде навистина значајно дали ова ќе остане само како едно од бројните ветувања, или ќе се отвори еден значаен многу поширок процес на јавно и приватно партнерство кое може да даде извонредни резултати. Неопходни се попрецизни и подетални информации за оваа тема која има многу поголемо значење од предизборна кампања. Можно е за ова прашање на исправање на долгогодишна неправда да падне првиот консензус и да се примени во живот без оглед кој ќе победи на изборите. (Дојче веле)

Зачлени се на нашиот е-билтен