Прашањето е едноставно: дали државата ќе го отвори Уставот контролирано и со визија, или ќе чека прашањата што стојат пред уставната книга да се отворат под притисок – однадвор или одвнатре?
Зоран БОЈАРОВСКИ
Постои ли поголем парадокс од држава која се плаши од сопствениот Устав? Во Северна Македонија, токму тоа се случува денес: После вчерашната изјава на Мицкоски на дебатата за потребата од донесување на закон за уставна жалба, дека „во моментот нема политички услови за отворање на Уставот“, власта јасно стави до знаење дека нема да поддржи таков процес. Не затоа што нема причини, туку затоа што има премногу.
Но, стравот не е од една измена. Стравот е од лавината што може да ја повлече првата обврска за која што треба да се отвори Уставот.
На маса веќе стојат неколку сериозни иницијативи. Една од нив е воведувањето на уставна жалба, којашто одамна е препознаена како неопходен инструмент за заштита на правата на граѓаните. Во отсуство на таква можност, македонските граѓани правдата често ја бараат надвор од државата, во Европски суд за човекови права.
Апсурдно е што земја која се стреми кон европски стандарди, сè уште нема механизам што е стандард во регионот и во Европа. Само Македонија нема
Но, Мицкоски, со терцирање на претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, е категоричен: За воведување на институтот уставна тужба е потреба измена на Уставот на државата, за што во моментот не се создадени политички услови, согласни се претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, и премиерот Христијан Мицкоски.
Прашани што значи тоа да се создадат услови, одговори, се разбира, премиерот Мицкоски, кој посочи дека промена на Устав е политичка тема, која во конкретниот случај се однесува на правна тема, односно, како што кажа, потребата Уставниот суд конечно да добие своја тежина во самиот Устав.
„Од моментот на осамостојувањето на државата до денес ова се провлекува и сега ние сме дојдени во ситуација тоа што претставува товар од минатото да го решаваме и ќе го решиме кога ќе се создадат политички услови. Сега, во моментот, такви политики услови не се создадени, да бидам попрецизен“, рече Мицкоски.
Но, токму тука започнува калкулацијата и стравот.
Отворањето на Уставот по ова прашање автоматски го отвора и многу почувствителниот услов, внесувањето на бугарското малцинство како дел од обврските на патот кон Европската Унија. Ова не е само правно прашање, туку политичка калкулација со која за партијата на власт, ВМРО-ДПМНЕ и за Мицкоски е игра со висок влог, односно политички ризик. Стравот дека ова ќе повлече лавина и од други, непредвидени, барања, очигледно, ја плаши извршната власт.
И тука не завршува списокот на „непожелни теми“.
Во сенка, но далеку од заборавена, останува и можноста за преиспитување на уставните и законските решенија за употребата на јазиците. Пред една година, изјавите на Дарко Костадиновски за „расчистување на хаосот“ околу Законот за јазици и т.н. балансер беа доволни да предизвикаат политичка бура. Реакциите од албанскиот политички блок беа остри, со предупредувања дека станува збор за опасна игра со чувствителни етнички прашања.
Сето тоа ја прави уставната дебата налик на Пандорина кутија: Власта знаат дека внатре има проблеми што мора да се решат, но оваа владина гарнитура со Мицкоски на чело, не сака да биде таа што ќе ја отвори. Не се создадени политички услови, нели.
Владата, наместо да ја преземе таа одговорност, избира да калкулира. Да го зачува мирот во коалицијата. Да избегне политички ризици. Да одложи. Но, секое одложување има цена.
Цената се плаќа во Стразбур, каде граѓаните ја бараат правдата што не можат да ја добијат дома. Цената се плаќа во Брисел, каде европската перспектива стои закочена поради неисполнети обврски. Цената се плаќа и дома – во растечката недоверба кон институциите.
Прашањето е едноставно: дали државата ќе го отвори Уставот контролирано и со визија, или ќе чека прашањата што стојат пред уставната книга да се отворат под притисок – однадвор или одвнатре?
Зашто, избегнувањето на проблемите не ги решава. Само ги акумулира. Ако не се најде „вентил“ за тој притисок кој ќе расте со времето, тогаш веќе нема да станува збор за страв од отворање на Уставот – туку за страв од последиците од неговото предолго затворање.