Со бомби наместо преговори – Русија го одолговлекува мирот

Олександар ЛЕВЧЕНКО

Со масовните напади врз Украина, Русија покажува целосно непочитување на меѓународните напори за завршување на војната. Путин и неговото опкружување не сакаат да го прекинат конфликтот и подготвуваат нови офанзивни операции. Масовните воздушни напади врз украинските градови немаат значајна воена цел, туку политичка и психолошка – да го поткопаат моралот на Украинците, да ги заплашат и да го натераат Киев на капитулација. Без прекин на воздушниот терор, Русија отворено се потсмева на обидите за започнување на вистински мировен процес.

Некои медиуми почнаа да известуваат за условите на претседателот Владимир Путин за завршување на војната во Украина. Најверојатно тие вклучуваат барање западните лидери да се обврзат дека ќе го запрат проширувањето на НАТО кон исток и укинување на дел од санкциите против Русија. Се тврди дека Путин е подготвен за мир, но не по секоја цена. Тој сака да добие „писмена“ обврска од западните држави дека НАТО нема да се шири кон исток, што би го исклучило членството на Украина, Грузија, Молдавија и други поранешни советски републики. Русија, исто така, сака Украина да биде неутрална, да се укинат дел од западните санкции и да се „заштитат“ руските граѓани во Украина.

Путин разбира дека не може да постигне мировен договор според неговите услови, но се обидува преку воени победи да покаже на Украинците и на Европејците дека „мирот утре ќе биде уште поболен“. Сега изгледа помалку подготвен на компромис за територијата; сака сите четири региони на истокот од Украина, за кои Русија тврди дека има право, да бидат целосно под нејзина контрола.

Според извори на Ројтерс од Русија, Путин изразил подготвеност за делумно решавање на конфликтот, при што Москва би се согласила да префрли дел од замрзнатите руски резерви во странство – повеќе од 300 милијарди долари – за финансирање на обновата на Украина по војната. Оваа опција би можела да стане дел од потенцијален мировен договор. Сепак, Кремљ е подготвен на таков чекор само во замена за горенаведените политички отстапки. Доколку Западот не се согласи на руските услови, Кремљ планира да ја продолжи борбата, демонстрирајќи ја својата воена надмоќ.

Можно е ова да е реакција на лидерот на Кремљ на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека Путин „се игра со оган“. Трамп се закани со „лоши работи“ за Русија. Последниве денови, ова е веќе трета остра изјава против Русија и лично против Путин. Претходно, американскиот претседател изјави дека со Владимир Путин „нешто се случило“, по што тој „целосно полудел“, напаѓајќи мирни градови и села во Украина. Трамп се закани со „пад на Русија“ доколку сака да ја заземе цела Украина.

Како одговор на критиките на Доналд Трамп упатени кон лидерот на Кремљ, Дмитриј Медведев кажа навистина лоша работа – Третата светска војна. Специјалниот пратеник на американскиот претседател, Кит Келог, одговори на коментарот на заменик-претседателот на руското Советот за безбедност, нарекувајќи ја неговата изјава „непромислена“. „Борбата со стравот од Трета светска војна е несреќен, непромислен коментар на Медведев, кој не е достоен за светска сила“, забележа тој. Келог додаде дека претседателот Доналд Трамп работи на тоа да го „прекине овој конфликт и да го запре убивањето“. Тој, исто така, забележа дека Соединетите Држави го чекаат ветениот „меморандум“ за прекин на огнот од Русија. Специјалниот пратеник го повика Кремљ „веднаш да го прекине огнот“.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека нова рунда преговори со Украина ќе биде најавена во блиска иднина. „Сè уште не сме стигнале до фаза на прекин на огнот и привремено примирје. Прво, мора да се договориме за текстовите на меморандумот и да се развие список на услови за привремено примирје“, рече портпаролот на рускиот диктатор Песков, лажејќи дека Украина напаѓа станбени области во Руската Федерација, додека руската страна наводно напаѓа само воени цели. Според него, на Русија ѝ се наметнуваат „западни платформи“ за преговори. Претходно се наведуваше дека се разгледуваат неколку платформи за можни разговори со Русија за прекин на војната. Најреални се Турција, Ватикан и Швајцарија. Сепак, С. Лавров веднаш ја отфрли можноста за преговори во Ватикан, нарекувајќи го „претерано католички“.

Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски на 28 мај престојуваше во официјална посета на Берлин, каде што се сретна со канцеларот Фридрих Мерц. По средбата, германскиот канцелар изјави дека Германија ќе ја поддржува Украина онолку долго колку што е потребно, а најави и почеток на нова форма на воено-индустриска соработка меѓу двете земји, истакнувајќи дека Украина ја брани безбедноста на Европа од „воениот ревизионизам“ на Москва. Мерц вети дека Германија ќе финансира „значаен дел“ од трошоците за Starlink во Украина. Министрите за одбрана на двете земји ќе потпишат и изјава за намера за купување на оружје со долг дострел од украинско производство. „Нема да има ограничувања за оружје со долг дострел, Украина ќе може целосно да се брани и да ги погодува воените цели и надвор од територијата на Украина. Ова е почеток на нова форма на воено-индустриска соработка“, рече канцеларот.

Претседателот Володимир Зеленски, пак, најави нови договори за противвоздушна одбрана и ракети за ПВО. За време на средбата, политичарите разговараа за поддршката за Украина и напорите за постигнување прекин на огнот. Владата на германскиот канцелар не ја исклучува можноста за трансфер на крстосувачки ракети „Таурус“ во Украина, но Берлин не сака јавно да го разгледува ова прашање.

Да потсетиме, Германија е еден од лидерите во обезбедување воена помош за Украина. Берлин ѝ обезбеди на украинската армија тенкови, артилерија, муниција, ПВО системи, вклучувајќи и најнови ракети за ПВО, и многу друго оружје. Германија планира да го финансира развојот и масовното производство на крстосувачки ракети со дострел до 2.500 километри во Украина. Берлин преговара за испорака на дополнителни системи за ПВО IRIS-T за Украина и ќе издвои 5 милијарди евра за оружје, муниција и сателитски комуникации за Украина.

Досега, Германија веќе потрошила околу 5 милијарди евра (во 2023 година) и околу 1,6 милијарди евра (во 2022 година) за воена помош на Украина. Дополнителни 2,9 милијарди евра се издвоени за првите две години од војната, за испораки што ќе стигнат во периодот 2025–2028 година. Германија ќе продолжи со воената поддршка на Украина за земјата, која стана жртва на неиспровоциран напад, да може да се заштити од руската агресија сега и во иднина, изјави шефот на германската влада.

Норберт Ретген, заменик-претседател на водечката парламентарна фракција ЦДУ/ЦСУ, предложи конфискација на 250 милијарди евра руски суверен имот во ЕУ за финансирање на обновата на Украина. Тој смета дека таквите активности не се спротивни на меѓународното право, бидејќи би се однесувале само на државните фондови на агресорот, а не на приватен имот.

На заедничката прес-конференција, германскиот канцелар рече дека Киев веќе неколку недели е подготвен за итен и безусловен прекин на огнот, а украинската страна „јасно стави до знаење: никој не сака мир повеќе од Украина“. Украина не е подготвена само за прекин на огнот, туку и за следната фаза – технички преговори со Русија, без разлика на нивната локација.

Истовремено, претседателот Володимир Зеленски изјави во разговор со новинарите дека „Украина не е заинтересирана САД да се повлечат од преговарачкиот процес меѓу Киев и Москва“. Освен тоа, нагласи Зеленски, станува јасно дека Москва постојано го одложува процесот на постигнување договор за прекин на огнот, манипулирајќи со локацијата на состаноците и темите за разговор. На пример, предложена беше Женева во неутрална Швајцарија, но Кремљ инсистира на состанок во Турција, која е членка на НАТО. Очигледно, Москва сака да покаже дека изборот на местото за преговори е нејзино исклучиво право.

Ако Русите навистина имаат подготвени предлози за Меморандум за завршување на војната, зошто не ги достават до Киев на разгледување, наместо преку медиуми да споделуваат текстови што не можат да се сметаат за официјални. Ако украинската делегација се сретне со Русите во Истанбул, тогаш мора да се разговара за содржината, а не само да се прима документ и да се заминува, чекајќи нов договор за време и место на следниот состанок. Очигледно е дека Москва не го сфаќа сериозно преговарачкиот процес и тргнува од принципот „или по мое или ништо“. Изгледа дека Кремљ сака да постави барања што се целосно неприфатливи за Киев, за потоа да ја обвини украинската страна за блокирање на преговорите.

Но диктатот на арогантната позиција на Руската Федерација, која е во целосна спротивност со нормите и принципите на меѓународното право, не може да се наметне без дискусија. Соединетите Американски Држави и европските земји мора да ѝ помогнат на Украина да одговори на провокативните чекори на руската страна и да ја принудат да постигне праведен мир.

Олександар ЛЕВЧЕНКО e поранешен украински амбасадор во Хрватска и Босна и Херцеговина

Зачлени се на нашиот е-билтен