Ова не е критика за тоа дали гувернерот Славески „смее“ да пишува колумни. Секако дека смее. Прашањето е за што избира да зборува кога јавноста очекува одговори на најтешките економски прашања?
Зоран БОЈАРОВСКИ
Во време кога светот се соочува со една од најсериозните енергетски и безбедносни кризи во последните децении, кога синџирите на снабдување се прекинуваат, а цените на горивата растат со темпо што директно ја турка економијата кон нов инфлаторен бран – во Македонија се отвора едно навидум банално, но суштински важно прашање:
Дали сме единствената земја каде гувернер на централна банка пишува колумни за гуми, кочници и вртежи на мотор?
Во нормални околности, теми како безбедноста во сообраќајот, техничката исправност на возилата или културата на возење се легитимни и потребни. Но ова не се нормални околности. Ова е момент кога секоја институција мора да биде фокусирана на својата примарна мисија.
А мисијата на Народна банка на Република Северна Македонија не е едукација за возачка култура. Не е ни јавна поддршка на кампањи за сообраќај. Таа мисија е многу појасна и многу поитна: стабилност на цените, заштита на финансискиот систем и навремено предупредување за ризиците што доаѓаат.
Во вакви услови, гувернерот Трајко Славески не треба да ни објаснува како да ги менуваме гумите – туку како ќе се движи инфлацијата ако нафтата продолжи да расте. Не треба да зборува за кочници на автомобилите, туку за кочниците што (не) постојат во економијата. Не треба да анализира вртежи на мотор, туку вртоглави ценовни спирали.
Кога молкот станува порака
Во време на криза голем проблем е кога таа безиницијативноста се пополнува со теми што немаат директна врска со економската реалност што ја чувствуваат граѓаните секој ден.
Македонија е земја речиси целосно зависна од увоз на енергенси. Тоа значи дека секое глобално поместување на цените директно се прелева во цената на транспортот и во цената на храната и основните производи
И токму тука улогата на централната банка станува клучна. Каде се проценките за ифлацијата? Каде се сценаријата? Каде се јасните предупредувања до Владата и јавноста?
Не е прашање на комуникација, туку на приоритети
Ова не е критика за тоа дали гувернерот „смее“ да пишува колумни. Секако дека смее. Прашањето е за што избира да зборува кога јавноста очекува одговори на најтешките економски прашања?
Во моменти кога соседните држави веќе носат драстични мерки за горивата, кога се размислува за ограничувања, субвенции и интервенции, Македонија има потреба од институционална тежина – од глас кој ќе каже колку долго можеме да издржиме, кои се ризиците за девизните резерви, дали следи нов ценовен шок и што значи тоа за стандардот на граѓаните
Наместо тоа, добиваме – аналогија со автомобил, лекции за сообраќајна култура и апологетика на владини сообраќајни мерки.
Кризата не трпи одвлекување на вниманието
Во политиката, често се користат споредби за да се поедностават сложени теми. Но во економска криза, погрешните споредби можат да создадат лажна сигурност. Ова не е сообраќајна ситуација што бара внимателно кочење. Ова е системски ризик што бара брза, јасна и храбра реакција.
И затоа, прашањето не е дали една колумна за гуми е проблем сама по себе. Прашањето е:
дали институциите ја препознаваат тежината на моментот или се однесуваат како да е уште еден обичен ден?
Гувернерот на централната банка не е јавен инфлуенсер за животен стил. Тој е чувар на економската стабилност.
Во време кога граѓаните се подготвуваат за нов удар врз буџетите, кога компаниите калкулираат дали ќе преживеат нов ценовен бран, а државата бара начин да го амортизира шокот – јавноста не очекува совети за возење. Очекува сигнал. Очекува насока. Очекува лидерство.
И тоа – веднаш.
