Стручното и дуалното образование: Меѓу надежта и ризиците за детските права

Прекумерната економизација на образованието ризикува да ги претвори децата во „работници во обука“, наместо да ги препознае како ученици со права и потенцијал за општествена промена.

Љуан ИМЕРИ

Деновиве сè почесто може да се сретнат мислења од истакнати познавачи на образовните политики кои го глорифицираат стручното образование, нагласувајќи го потенцијалот за економски развој, намалување на невработеноста и подобрување на социјалната мобилност, особено кај младите. Во обидот да ги приближиме младите до економијата преку модели како дуалното образование, сметам дека постои реална опасност да ги оддалечиме од севкупната образовно-едукативна мисија. Прекумерната економизација на образованието ризикува да ги претвори децата во „работници во обука“, наместо да ги препознае како ученици со права и потенцијал за општествена промена.

Во настојувањето да се воспостави посилна врска меѓу младите и пазарот на трудот, често се загрозува суштинската улога на образованието. Стручното и дуалното образование секако дека има потенцијал да обезбеди практични и непосредно применливи вештини на пазарот на трудот, и да придонесе за намалување на долгорочната невработеност, која претставува еден од клучните двигатели на сиромаштијата. Соработката меѓу образованието и економијата е честопати прикажувана како клучна алатка за модернизација и подобрување на можностите за младите. Бизнис заедницата и стопанските комори се позиционираат како неопходни партнери во напорите за развој на стручното образование. Во пракса, нивната поддршка се движи помеѓу декларативна заложба и реално учество. Иако постојат примери на успешна вклученост преку организирање на практична настава, донирање опрема или соработка со образовни институции, оваа вклученост останува ограничена како по обем, така и по географска распространетост.

Пред да се продлабочат или прошируваат моделите на дуално образование, потребно е да се потсетиме дека образованието не е пазарна алатка, туку основно човеково право. Секој ученик, без разлика дали се обучува за струка или академска професија, пред сè е дете чии права мора да бидат заштитени и почитувани, независно од економските приоритети и логиката на продуктивност. На децата им е потребно образование што не само што ќе ги подготви за професионална кариера, туку ќе им помогне да (о)станат среќни, здрави, самостојни и одговорни членови на општеството. Затоа, образованието не може да биде сфатено како пазарна услуга – тоа е основно човеково право.

Нема сомнение дека современите пазари бараат млади луѓе кои не само што знаат, туку и умеат. Во тоа светло, стручното образование (може да) игра клучна улога. Компаниите бараат технички кадар, а учениците шанса за работа и финансиска независност. Но кога образованието почнува да се моделира исклучиво според краткорочните потреби на стопанството, се поставува прашањето: дали го образуваме младото население или го подготвуваме за на „фабричка лента“? Дополнителен предизвик е прашањето за заштитата на правата на учениците во системот на дуално образование. Иако учениците формално не се работници, реалноста покажува дека често се третираат како евтина или бесплатна работна сила. Во светот се бележат случаи на прекумерна работна ангажираност, ограничена едукативна вредност од практичната настава и отсуство на јасни механизми за заштита на детските права. Бизнис секторот, за жал, ретко ја става благосостојбата на учениците во фокус, иако токму тој сектор би требало да биде модел за општествена одговорност и етичко постапување. Законската рамка е присутна, но не секогаш се спроведува доследно. Надзорот е слаб, а институциите неретко реагираат дури по пријава на злоупотреба.

Првите предупредувања може лесно да се гледаат токму тука: учениците се вклучуваат во процеси на работа што често не се едукативни, туку продуктивни; времето поминато во компанија не секогаш е под менторство, туку во извршување на рутини кои придонесуваат за профитот на фирмата; а во некои случаи, дури и без надомест или заштита. Најмладите учесници во системот, малолетните ученици, често се перципираат како “работници во обука” наместо како ученици/деца со права.

Затоа, пред да продолжуваме да ги глорифицираме овие „дуални“ модели, мора да се запрашаме: каква е суштинската цел на образованието денес? Одговорот е едноставен, образованието мора да нè научи како да учиме, како да живееме заедно, како да правиме, и на крајот – како да бидеме. Мора да останеме доследни на едноставната вистина дека секое дете има право на образование што го ослободува, го штити и го подготвува за достоинствен живот – а не образование што го сведува на функција во пазарна логика. Кога образованието ќе се сведе само на пазарна функција, а не на човеково право, неговата суштина се губи.

Според Конвенцијата за правата на детето, секое дете има право на образование што ќе го развива неговиот целосен потенцијал, право на заштита од економска експлоатација и право на учество во одлуките што директно го засегаат. Дуалното образование, доколку не е внимателно дизајнирано и регулирано, може лесно да ги загрозува овие права. Ризиците не се теоретски, тие се реални и веќе присутни. Сè почесто децата од социјално ранливи категории се насочуваат кон стручно образование, не како избор, туку како единствена достапна опција. Така, наместо алатка за надминување на социјалните разлики, дуалното образование станува механизам за нивна репродукција. Истовремено, многу компании што се вклучени во дуалниот модел немаат ниту капацитет, ниту мотивација да понудат вистинска образовна вредност. Работата на учениците во тие компании често се сведува на извршување едноставни и рутински задачи, без едукативна поддршка, без можност за напредување.

Улогата на образованието не е да создава само функционални работници, туку активни, критички освестени и општествено одговорни граѓани. Кога оваа димензија се потиснува, образовниот систем престанува да биде алатка за општествен развој и се претвора во фабрика за евтина и покорна работна сила – во тивка гласачка машинерија.

Образованието не е привилегија, туку основно човеково право. Тоа не треба да се третира како трошок, туку како клучна инвестиција во праведна, инклузивна и хумана иднина. Затоа мора да биде достапно, квалитетно и безбедно за секое дете, без оглед на неговото потекло, социоекономски статус или лични околности.

Глобалната образовна криза, особено во делот на квалитетот, еднаквоста и инклузивноста, бара темелна трансформација на содржините, методологијата и вредносната парадигма на училишниот систем. Оваа промена не е идеалистичка желба, туку итна потреба. За нејзино остварување потребни се силна политичка волја, долгорочна национална посветеност и општествена солидарност. Образованието мора да стане стратешки приоритет и да биде на врвот на секоја јавна и владина агенда.

И да, универзитетите мора да ја заземат својата општествена улога со поголема јасност и храброст. Тие не смеат да дозволат образованието да се сведе на производна линија за човечки ресурси. Нивната улога не е да ги приспособуваат младите на барањата на економијата, туку да ги оспособуваат да размислуваат, да прашуваат и да го менуваат општеството во кое живеат. Приватниот сектор може да биде важен партнер, но никогаш главен архитект на образовниот систем. Образованието е јавно добро. Ако навистина сакаме систем кој ги става децата и младите во центарот, потребна е соработка меѓу државата, стопанството и академската заедница, но на начин што ги штити нивните права и интереси – не интересите на профитот. Образованието не е еднонасочна улица. Тоа е отворен и флексибилен пат со повеќе можности и излези – за критичко мислење, за личен развој, за општествена одговорност. На тој пат, универзитетите треба да бидат светилки, не следбеници.

Зачлени се на нашиот е-билтен