Треба некој да му каже на Мицкоски, зашто, ете да прифатиме дека тој е неопитен во овие работи, дека средбите во високата политика не се случуваат случајно или со вклопување на распоредите
Зоран БОЈАРОВСКИ
Мицкоски одбра телевизија преку која ѝ соопшти на јавноста дека тој „никогаш не најавувал средба со Мицотакис и дека „распоредите не им се вклопиле“, па затоа немало средба.
Како да не се сеќаваме дека повторуваше дека тој е подготвен во било кое време да разговара за прашањето што ги влоши односите со Грција веднаш откако ја презеде власта.
И во истото тоа интервју тој вели дека „бевме таму во истите простории и на исто место, на некои 50- 100 тина метри заедно, некогаш и поблиску, но никогаш не постоеше каква било потреба од таков вид на средба“.
Па има ли поголема потреба од средба со соседна земја, со која само пред еден месец имавме добри односи.
Треба некој да му каже на Мицкоски, зашто, ете да прифатиме дека тој е неопитен во овие работи, дека средбите во високата политика не се случуваат случајно или со вклопување на распоредите.
Ако биле на 50-тина, 100-тина метри, „а понекогаш и поблиску“, има ли поголема прилика од тоа директно в лице да му го каже на Мицотакис тоа што му порачуваше од Скопје од далечина од 700 и кусур километри. Да му каже да не се прави Талибанец, да му каже дека односите меѓу две земји се двонасочна улица, да му каже дека Мицотакис треба да го прифати неговото човеково право нашата земја да ја нарекува како сака, а не така како што е запишано во Уставот и потврдено со меѓународните договори…
И на крајот да му каже дека тој е подготвен, заедно со Мицотакис, бидејќи и грчкиот премиер е несреќен со Преспанскиот договор, да започне, заедно со него да отпочне постапка за поништување на договорот од Нивици во 2018 година.
И тоа токму на настан по повод 75 годинни на НАТО сред Вашингтон. Па има ли подобра прилика и место за да им се соопшти на сојузиниците во Алијансата дека Преспа не важи. Дека сите нивни заложби на сојузниците да дојде до тој договор, тие двајца, Мицкоски и Мицотакис, ги понижуваат и отфрлаат.
Ама, ете, за еден ваков историски и политички потег без преседан, на Мицкоски распоредот не му се совпаднал со оној на Мицотакис.
А како му вклопи распоредот за средба со бугарскиот технички премиер, да прашаме?
Сепак, мора да се признае дека во едно им се поклопиле распоредите: Во интервјуата за најгледаните ТВ станици во Северна Македонија и Грција.
Синхроницитетот тука профункционирал успешно, па и Мицотакис даде интервју за ТВ Скај, во кое го откри оружјето што го најавуваше како „тајно“.
„Најголемото оружје со кое располага Грција е тоа што е ‘надзорник’ на европскиот тек на Скопје. И факт е дека не може да има никаков пристап до Европа, ниту чекор, ако не се реши прашањето преку јасна изјава на раководството на соседната земја дека ова е името на државата и важи за сите. Односно да се повтори очигледното, она што го имаат потпишано. Не бараме ништо различно. Pacta sunt servanda“, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за ТВ Скај, јави дописничката на МИА од Атина.
Тој уште посочи дека за конкретното прашање „Грција не е сама и има поддршка од цела Европа“, а грчката „позиција е апсолутно разбирлива“.
Но, и на Мицотакис тоа не му било доволно за да му прореди „непријатно искуство“ на Самитот на НАТО, како што најавуваше, односно се закануваше.
Очигледно и нему некој треба да му каже дека заканите не се решение, уште помалку отворените прашања, ако остануваат отворени предолго време. Тоа само ги усложнува работите.
Во 2018 година двајцата претходни премиери, Заев и Ципрас, решија многу, многу посложен проблем. И тогаш Европа, ама и светот, покажаа апсолутно разбирање, а Преспанскиот договор доби едногласна, масивна поддршка од меѓународната заедница.
Ама за двете страни. И за Северна Македонија и за Грција, а не само за една од тие држави.
Тоа е таа голема разлика што прави промени.