Search
Close this search box.
Search
Close this search box.

Соочувањето со минатото ослободува

Kога положувавме цвеќе (најчесто пред затворените врати на поранешните логори), први што положуваа цвеќиња беа токму тие кои припаѓаа на етнички групи за кои се смета дека се одговорни за страдањата во тоа место. Никој не го побара тоа од нив.

Љуан ИМЕРИ

Заедно со група поранешни затвореници од војната во Босна и Херцеговина, мировни активисти, новинари и воени ветерани (од сите три завојувани страни), предводени од Центарот за ненасилна акција, изминатиов викенд ги посетивме дел од поранешните логори во Херцеговина. Бевме во касарната во Челебиќи во Коњиц, Хелиодромот во Мостар, поранешното училиште во Зијемље и музејот „Битка за ранетите на Неретва“ во Јабланица. Сите овие места се признати како места за притвор (во неколку пресуди на Хашкиот трибунал, Судот на Босна и Херцеговина и други судови) а за злосторствата извршени на овие локации се осудени на повеќе луѓе. Сепак, сеуште ниту едно од овие места не е обележано како такво.  

Вкупниот број на логори и притворни центри што постоеле во Босна и Херцеговина во периодот 1992-1995, сѐ уште не е целосно познат. И покрај тоа што сторителите на многу злосторства извршени на овие простори се осудени, факт е дека многу од нив уште се на слобода, а тоа и најмногу ги погодува жртвите. Воедно, постојат објекти за притвор односно логори за кои никој никогаш не сносеше одговорност. Што е уште поважно, постојат бројни места за притвор, за кои јавноста не знае.

Но, и покрај фактот што многу места на страдање, вклучително и логори, не се обележани до ден денес, пристапот до такви места често се спречува или отежнува особено за поранешните затвореници, преживеаните, семејствата на убиените и активистите.  И да, и ние се уверивме во ова. Иако заедничката посета на тие места беше и повик до властите, особено оние на локално ниво, да бидат поддршка, а не пречка за жртвите кои се борат за правото на паметење, да им овозможат непречен пристап до локациите, сепак се случи нешто друго. Иако најавени, некаде срамежливо ни ги отворија вратите (армијата во касарната во Челебиќи), некаде ни ги затворија вратите (Хелиодромот во Мостар), некаде воопшто не се потрудија да се занимаваат со нас (музејот „Битка за ранетите на Неретва“ во Јабланица). Но без разлика, ние бевме таму и во сите овие места оставивме бели ружи во знак на сеќавање на жртвите. 

Неколку факти за местата кои ги посетивме:

Логорот Челебиќи бил основан од силите на босанските Муслимани и босанските Хрвати  во средината на 1992 година во поранешниот објект на Југословенската народна армија (ЈНА). Повеќето од затворениците кои биле приведени овде меѓу април и декември 1992 година биле мажи од српска националност, заробени за време и по воените операции. Покрај голем број мажи, во кампот биле затворени и жени. За време на нивниот престој во кампот, затворениците биле убивани, мачени, сексуално злоупотребувани, тепани и подложени на друг суров и нечовечки третман.

Музејот „Битката за ранетите на Неретва“ во Јабланица, во периодот од 15 април 1993 година до 22 март 1994 година, бил претворен во затвор за цивили и војници од хрватска националност. Во кампот се вршени злоставувања и сексуално насилство.

Училишната зграда во Днопоље во летото 1992 година служеше како место за притвор за лица од бошњачка националност од поширокото подрачје на Невесиње. Српските сили, вклучително и доброволци, малтретирале, тепале и испрашувале 76 затвореници, а откако ги мачеле и разделиле жените и мажите, ги убиле сите мажи. Нивните останки се пронајдени во јама.

Објектите на поранешната касарна на ЈНА јужно од Мостар, служеле како место за притвор за бошњачките цивили и војници од поширокото подрачје на Мостар. Затворениците биле подложени на тешки услови и ограничен пристап до храна и вода и биле принудени да работат. Освен тоа, секојдневно биле изложени на малтретирање и тепање. Во текот на 1993 година, бројот на притворени се искачил на дури 6.000 луѓе. Најмалку 54 приведени загинале како резултат на задржување во овој објект.

Мои впечатоци:

Тоа што навистина ми остави впечаток е тоа што на ова патување ни се придружија и многу поранешни затвореници, воени ветерани и мировни активисти од многу градови од поранешна Југославија (Мостар, Рогатица, Завидовиќи, Коњич, Сански Мост, Рудо, Дервента, Жепча, Фојница, Ливно, Сараево, Нови Град/ Босански Нови, Добој, Приједор, Шамац, Горажде, Бихаќ, Брчко, Бугојно, Белград, Параќин, Чачак, Крушевац, Прилеп, Скопје, Пожега и Загреб). Ги имаше од сите етнички групи.

Потоа, кога положувавме цвеќе (најчесто пред затворените врати на поранешните логори), први што положуваа цвеќиња беа токму тие кои припаѓаа на етнички групи за кои се смета дека се одговорни за страдањата во тоа место. Никој не го побара тоа од нив. Етнички Срби оставија бели ружи пред вратите на ужасот во кој страдале босански Хрвати и босански Муслимани, етнички Хрвати кај жртвите Муслимани и Срби и Муслимани кои ги почитуваа жртвите Срби и Хрвати. Имаше многу емпатија. Говореа луѓето кои самите биле во тие логори, а заеднички за сите е ширењето на мировни пораки за тоа никогаш повеќе да не се повтори. Тие не стравуваа од телевизиските екипи, не стравуваа дека ќе бидат етикетирани како предавници и дека некој може да им се освети. А да, тоа е многу веројатно дека ќе им се случи. Им се има случено безброј пати. Ми се случи и мене на враќање на еден од граничните премини.  Но и покрај тоа, овие луѓе покажаа дека тие се вистинските херои. Тие иако некогаш војувале едни против други, денеска (односно сега веќе 10 години) тие шират мир и даваат мировни пораки насекаде кај и да одат.

Мојот последен впечаток е поврзан со нивната скромност и упорност. Од 2015 година го прават ова. Секоја година се соочуваат со многу проблеми и затворени врати. Многу притисоци и етикетирања. Но нивната упорност, искреност и човечност прави да секоја година се подотвора по некоја врата. Тие не се откажуваат. Веруваат дека тоа што го прават е исправно. Кажаа дека пак ќе пробаат следната година. Можеби ќе се подотвори некоја од денешниве затворени врати. Можеби. Но, најважно е дека тие го имаат отворено процесот за соочување со минатото. Ние не!

Зачлени се на нашиот е-билтен