Случајот „Пулс“ на пат да заврши како „Змиско око“ – без правда

Голем дел од јавноста има токму такво чувство: дека сегашната власт, преку случајот Кочани, прави еден вид реваншизам, но со модернизирана маска – не преку класично „компромисно“ СЈО, туку преку „уценето“ Обвинителство и полиција.

Љубиша НИКОЛОВСКИ

Во вчерашниот циклус пратенички прашања премиерот Мицкоски имаше три одговори кои се однесуваа на трагедијата во Кочани и начинот на кој се води истрагата и кои можат да се анализираат.

Најбениген, но медиумски доста забележителен беше оној даден на пратеникот од СДСМ Митко Трајчулески во однсо на селективноста на истрагата.

Тој сакајќи да ја поткрепи независноста на Обвинителството, во кое патем никогаш не верувал и сè уште се сомнева, рече: „Ако јавниот обвинител одлучи дека мене треба да ме приведат, нека ме приведат“!

Се разбира дека тоа нема да се случи, па оттаму и изјавата е изнасилена и има само ПР контекст.

Но факт е дека во првите денови по несреќата Мицкоски јавно се инволвираше во истрагата покажувајќи документи кои беа дел од истрагата со што ја инкриминирааше и јавно тврдеше дека градоначалникот од редовите на ВМРО ДПМНЕ не е воопшто виновен.

За тоа тогаш Коцевски не реагираше, па нема ниту сега.

Она што исто така заслужува коментар е одговорот во кој Мицкоски успешноста на истрагата ја квантифицира, односно ја споредува преку бројот на опфатени лица.

Премиерот рече дека во моментов во истрагата за трагедијата во Кочани се опфатени 68 лица, меѓу кои и актуелни функционери што како што рече „во време на СДСМ било невозможна мисија“ и додаде „дали бројката на опфатени во истрагата ќе остане на 68 или ќе се зголеми, ќе каже Обвинителството“.

Ваквите фалби на премиерот не му одат во прилог на изјавите за брза разрешница на случајот со која родителите и јавноста ќе ја видат правдата за брзо време.

Само за споредба случајот „Пулс“ и со оваа бројка на опфатени веќе го надмина рекордот што до неодамна го држеше случајот „Змиско око“.

Случајот „Змиско око“ беше еден од најголемите и најдолготрајни судски процеси во поновата македонска историја. Започнат во 2007 година, овој случај опфати 46 вработени во „Македонија пат“, обвинети за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување.

По 16 години судење, во октомври 2023 година, случајот официјално застаре, откако обвинителството го повлече обвинението, а судот донесе одлука за застареност на кривичното дело.

Оттаму сериозна е загриженоста кај правниците дека и „Пулс“ ќе ја доживее истата судбина.

Имено Државниот јавен обвинител Љубомир Коцевски на 16 март 2025 година изјави  дека на семејствата на жртвите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани им гарантира целосна и брза истрага.

Но  во средината на април 2025 година, Коцевски се корегира и изјавува дека истрагата ќе трае уште најмалку два месеца, со цел да се обезбедат сите потребни докази и да се утврди одговорноста на сите инволвирани страни .

Ова значи дека обвинителниот акт може да се очекува дури и по завршување на сите истражни дејствија. Тоа според сè  може да потрае и до летото односно до јуни и јули и на тој начин да се совпадне со времето на распишување на локалните избори, кои спикерот Гаши ги најаваи токму за овој период.

Значи истрагата и обвинителниот акт ќе си најдат место во изборната кампања на Власта и на опозицијата. Каков ефект ќе има тоа на излезноста допрва ќе се види.

Третиот сегмент од истиот одговор на Мицкоски е најчуден. Во одговорот до Трајчулески, каде тој му забележува дека со истрагата се штитат актуелните функционери на сметка на многу поранешни, премиерот сакајќи да демантира, рече дека се опфатени 68 лица, меѓу кои и актуелни функционери!?

Единствениот актуелен член на Владата во притвор е Шабан Салиу, министер без ресор. Точно, но тој не е член на ВМРО ДПМНЕ и е во притвор за функција што ја имал како директор на ДЗС од 2008 во времето на Никола Груевски. За разлика од „непристрасноста“ на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ „пристрасно“ си уапси и осуди двајца свои истакнати функционери, генералните секретари на Владата.

И за крај е оној емотеивен дел од одговорот на Мицкоски што потсвесно ја издава политичката позадина на истрагата на случајот „Пулс“ во кој тој вели:

„Седум години нè затворавте, нè приведувавте и до ден-денес ВМРО-ДПМНЕ е под прогон на обвинители од времето кога СДСМ ги бираше“!

Единствената паралела што од тоа може да се изведе е дека мисли на случаите на СЈО.

Голем дел од јавноста има токму такво чувство: дека сегашната власт, преку овој случај, прави еден вид реваншизам, но со модернизирана маска – не преку класично „компромисно“ СЈО, туку преку „уценето“ Обвинителство и полиција.

Тоа што структурата наликува на времето кога СЈО беше активна – масовни обвиненија, медиумска бомбардираност, долготрајни постапки без пресуди – само ја зајакнува перцепцијата дека тука не се брка правда, туку се води политичка пресметка преку- трагедија.

И најтрагично е што, додека тие си водат „војна“, семејствата на жртвите остануваат без одговори, а народот гледа уште една тажна епизода во која државата повторно не функционира.

Зачлени се на нашиот е-билтен